Рецензија: Селективна солидарност: Опозициските советници блокираат поради Центар, а таму закажуваат седница

 селективна солидарност crop resize

Уште еден текст во низата „Државата vs. Општина Центар“ во кој повторно улогата на тупаница за разрешување на дисфункционалната, растурена, истошувачка, а на моменти и насилна врска централна – локална власт во Општина Центар ја презема медиум.

Илузорно е во овој текст, кој очигледно е шаблониран, да се бара втората страна на приказната, која не само што ја нема, туку е јасно и дека воопшто не била „планирана“ во процесот на подготовка. Значи, целта не била да се информира, туку само исклучиво да се куди, што само по себе веќе добива форма не на новинарски, туку на партиски текст. 

селективна солидарностЛинк до оригиналниот напис: Селективна солидарност: Опозициските советници блокираат поради Центар, а таму закажуваат седница

Датум и време на објавување:  22.10.2013

Датум на рецензирање:  23.10.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Да, точно е дека опозициските советници ја бојкотираа работата во општинските совети, да вистина е дека Мирослав Шиповиќ е осомничен за финансиски злоупотреби. И тоа би било сѐ во делот на вистинитоста. Никаде не се споменува дека бојкотот беше еднократен, само за првите седници на општинските совети по апсењето на Шиповиќ. Тоа и беше најавено јасно од опозицискиот блок.

„Советниците на СДСМ во сите совети на општини во Македонија во знак на солидарност со колегите од Центар, нема да присуствуваат на првата наредна седница на Советот на нивната матична Општина“ – изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција на 14.10.2013, нешто што воопшто не фигурира во текстот објавен на веб-портал.

„Тој (Шиповиќ) се терети за голем криминал, но неговите колеги од другите општини бараат правда за него, на грбот на граѓаните, бегајќи од гласање за проекти кои се за добробит на нивните гласачи“ – се тврди во текстот.

Нејасно е како едно отсуството на опозициските советници, кои бездруго не се мнозинство во најголемиот дел од општините во земјава, ќе удри толку по грбот на граѓаните? Кои се тие проекти за добробит на граѓаните? – Одговор во текстот нема. Нејасна е и тезата и паралелата дека се бојкотира во другите општини, а не и во засегната Центар. Дали се сака да се сугерира дека би било подобро и оваа најавена седница на советот во Центар опозицијата да ја бојкотира?

Извори на информации: Недостасуваат основни извори на информации, тие никаде не се прецизираат, ниту, пак, јасно се лоцираат соговорници. Сето тоа е заменето со општи констатации од типот „Општина Центар нема да се солидаризира со својот претседавач“.

Содржајност: Во делот на содржајноста текстот има сериозни проблеми. Освен тоа дека, како што се наведува, ќе има седница на советот, друга информација реално и нема.

Пристрасност: Силно провејува пристрасност кон другата страна, која не е мнозинство во Општина Центар, притоа правејќи обид тоа да се прикаже како интерес на јавноста. Граѓанската компонента, која е неопходна во ваков текст, целосно отсуствува, така што самиот производ самиот себеси се демаскира.

Коментирање: Присутните елементи на коментаторство целосно се во функција на дискредитирање на локалната власт во Центар.

Оригиналност/Плагијат: На текстот му недостасува оригиналност, наликува на „пластелин“ – продукт со нафрлени елементи.

Квалитет на насловот: Сензационалистички, наменет чисто да привлече „кликови“ и недоволно соодветен на темата.

Фотографија: Фотографијата е соодветна, објаснува дека станува збор за општина Центар.

Заклучок: Селективноста за која се зборува во насловот навистина постои во текстот, но во исклучителна форма – единствено пренесувајќи „нечии“ ставови „обландирани“ како засегнати граѓани. Недостасува вистински новинарски обид за анализирање на дадената ситуација која максимално ја отсликува поларизираноста во земјата, како политичка, така и општествена – дали сме за постземјотресно, или за барокно Скопје, дали сме за цркви, или не и така натаму. Забележително е отсуство на аргументи и факти за тезите кои се застапуваат, од што произлегува дека имаме „новинарска мутација“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција