Рецензија: СДСМ пак се посрамоти: Со цела партиска логистика и сите пари на СОРОС собра едвај 3000 луѓе

sdsm-soros-studenti-final-002-crop-resize

 

Ова е  текст, кој како што вели народот, „при очи те прави слеп“. Во обид да спинува, написот има само една цел: да се дискредитира студентскиот марш. Притоа се дискредитираат и СДСМ и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ (ФООМ). Во ниту еден дел од текстот нема факти, а целиот „вреска“ од спинови, притоа, иако е голем, не е содржаен, пристрасен е, не е вистинит, нема извори… Значи, ова е текст кој е надвор од сите новинарски стандарди, просто текст кој во средини со развиено новинарство би предизвикал негодување.

СДСМ пак се посрамоти  Со цела партиска логистика и сите пари на СОРОС собра едвај 3000 луѓе Press24Наслов на анализираниот напис: СДСМ пак се посрамоти: Со цела партиска логистика и сите пари на СОРОС собра едвај 3000 луѓе

Датум и време на објавување: 10.12.2014, 13:26

Датум на рецензирање: 10.12.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КАДЕ Е ПАРТИСКАТА ЛОГИСТИКА?

„Ниту цела партиска логистика, ниту парите на СОРОС, ниту пак максималниот партиски ангажаман. Сите ресурси на СДСМ не беа доволни за да се соберат повеќе од две до три илјди луѓе на денешниот партиски протест, кој барем на хартија, го организираше соросовиот Студентски пленум.“

Овој пасус нема никаква врска со вистината, а е напишан со голема леснотија.Во него нема ниту еден факт, што само покажува дека има цел да манипулира со читателите. Никаде нема аргумент дека на студентскиот протест била ангажирана партиската логистика. Ако сакале да докажат дека е вклучена цела партиска логистика, текстот мора да понуди и докази, најнапред со фотографии. На пример, во логистика спаѓа помош во автомобили (партиски), мобилни телефони, транспаренти… Тоа текстот не може да го докаже. Има една фотографија која покажува масовен собир на луѓе. Не се знае ниту на што се мисли кога се тврди дека „не се доволни сите ресурси на СДСМ“. Каде се тие ресурси, кои се? Тоа никаде го нема. Иако нема ниту еден извор, текстот сака да ни се прикаже како вистинит.

Уште од почетокот на написот се забележува дека тој нема намера објективно да ја пренесе веста.

Во вториот дел тој употребува класичен спин:

„Опозицијата уште еднаш се посрамоти пред цела Македонија, вадејќи мала бројка на луѓе за партија која претендира да дојде на власт. Иако најголем дел од професорите на факултетите се членови на опозицијата, студентите сепак решија да не му дадат масовна поддршка на протестот на СДСМ“

Веднаш главната теза ја поставува со класификација на партиско-политичка основа. Целиот текст има цел да изнесува конспирациски теориии, а во ниту еден момент не може да се каже дека тоа е проверено.

Притоа тврди дека најголем дел од професорите на факултетите се членови на опозицијата. Како може да се докаже ова теза? Дали ги прашале? Или можеби, пак, имаат податоци од политичките партии? Какви и да биле информациите кои „допреле“ до нив, морале и да ги изнесат, дури и да биле неофицијални. Текстов не нуди ниту анонимни извори, а не, пак, неофицијални. Притоа, може слободно да се праша од каде им се податоците за тоа? Ако неколкумина професори се членови на партија, тоа не значи дека тоа се сите, или повеќето. Не може врз основа на неколку да се подведува цела една професорска елита. Тоа е недозволиво и е само школски пример на спинување на теза.

„Од утрово сите медиуми на СОРОС своите новинари ги испратија пред училиштата за да вршат притисок врз средношколците да излезат на протест. Според бројката која може да се забележи на протестите очигледно нивната акција помина без успех.“

Текстот и во продолжението пишува невистини и манипулира со читателите. Неколкупати сме пишувале дека тезата „сите медиуми на СОРОС“ е неточна и манипулативна. Сите тие медиуми си имаат свои сопственици или раководители на проекти, а единствена вистина е дека во одредени периоди оваа Фондација дала финансиска помош.

 

ПО КОЈ КОДЕКС Е ПИШУВАН ТЕКСТОТ?

Притоа, да  се каже дека медиумите кои отишле да известуваат од скопските гимназии, вршеле притисок, е повеќе за потсмев. Па, нормално дека ќе известуваат од училиштата затоа што тоа им е прва и основна работа. Работа на новинарот е да известува брзо и објективно. По шпекулациите дека можеби на средношколците нема да им биде дозволено да учествуваат на студентскиот марш и да ја дадат својата подршка на студентите, колегите, според сите професионални стандарди правилно се упатиле да ја потврдат информацијата. По кое правило е пишуван текстов и по кој критериум се води кога вели дека тоа не смееле да го направат? Можеби според новинарскиот кодекс во Северна Кореја да, но според македонскиот Кодекс на новинари постапиле точно по правилата и посочените насоки на однесување.

Што да се каже за овој тенденциозен текст во кој целосно се изместени стандардите на етички исправното новинарство. Невозможно е во него да се најде ниту еден момент на избалансираност. Тоа е како да барате игла во сноп сено. Отворено покажува омраза кон една политичка опција и една невладина организација. Тоа е несвојствено за професионалното новинарство. Треба да се знае и да се направи дистанца при информирањето за вакви настани.

И како може да се потврди нивното тврдење за присуство на одвај 3.000 студенти кога повеќето независни медиуми информираа за бројки од 7.000 до 10. 000 граѓани. Како тие ќе ја поткрепат нивната теза, кога се знае дека на овој протест имаше најмалку двојно повеќе луѓе од претходниот. А за првиот протест имаше информации (од релевантни медиуми) дека има околу 3.000 студенти. Е па, по која логика денеска имало повторно 3.000 демонстранти. По која математичка формула е пресметана бројката?

Во таа смисла, ваквиот начин на обработка и на пласирање на информациите отворено покажува дека мотивите за овој текст не се новинарски, туку дека се политички.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција