Рецензија: СДСМ со американски политички експерти, кој чинат 10 милиони долари, тргнува да го руши ВМРО-ДПМНЕ, copy-paste како во Србија?!

FireShot-Screen-Capture-022-ohridskaj-crop-resize

Првиот впечаток при читањето на написот е дека се работи за чист пример на пропагандистичко четиво, а, притоа, авторот, непознат, имал проблем како со стилот и правилата на новинарското изразување, така и со правописот и граматиката на македонскиот литературен јазик. Текстот, всушност, претставува обид на еден релативно мал простор од 20 и нешто редови да се пласира компилација на шпекулации без ниту еден понуден доказ за паушалните тврдења и без кредибилен извор, со исклучок на  „извори на Охридскај“ и „од самото раководство на СДСМ“. Иако поместен во рубриката „вести од Македонија“, не би можел да ја задоволи ниту најлежерната дефиниција на поимот: новинарска информација.

Рецензија: СДСМ со американски политички експерти, кој чинат 10 милиони долари тргнува да го руши ВМРО-ДПМНЕ, цopy-paste како во Србија?!Линк до оригиналниот напис: СДСМ со американски политички експерти кој чинат 10 милиони долари тргнува да го руши ВМРО-ДПМНЕ, COPY-PASTE како во Србија?!

Датум и време на објавување:  11.02.2014

Датум на рецензирање: 17.02.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Написот не пласира факти, туку исклучиво шпекулации од неименувани извори.

Извори на информации: Иако во написот се наведува дека информациите потекнуваат од „извори на Охридскај“, па дури и „од самото раководство на СДСМ“, тврдењата кои се напишани, како и начинот на кој се нафрлени, не влеваат многу голема доверба во изнесеното. Речиси комичен е делот во кој се тврди дека се знае оти ангажманот на големите политички аналитичари од наводниот „Амерички тим“, кој ја водел кампањата на Вучиќ и на Николиќ во Србија, како и на Барак Обама во САД, чинел 10 милиони долари, но очигледно не се знае кои се тие стручњаци. Можеби „изворите од самото раководство на СДСМ“ тоа при брифирањето не го спомнале или можеби авторот заборавил да праша, но, затоа, пак, во текстот поставува реторичко прашање како Стево Пендаровски и СДСМ си дозволувале ваква „ преголема кампајна“.

„ Ако се знае фактот дека овие големи политички аналитичари,т.е оваа агенција ,нејзиниот ангажман е околу 10.000.000 долари , тогаш нејасно е од каде во СДСМ толкава финансиска моќ ,да закупи ваква Агенција ,која патем ја водеше и изборната кампајна на Барак Обама во САД?! Дали кандидатот на СДСМ ,Стево Пендаровски ,или пак некој друг си дозволуваат преголема кампајна ,секако останува да се види“.

Содржајност: Се стекнува впечаток дека текстот е пишуван набрзина, без многу концентрација, не се отстранети ниту печатните, а уште помалку граматичките грешки. Има конфузни реченици во манирот на „сакам-кажам, не знам- речам“ :

„ СДСМ на овие престојни претседателски избори тргна кон copy-paste стратегијата која ја имаше кај нашиот северен сосед на минатите претседателски и парламентарни избори во Р . Србија“

Кој имал copy-paste стратегија, СДСМ, нашиот северен сосед или некој друг во Р.Србија, авторот не појаснува.

Пристрасност: Целиот напис не нуди ниту еден факт. Тој е во функција на спинување на вистината со цел едниот од двата клучни играчи на македонската политичка сцена – опозиционата СДСМ да се претстави во најлошо можно светло, додека пак неговиот противник, владеачката ВМРО-ДПМНЕ, како надмоќен играч, кој во секое време ја има надмоќноста на теренот.

Оригиналност/Плагијат: Не изненадува тоа што овој текст, кој претставува листа на шпекулации и негативни квалификации на само една политичка партија,  е непотпишан.

Квалитет на насловот: Предолгиот наслов ја содржи клучната шпекулација ( „СДСМ со американски политички експерти кој чинат 10 милиони долари, тргнува да го руши ВМРО-ДПМНЕ, COPY-PASTE како во Србија?!“), чиешто пласирање било и повод на написот – дека СДСМ ќе плати цели 10 милиони долари за ангажман на странски експерти на својата кампања. Притоа, акцентот, покрај огромната сума, е ставен на зборот „руши“ (што на македонски литературен јазик би било – „урива“) за на читателот да му се сугерира расипничкиот и субверзивно-уривачки карактер на партијата која е ставена „на тапет“. Дополнително, со насловот се сугерира неинвентивноста на оваа партија, која не можела да смисли ништо оригинално, туку мора да го копира моделот од Србија.

Фотографија: Фотографијата е матна и неквалитетна и го претставува раководството на Социјалдемократскиот сојуз седнати на состанок со луѓе чии ликови не можат да се распознаат.

Говор на омраза: Конфузниот материјал, проткаен со иронично-навредлива интонација, читателот се обидува да го убеди дека опозицијата ќе потрошела 10 милиони долари за да ангажира непозната американска агенција за претстојните избори.

Заклучок: Изгледа дека не е вложен некој голем труд, посебно гледано од аспект на примена на новинарските стандарди, материјалот што е пласиран под вака бомбастичен наслов, да биде уверлив и  информативен. Повеќе наликува на прераскажување на кафеански муабет, па неговото сместување меѓу останатите дневно-информативни материјали само го намалува кредибилитетот на медиумот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција