Рецензија: СДСМ повторно со старите методи, ќе ги вади тутунарите на улица

СДСМ повторно се старите методи  ќе ги вади тутунарите на улица Сител Телевизија-crop-resize

Низа констатации – непоткрепени, без соодветни аргументи, ниту, пак, јасно прецизирани извори, а сето тоа дополнето со коментари, кои на моменти добиваат форма на лична дисквалификација. Тоа се главните обележја на овој текст, кој за сметка на споменатите „епитети“, пак, не ги нуди основните новинарски начела според кои, барем во теоријата, треба да се води еден производ што има амбиции да биде професионален. Оттука, прашањето е дали воопшто и се имало намера за создавање професионален текст.

Линк до оригиналниот напис: СДСМ повторно со старите методи, ќе ги вади тутунарите на улица

Датум и време на објавување: 29.11.2013,  17:46

Датум на рецензирање:  01.12.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: „Ја барам, но тешко да ја најдам“ – накусо би се кажало. Матна е целата содржина, а со тоа и вистинитоста. Сериозни се изнесените формулации:

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија подготвува протести на тутунарите. По неуспешниот обид од пред неколку денови да се прикаже револт кај нив, СДСМ сепак не застанува туку ќе продолжи со креирање на вакви фингирани протести. Извори на Сител од Бихаќка велат дека целта на партијата е да се прикаже наводно незадоволство на тутунарите од владата и да се симулира поддршка од СДСМ“

но аргументи за нивна поткрепа недостасуваат. Кредибилноста на текстот е дополнително ставена под знак прашалник со фактот дека изобилува со низа констатации, кои, според начинот на кој се формулирани, доликуваат на судски процес, а не на новинарски производ.

Извори на информации: Се се сведува на „анонимнки“, практика вообичаена за ваков тип на текстови, без ниту еднаш да се наведе прецизен извор или, пак, лице-соговорник. Истовремено неименувани извори не само што ја кажуваат основната информација, туку и на крајот ја анализираат целата ситуација:

„Сепак изворите блиски до Сител сметаат дека оваа тактика нема да помине кај народот, бидејќи земјоделците многу добро знаат колку субвенции секоја година одат на нивното конто“.

Вакво нешто е недозволиво.

Содржајност: Ја има за оној дел од публиката кој сака да верува во конспирации, теории на заговор и перецпција дека „неподобните“ политичари секогаш мерките ги кројат во позадина, во затемнети простории и со намера некого да „изиграат“. Реално, во смисла на содржајност, текстот нема тежина.

Пристрасност: Нормално, ја има. Би биле позитивно изненадени ако беше спротивното. Во вакви текстови, кога опозицијата е на тапет, речиси секогаш се  присутни елементи на пристрасност за „другата страна“.

Коментирање: Во овој случај формите на коментар се интегрирани во текстот, но не го надградуваат, туку го нагрдуваат. Сето е направено невешто и на моменти преминува во омаловажување кон одредени опозиционерски функционери дека биле од „школата на …“.

Квалитет на насловот: Констатација за која написот нема понудено соодветна аргументација. Би можело да се каже дека насловот (зло)употребува и наведува.

Фотографија: Многу често во телевизиските извештаи, како што е и овој, на употребените фотографии не им се придава големо значење. Тоа и сега се случува, фотографијата „ниту нешто особено кажува, ниту пак многу информира“.

Заклучок: Во вакви случаи многу е тешко да се даде заклучок, а да не се повтори од минатото. Текстот нема особено информативно значење, пласираните тези не се потрепени со факти, недостасуваат соговорници, кои, меѓу другото, секогаш ги „разигруваат“ телевизиските прилози, коментирањето е несоодветно, понудената т.н.р. анализа е со низа дупки. Оттука, која е поентата на постоењето на овој „производ“? Сигурно не е заради интересот на публиката.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција