Рецензија: Шеќеринска ќе си замине?

FireShot-Screen-Capture-043-zaminuva-crop-resize

Текст, стилски неодреден, „ни риба ни девојка“, нешто помеѓу проширена информација и коментар, е базиран на шпекулации од „партиски извори“, кои раскажуваат приказни за потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шеќеринска и немаат ниту допирна точка со некој факт или проверлив податок. Насловот е мамката – одбрана е безбедна и покоректна опција, шпекулација во прашална форма („Шеќеринска ќе си замине?“), а содржината открива дека материјал за написот скоро и да немало, односно тој е толку „тенок“ со факти и стои на толку несигурни стаклени нозе кога се во прашање извори, што не би требало да го помине уредувачкото сито во еден сериозен медиум. Нема начин да се утврди дали тврдењата кои се изнесени се вистинити или тотално невистинити. Едно е сигурно, овој текст потфрлил на планот на запазување на новинарски стандарди.

Рецензија: Шеќеринска си заминува?Линк до оригиналниот напис: Шеќеринска ќе си замине?

Датум и време на објавување: 24.06.2014, 22:12

Датум на рецензирање: 28.06.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ИЗВОРИТЕ  АНОНИМНИ ИЛИ -ЛАЖНИ?

Во написот се шпекулира дека Радмила Шеќеринска ќе замине од партиската функција во СДСМ. Клучен аргумент за ова тврдење била забелешката дека, иако добила висока партиска функција,

„на прсти може да се избори, колку пати Шеќеринска се појавила во јавност во периодот по изборите“.

Тоа е воедно и единственото тврдење кое донекаде е проверливо во овој напис – доколку се анализира бројот на јавни настапи или појавувања во јавноста на потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз и тој се спореди со други периоди, може да се влечат заклучоци, но и за нив потребно е коментар или одговор да даде токму апострофираниот политичар, во случајов Шеќеринска. Но, одговор нема, а наместо него стои тврдење дека

„таа не одговара на телефонските повици, а воопшто не се појавува ниту на прес конференции“.

На читателот му останува да верува дека навистина е постапено професионално и биле направени повеќекратни обиди Шеќеринска навистина да биде исконтактирана. Податокот пак дека таа не се појавила скоро на прес-конференција, сам по себе ништо не зборува – во Социјалдемократскиот сојуз прес-конференциите најчесто ги водат портпароли, односно личности кои се задолжени за тие активности и воопшто не е чудно што потпретседателката не настапува на пресови.

Најпроблематичниот дел, секако се изворите на оваа информација. Нив ги нема. Поточно, постојано се спомнуваат некакви „партиски извори“ за кои постои оправдано сомневање дека, всушност, не постојат. Се работи за често употребувана фраза, при што, „партиските извори“, повеќе од симптоматично, секогаш за личностите од партиското раководство зборуваат сѐ најлошо, а состојбите во Социјалдемократскиот сојуз ги претставуваат во најцрно можно издание. Информациите кои ваквите „извори“ ги пласираат најчесто, како и во овој случај, звучат како чаршиско озборување и не влеваат доверба во веродостојноста на пласираното:

„Партиски извори за Press24 велат дека пресудно за тоа е последната афера со огромните суми кои како кирија ги добива за станот во кој живее со својот сопруг. Партиски извори велат дека внатрепартиските анкети покажале дека Шеќеринска катастрофално котира меѓу граѓаните и дека секое нејзино појавување во јавност, на партијата и носи повеќе штета отколку корист“.

Нема појаснување какви се тие „внатрепартиски анкети“ кои покажуваат рејтинг на некоја личност кај граѓаните. Едноставно, не може да се избегне впечатокот дека ваквите „извори“ секојпат звучат малку премногу навивачки во полза на конкуренцијата одошто тоа би било нормално или очекувано.

 

НЕЛОГИЧНИ ИСКАЗИ

Написот е, благо речено, несеопфатен. Со други зборови, му недостасуваат премногу елементи за да може да се смета дека е постигнато минималното ниво на сеопфатност. Но, затоа, пак, изобилува со недоречености и нелогичности од типот:

„Истите извори велат дека не треба да биде изненадување доколку Шеќеринска во периодот кој претстои целосно се повлече иако се мали шансите за тоа“.

Не е објаснето како нешто може да не биде изненадување кога се мали шансите да се случи, ниту зошто, ако е тоа точно, на Шеќеринска

„во СДСМ решиле да и посветат повеќе партиски обврски“

доколку таа навистина се повлекла и не е активна во партијата?!?

Написот само делумно ја прикажува вистината, бидејќи се потпира само на анонимни и крајно проблематични, од аспект на автентичноста, извори, без притоа да ја доистражи темата за која станува збор. Она што е добиено од „изворите“ се пласира како вистина, а всушност претставува маскирана пропагандна порака насочена кон дискредитација на конкретна политичка личност.

Текстот, по принципот „copy-paste“ проциркулира низ неколку домашни портали и тешко е да се утврди од каде оригинално потекнува и кој е авторот.

Насловот содржи шпекулација, но во прашална форма и со тоа ја има потребната провокација, но и ограда од пласман на непороверени информации. За жал, понатаму во текстот, овој професионален пристап се губи.

Впечаток е дека единствена функција на целиот напис е уште еднаш да потсети на дискредитирачките кампањи кои против Радмила Шеќеринска се водеа во медиумите наклонети на власта.

Невтемелена шпекулација, нелогични, контрадикторни искази на анонимни извори, претставување на конкретна личност од опозициона партија во негативно светло – тоа е она што читателот ќе го добие доколку се фати на мамката, поточно кога ќе тргне да го прочита написот што стои зад насловот: „Шеќеринска ќе си замине?“ Она што нема да добие во него е одговор на поставеното прашање.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција