Рецензија: СДСМ против руски и кинески инвестиции во Македонија

SDSM-protiv-ruski-i-kineski-investicii-vo-Makedonija-crop-resize

Текстот со наслов „СДСМ  против руски и кинески инвестиции во Македонија“, преку класичен спин сака да ги убеди читателите  во главната поента од насловот. Наместо  избалансиран извештај за собраниската дебата посветена на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатските делници Миладиновци-Штип  (Скопје-Свети Николе – Штип) и Кичево Охрид,  објавен е еден тенденциозен напис кој се потпира на  конструкции .

И покрај најавите дека најголемата градежна компанија во Кина може да ги гради овие автопатишта, СДСМ повторно како во случајот со Газпром се обиде да фрли дамка врз оваа крупна инфраструктурна инвестиција“.

FireShot Screen Capture #013 - 'СДСМ против руски и кинески инвестиции во Македонија' - kurir_mk_makedonija_vesti_134898-SDSM-protiv-ruski-i-kineski-investicii-vo-MakedonijaЛинк до оригиналниот напис: СДСМ против руски и кинески инвестиции во Македонија

Датум и време на објавување: 25.10.2013 – 13:04

Датум на рецензирање: 27.10.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Директниот пренос на седницата прикажан на Собранискиот канал, како и дискусиите на пратениците од опозицијата што ги пренесоа некои медиуми,  јасно ги демантираат  наводите изнесени во текстот.

Во расправата што се одвива деновиве во Собранието околу изградбата на новите автопатишта низ Македонија, опозицијата повторно се спротистави овојпат на инфраструктураните инвестиции што ги планира Владата на Република Македонија,“

Притоа,  никаде во написот  не се споменува  дека  пратениците од СДСМ во текот на седницата се изјаснија дека „генерално даваат поддршка за изградба на патишта  и дека ќе гласаат за Законот“,  а  изразија сомнеж за „можна корупција на  проектот и  ја критикуваа Владата за недомаќинско работење“.  Тоа  лесно може да се провери на веб сајтот на Собранието, каде има видео запис и стенограми од седницата.

Руските инвестиции, пак,  воопшто  не беа тема на оваа собраниска дебата. Законот се однесува само на патните правци Миладиновци-Штип и Кичево–Охрид.

Извори на информации: Кога се работи за новинарски  извештај од Собрание, се подразбира да се пренесат поенти од дискусиите на пратениците од власта и од опозицијата, како и образложенијата на предлагачите на законите. Во текстот што е предмет на оваа рецензија нема такво нешто, туку се нафрлаат општи констатации  од типот „СДСМ останува на истата политика, постојано да ги критикува најавените инвестиции во Република Македонија.“

Содржајност: Написот има сериозни проблеми во делот на содржајноста и читателот не може да добие вистинска слика за собраниската расправа. Во него се прикриваат информации, што, пак, е во спротивност со амандманот 1 од  Кодексот на новинари:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци.“

Пристрасност: Очигледно е дека овој материјал, во манирот во кој е напишан, немал амбиција да информира и да биде објективен. Во него силно провејува наклонетоста кон власта .

Коментирање: Се препознава  идејата коментарот од редакцијата да се протне како факт и да се претстави како вистина.

Квалитет на насловот: Насловот е впечатлив  и во функција на целта која сака да се постигне – да се етикетира најголемата опозициска партија.

Фотографија: Текстот има фотографија  на која е прикажан автопат и таа може да послужи како илустрација, со оглед на тоа што изградбата на две автопатски делници  е тема на собраниската дебата.

Заклучок: Сајтот на читателот му понудил наменски текст, обидувајќи се да го насочи јавното мислење да верува дека СДСМ е против инвестирање во ифраструктурни објекти, дури и кога се работи за странски вложувања  (руски и кинески). Резултатот е фабрикувана информација која не соодвтствува со вистината.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција