Рецензија: Шекеринска наместо одговори, дели часови по ароганција

Sekerinska-0987-009900-crop-resize

Ова е текст кој изобилува со навреди. Од насловот, па се до крајот, вклучувајќи ја и фотографијата во текстот, на која се гледаат коментари од Фејсбук, е навредувачки и омаловажувачки. Дури текстот си зема за право да прави и психолошки профил на една личност, навредувајќи по сите основи, a притоа да не даде никави факти. Текстови кои се засноваат на „познавачите“ немаат ниту „Н“ од новинарство. Уште повеќе, пак,текстови кои мислат дека говорат во име на целата јавност уште помалку треба да имаат смелост да се нарекуваат новинарски. Доволно е да се прочита само овој пасус и да ви биде јасно каков текст денеска имаме пред нас.

Познавачите и јавноста се згрозени од ваквата ароганција на Шекеринска. Коментираат дека кај неа постои недостаток на политичка култура и очигледно морален проблем, зашто додека поставува прашања секогаш бара одговори и ѝ одговараат, но кога нејзе и поставуваат, тoгаш некои прашања не заслужуваат одговор.

SekerinskaЛинк до оригиналниот напис: Шекеринска наместо одговори, дели часови по ароганција

Датум и време на објавување: 11.03.2014, 13:52

Датум на рецензирање: 12.03.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

НЕВИСТИНИ ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ

„Роднините мои не можат ли да земаат тендери, па нека се иселат тогаш“. Вака парафразирано би звучел одговорот на Радмила Шекеринска преку социјалните мрежи, бегајќи од директно соочување со јавноста, а сигурно сместена во својот удобен кабинет или стан за кој самата на себе си плаќа кирија од над 5.000 евра месечно.

Текстот се занимава со невистини уште во првиот пасус. Па, така, Фејсбук статусот на лицето кое е носител на текстот кој изгледа вака „Се молат сите мои роднини до 100-то колено да си заминат од Македонија заедно со мене… дури тогаш ќе и тргнело на владата!„ се парафразира во „Роднините мои не можат ли да земаат тендери, па нека се иселат тогаш“. Навистина невозможно и невидено нешто досега во новинарските текстови. Човек дури останува без зборови или, пак, без синоними од македонското говорно подрачје да се опише ваков текст. Дури и новинарски прибран мозок ова не може да го сфати, а не пак да му текне така да ја изврти целата вистина. Застрашувачки!

Изворите на информации, што се коментари, не се знае од каде се, само што може да се забележи дека се под нечиј статус. По направената проверка може да се заклучи дека не се од статусот на Шеќеринска, а единствена „познаница“ е:

Граѓаните според коментарите на социјалните мрежи сметаат дека е скандалозно што Шекеринска не дава одговор пред јавноста, коментирајќи го нејзиниот статус дека “ги моли сите нејзини роднини до 100-то колено да си заминат од Македонија, заедно со неа“

 

СКРЧКАНО ОНАКА, КОЛКУ ДА ИМА

Текстот врти околу сѐ, само не околу тоа што треба. А, тоа што треба воопшто и да не постои. Не може да се разбере што сака авторот да каже. Па почнува со територијална поделба, преку пари за кирии, тендери, за главната теза да биде:

Познавачите и јавноста се згрозени од ваквата ароганција на Шекеринска. Коментираат дека кај неа постои недостаток на политичка култура и очигледно морален проблем, зашто додека поставува прашања секогаш бара одговори и и’ одговараат, но кога нејзе и поставуваат, тoгаш некои прашања не заслужуваат одговор.

Јавноста се сеќава на кобната кампања за референдумот за тероторијална поделба од 2004 година, со кој Кичево и Струга добија мнозинско албанско население, а Скопје стана двојазично, кампања која СДСМ ја водеше со цел референдумот да неуспее. Тогаш за СДСМ, “некои прашања не заслужуваа одговор“.

Се наметнува општост во целиот текст, а притоа им се буричка во меморијата на читателите без да им се даде образложение зошто. Нафрлани моменти од минатото целосно вон контекст и без поврзаност со главниот момент. По тоа се гледа дека текстот е скрчкан како на лист хартија, колку да ги има.

Целиот текст е пристрасен. Дури толку што ти доаѓа да речеш – аман, човеку, не ме брани повеќе.

 

ДЕЗИНФОРМИРА, ДЕЗИОРЕНТИРА И ТРЕБА ДА СЕ ДЕЗИНФИЦИРА

Се коментира од почеток до крај. Всушност, како што сме кажале и досега, ваквите текстови се, всушност, коментаторски затоа што нема друг показател за да биде поинаку. Нема друг начин да се напише ваков текст ако во него не се коментира, а притоа не му се изврти целата вистина. Па, така, извртената вистина станува база на целиот текст.

Насловот дезинформира, дезиорентира и треба да се дезинфицира. Фотографијата е од статусот на Шеќеринска и е единственото нешто точно во овој текст.

Нема потреба од заклучок. На тој што размислува јасно му е уште од прва за каков текст се работи и со каква намера е објавен. Јасно му е и на авторот што направил. Значи, на сите ни е јасно.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција