РЕЦЕНЗИЈА: СДСМ преку Саше Политико му праќа пораки на Андреј Петров?
Кога имате прашање во насловот, кога за да докажете една теза употребувате, на пример, паралела „да се дојде од Скопје до Гевгелија, се оди преку Охрид“, кога во целиот текст за главната информација трошите само, и тоа буквално, 1/8 од просторот кој ви го намениле, а преостанатото оди на т.н. background, кога се користат неименувани „високи“ партиски извори за да се потврди „тврдењето“ дека „овој е близок со оној“, а сѐ со цел да се зададе удар, а не да се информира, добиваме токму ваков производ, кој еден колега, чинам, ги категоризираше во своевидни новинарски мутанти.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ преку Саше Политико му праќа пораки на Андреј Петров?
Датум и време на објавување: 12.11.2013 11:31
Датум на рецензирање: 13.11.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Една од основните работи кои се учат на Факултетот за новинарство е сѐ да биде што е можно покусо и поконцизно. Во овој случај го имаме токму спротивното – „ти пишувам на долго, зашто не знам на кратко“. Ако не се уморите од читањето шума повторени информации, преземени од фејсбук профилот на поранешен висок опозициски фунцкионер, ќе стигнете до главната вест, по што се запрашувате „Што ми зборуваат?“ Како тоа објавата дека екс-генералниот секретар на опозициската партија се вратил на старото работно место во приватна болница е порака до него да се држи подалеку од партиското јато, бидејќи таа информација ја пласира новинар кој, како што се тврди, е близок до сегашното раководство на СДСМ? Во најмала рака „можната“ вистинитост на текстот не е потврдена со никаков солиден аргумент.
Извори на информации: Нерелевантни извори, без јасно прецизирање на соговорниците, иако токму тие се користат како главни „потврдувачи“ за тезата дека опозиционерите си праќаат пораки преку медиуми. Паралелно, директното поврзување на одредени новинари со политичари, притоа јасно наведувајќи го нивниот идентитет, а без тоа да се поткрепи со докази, во нормални држави би било можеби најава за тужба.
Содржајност: Не би рекле дека ја има. Како аргумент користиме проста математика. Ако од текст составен од 80 редови, само десетина се потрошени на „главната вест“, за која веќе рековме дека има ептен проблематична вистинстост, а останатите 70 редови се прераскажување на фејсбук статус, познат од претходно, тогаш за каква содржајност зборуваме.
Пристрасност: Застапена е во сериозна мерка, која пак го разјадува интегритетот на текстот, ако воопшто и се имало првична намера за производ со новинарски интегритет.
Оригиналност/Плагијат: „Ни риба, ни девојка“ – тип на текст. Поголемиот дел е преземен од Фејсбук постови, а за тоа што се пласира како „новина“ е прашање дали е веродостојна информација. Треба да се напомене дека сличен текст не се појави на други медиуми, што е изненадување.
Квалитет на насловот: Во новинарската практика насловите кои завршуваат со прашалник се сметаат за проблематични. Така е и во овој случај. Насловот е несоодветен од сите аспекти, освен можеби од сензационалистичка гледна точка. Ќе ве привлече да читате, ама што ќе прочитате.
Фотографија: Фотографијата не е разбирлива, дали треба да го илустрира текстот, или да рекламира приватна болница.
Заклучок: Анализи, не се пишуваат врз база на Фејсбук статуси, тврдења без аргументи, тези без докази, изјави без соговорници, мистериозни извори. Сето тоа го има во овој текст кој очигледно не треба да ја информира јавноста, туку да ја забавува „политичката елита“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар