Рецензија: Шеќеринска заминува, а СДСМ се враќа на власт – наесен 2016 година!

29-0009988-098-sdsm-vlast-2016-crop-resize

По читањето на текстот се прашав каде е „кристалната топка“, која, очигледно, е изворот на наведените информации. Значи, на едно место толку насобрани предвидувачки, па ако сакате и шамански моменти одамна немало. Навистина, станува збор за „ептен“ далекусежен материјал кој „гледа“ што ќе се случи не неколку месеци, туку неколку години однапред. Можеби се позајмени аналитичари на геостратешки организации, што владини, што невладини, кои врз основа на РЕАЛНИ согледувања се ОБИДУВААТ да изготват карта на можни идни движења на настани во одредени региони? Не верувам, иако топло би се израдувал некој македонски медиум да има таква можност да соработува со тој вид институции. Нејсе, ваквиот тип написи, односно анализи, како што кажува нивното име, треба пред се да се одликуваат со тези разработени врз база на факти, реални согледувања, актуелна политичко-општествена ситуација, кредибилни извори и соговорници, висок степен на упатеност во внатрепартиската состојба и сето тоа фино спакувано во содржински „пакет“ кој најчесто е четиво наменето за строго профилирана публика, а не за „широки народни маси“. Тешко дека овој напис ги задоволува претходно наведените критериуми. За сметка на тоа, тој се одликува со една друга карактеристика – спинување.

2Линк до оригиналниот напис: Шеќеринска заминува, а СДСМ се враќа на власт – наесен 2016 година! 

Датум и време на објавување: 25.02.2014

Датум на рецензирање:  26.02.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Премногу, премногу чувствителни и сериозно „тешки“ информации за туку-така да бидат нафрлени, а притоа да не бидат соодветно поткрепени. Тоа е главниот проблем во материјалот кој ѝ се сервира на јавноста и поради кој трпи вистинитоста. Со други зборови, нема никаков начин да се провери „визионерството“ најавено за наредните две и пол години. Прашувам кој во државава би можел да знае дека наесен 2016 година ќе има предвремени парламентарни избори и дека на нив баш СДСМ ќе победи, како и дека во првите месеци на 2017-тата ќе се реши прашањето за името? Дипломати, како што се тврди?! Ај, ве молам, не нѐ правете будали. Во пресрет на претседателски и (не)извесни вонредни парламентарни, некој во главата има план за ново предвремено гласање за две години отсега?!! Или, пак, можеби сакало да се каже дека кога сегашната опозицијата, нели таа е предавничка, ќе дојде на власт, ќе ни се скрои името по нечиј терк!! Аман веќе од теории на заговори, дајте факти, аргументи и направете саглам анализа, а не замајување кое изгледа примарно треба да ѝ соопшти на публиката дека опозицијата е „швајцарско сирење“ дека „Рада солира“ и дека е готово со неа и тоа, нормално, се пласира во предизборие.

„Според проценките на Заев и Црвенковски, Шекеринска преку адвокатот Шилегов и нејзиниот соработник Дамјан Манчевски отворила непотребно фронт против повеќе медиуми и новинари, без конкретни докази и правна завршница, а по настапите оставила затворени врати за соработка со десетина медиуми, новинари…“

Ова ми звучи како испровоцирана реакција на некој кој можеби бил директно погоден од аферата што ја обелодени опозицијата за тендерско-бизнис спрегата меѓу власта и некои новинари блиски до неа. Друга сериозна забелешка е ситуацијата во која се наведува дека сопругот на важната опозициска функционерка на средба побарал од врвот на владејачката партија да не му ја „чешла“ фирмата?! Што е ова, најава дека власта може да прогледа „низ прсти“ за можен криминал или начин на кој власта ја купува лојалноста: „Не скокај, инаку ќе ти пуштам инспекција“. Ајде, ако е така нека реагираат надлежните институции. Има една фраза во англискиот јазик која вели „Put your money where your mouth is!“ или преведено „Многу зборуваш, ајде сега покажи!“. Ова важи и за прозиводов  – многу зборови, а малку аргументи. Затоа, наместо вистинитост имаме спин.

Извори на информации: Само на едно место се споменува зборот „извори“ и  тие, како што се вели, биле на СДСМ. Значи нема повикување на извори во СДСМ, туку на извори на СДСМ?! Оттука, опозицијата, ама и некои анонимни новинари, се тие кои знаат дека во 2016 ќе има избори и дека на нив ќе победи СДСМ. Ептен некредибилна формулација. За сметка на тоа, пак, имаме комплетно отсуство на соговорници или прецизно наведени извори. Во текстот дури нема ниту вообичаени „новинарски огради“ како можеби, најверојатно, итн…

„Смената на Шекеринска од местото потпретседател сега, пред избори, нема да се случи. Но, по изборите смени во партискиот врв ќе има. Извесно е дека Заев би останал на местото претседател, но вториот раководен круг би бил од редовите на луѓето блиски до Црвенковски: Андреј Петров, Наташа Савова, Игор Ивановски, Горан Минчев… со ова Црвенковски би го зацврстил и хомогенизирал партиското гласачко тело кое во еден дел, заради блискоста кон него а отпорот кон Шекеринска, веќе подолг период е дистанцирано од работата на СДСМ, а на наредните избори нема да се појави на гласачките места“.

Кој го вели ова и кој е собеседникот? – Не знаеме! Што е ова факт, ситуација, најава, или желба нечија? – Пак не знаеме! Па, како тогаш да веруваме?

Содржајност: Ја има, ама за да се задоволи нечиј политички апетит, а не потребата за информирање на јавноста. Како што рековме, ако се претендирало да се понуди анализа требало да се исполнат професионални критериуми, а не, како во овој случај, политичко-партиски желби. Како и да е, несомнено е текст кој поминува кај публиката, пред сѐ, поради сензационализмот, а не поради квалитетот и издржаноста на четивото.

Пристрасност: Нема јасно застапување на една, но „анализирањето“ само на другата страна доволно зборува. За мене поголема вест би била ситуацијата во владејачката, отколку во опозициската партија. Зошто? Па, јасно е, нештата повеќе зависат од тие кои се на власт, отколку од оние кои имаат аспирацијата да владејат. Меѓутоа, досегашната, ако така може да се нарече, „медиумска практика“, е народот повеќе да се „занимава“ со опозицијата, отколку со власта. Не велам дека опозиционерите треба да бидат изземени од новинарската лупа, но, сепак, не се тие кои владеат и кои раководат со државата, собираат даноци, трошат буџетски пари.

Коментирање: Елементите на коментар се присутни и не се јасно издвоени од останатиот дел од текстот. Не се така јасно изразени и може дури да се нарече перфидно се дозирани.

Оригиналност/Плагијат: Несомнено „продуктот“ е оригинален и речиси е извесно дека е дело на еден автор, иако е маскиран како редакциски. Да бидеме начисто, тој што го пишувал, воопшто не бил „навеан“ или „наивен“ новинар. Текстот има силен авторски печат, арно ама овде не смееме да нагаѓаме чиј.

Квалитет на насловот: Насловот е апсолутно несоодветен, бидејќи нуди констатација во форма на апсолутна вистина, иако подолу во текстот нема никакви докази за да го одбрани кажаното. Намерата била да се пушти „јадица“ и кој се фати, се фати. Сепак, сметам дека со насловната конструкција само се потценила читателската логика.

Фотографија: Една „фотка“ која не кажува ништо особено. Нема информативна компонента, туку само е ставена како илустрација на политичарката за која се зборува.

Заклучок: Очигледно овој текст има сериозна позадина која не е многу видлива за обичниот читател. Де се куди опозицијата, де ѝ се „дигаат акциите“ дека ќе победи за две години отсега. Хм, за вакви прогнози требало силно гледање во „кристалната топка“. Нејасно, барем не до крај, е дали написот има повеќе партиска, или, пак, лична мотивација? А, да прашам, ако е толку добро ова „гатачко-новинарство“ дали може да го употребиме за во некоја обложувалница? Ќе има ќар за сите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција