Рецензија: Што добил Героски за возврат од МВР кога работел во нивното гласило?
Уште еден медиумски обид за спинување на ситуацијата во која одредени новинари, како што објави опозицијата, се фатени како освен со „основната“, се занимаваат и со дополнителна бизнис-дејност и тоа добивајќи државни тендери. Значи, ни се нуди текст чија основна цел е очигледно на јавноста да и се „замачкаат очи“ со нешто што се случувало пред дваесетина години и да се дефокусира вниманието од актуелната афера за, според главната опозициска партија, сериозната медиумско-финансиска спрега меѓу власта и некои новинари кои бранењето на „владината“ вистина, како што покажуваат документите, „добро“ го наплаќаат преку бизнис зделки.
Конкретниот напис сака да нѐ убеди дека ангажманот во минатото во тогашното списание на МВР на еден познат новинар, кој не е по ќеф на владејачкото мнозинство, истовремено значи дека тој бил соработник на полициските служби!!! Врз основа на таа теза, која апсолутно не е аргументирана, понатаму се „одмотува“ т.н. приказна – како тој новинар се запознал со актуелниот прв човек на една фондација, која, исто така, не е по мерак на власта, и сега заедно работат против владејачкиот естаблишмент. Станува збор за „текстче“ кое треба да омаловажува, а не навистина да ја информира публиката и притоа е така конципиран за да биде продолжение на најавениот „скандал“ за инволвираност на познат новинар во полициски структури.
Линк до оригиналниот напис: Што добил Героски за возврат од МВР кога работел во нивното гласило?
Датум и време на објавување: 30.01.2014, 13:27
Датум на рецензирање: 01.02.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Вистинитост(а) на овој напис е ептен, ептен проблематична. Зошто? Затоа што се изедначува професионален ангажман на новинар во полициско гласило со соработување со безбедносните служби, а притоа никаде не се нудат докази за тоа. Огромна смелост, но и професионална неодговорност е некого, а имајќи го на ум актуелниот „лов“ на лустраторите, да оквалификувате како кодош без да понудите аргументи. Убеден сум тоа да било вистина, до сега, повиканата лустрациска комисија, „проблематичниот“ новинар одамна ќе го, како што некој милува да каже, „спружеше на насловна“. Конечните вистинити удари на овде пласираната невистинитост ги дава простата фактографија. Министер за внатрешни работи беше Томислав, а не Слободан Чокревски и Љубомир Фрчкоски беше кандидат на СДСМ за претседател на државата, а не кандидат за претседател на СДСМ. Некој барем да си ја завршеше домашната работа пред да пишува и да ги објавува ваквите написи.
Извори на информации: Ги нема. Главните тврдења за полициско-безбедносен ангажман на споменатиот новинар не се поддржани од каков било извор. Во целиот текст само на едно место се споменува извор и тоа порталот кој, ден претходно, првично ја објави информацијата дека тој новинар бил дел од редакцискиот колегиум на стручното списание на МВР, кое излегувало во 4 изданија годишно.
Содржајност: Минимално е нивото на некаква содржајност. Ако утврдивме дека главната информација која се пласира е дискутабилна, тогаш тоа што преостанува се т.н. чаршиски муабети – кој со кого сѐ уште е пријател и „близок до овој, или оној“.
Пристрасност: Ако вистинитост, извори и содржајност речиси и да нема, тогаш пристрасност има и тоа премногу. Таа го преплавува целиот текст и неспорно е дека е политичка.
Коментирање: Се забележуваат коментаторски елементи кои не успеваат, или, пак, не се сакало структурно да се издвојат од останатиот дел на текстот кој би требало да нѐ „информира“. Еве примери за тоа:
„Бранко Героски и Љубомир Фрчкоски и денес се дружат, па станува очигледно дека релациите меѓу нив се зацврстени од тој период кога новинарот блисок до Црвенковски го правел гласилото во министерството со кое раководел екс-кандидатот за претседател на СДСМ.
По последните случувања, се отвора и прашањето дали Владе Милчин по овој основ го запознал Бранко Героски, како поранешен соработник на тајните служби.
Ако се дознае одговорот на овие прашања, ќе стане и повеќе од јасно – каква улога имал Героски во тогашното МВР“.
Оригиналност/Плагијат: Веќе по вообичаената практика ваквите текстови остануваат непотпишани. Но, и без тоа не е многу тешко да се процени дека не станува збор за некакво оригинално дело, бидејќи за такво нешто неопходна е автентична содржина, која овој напис, за жал, ја нема.
Квалитет на насловот: Нејасно е зошто толку се инсистира на прашални форми во насловните конструкции, исто како што е и во конкретниот пример. Да, медиумите треба да прашуваат, но не публиката, туку надлежните, институциите, или, пак, во овој случај засегнатиот новинар. Значи, ако веќе се сакале одговори на прашањето, неумесно поставено во насловот, тогаш зошто едноставно не му се јавиле на новинарот. Но, претпоставувам дека тоа што ќе се добиело како одговор „некому“ би му ја расипала забавата при формулирањето на ваквиот наслов.
Фотографија: Употребена е една фотографија како илустрација за тоа за кој новинар, или како што се вели „поранешен соработник на тајните служби“, станува збор.
Заклучок: Не ми е намерата да бидам „дрвен адвокат“ на колегата-новинар, бидејќи сметам дека тој самиот има доволно аргументи за да се одбрани од ваквите текстови, кои токму во овој период, со толкав интензитет, го зедоа него на „нишан“. Целта ми беше, преку веќе воспоставената методологија, да покажам дека при пишувањето на написот не е водено сметка за основните правила во новинарството, како, на пример, каде е ставот на втората страна во приказната. Но, бездруго целта не била да „им се робува на професионалните принципи“, туку само да се нападне новинар, без притоа да се понуди некакво истражување, солидни факти, докази или изјави од кредибилни соговорници, само затоа што тој не е во групата „подобни и прифатливи“ за тие кои решаваат во земјава.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар