Рецензија: Случајно „уловена“ преубава „Скопјанка“

FireShot-Screen-Capture-051-preubava-crop-resize

Кусата фото-вест е една од формите на новинарското изразување кои се популарни кај читателската публика, бидејќи најчесто се визуелно освежување од останатите, „посериозни“ содржини кои ги донесува медиумот. Било да се обработува полежерна или пак социјално ангажирана, но секогаш провокативна тема, акцентот е на добрата фотографија за чиешто појаснување не се неопходни многу зборови, а текстот кој ја следи фотографијата треба да е компримирана порака со поента. Фото-веста што ја рецензираме спаѓа во таканаречените „летни“ теми, создадени во тој дел од годината кога нема бројни актуелни случувања и кога, како непишано правило, деталите од урбаното живеење на градовите стануваат поинтересни за медиумите од вообичаеното. Притоа, како и во овој случај, еден од најомилените мотиви на објективот, па и на перата во редакциите се – убавите жени.

Меѓутоа, оваа фото-вест покажува дека дури и добра фотографија и убава жена не се доволни за добар новинарски производ. Иако е многу куса, четири реда, односно две реченици плус наслов, оваа вест толку „плаче“ за уреднички и лекторски интервенции, што би требало да биде вратена на комплетна преработка. Насловот е лош и со граматички грешки, а зборот „преубава“, даден во насловот, авторот успеал да го употреби четири пати во четирите реда текст, што претставува груба стилска грешка, која не би смеела да се толерира. „Централното скопско подрачје“ – уште една оптоварувачка конструкција во оваа вест, погрешна и непотребна. „Центарот на Скопје“ или „низ скопските улици“ како поедноставни опции ќе беа попримерени на содржината.

Инсистирањето на зборот „преубава“ (девојка, облека, комбинација) просто боде очи секому што ќе ја прочита оваа фото-вест. И не треба човек да е јазичен витруоз за веднаш да пронајде барем 4-5 синоними или соодветни зборови, со кои можела да се избегне оваа несмасна стилска грешка – прекрасна, убава, вита, згодна, привлечна, модерна, провокативна, атрактивна…

Треба да се напомене и дека оваа фото-вест е, всушност, позајмена од друг портал, каде е е многу подобро обработена како фото-сторија.

Рецензија: Случајно „уловена“ преубава „Скопјанка“Линк до оригиналниот напис: Случајно „уловена“ преубава „Скопјанка“

Датум и време на објавување: 6.09.2014, 13:25

Датум на рецензирање: 10.09.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Фото-веста е, всушност, обид да се пласира скратена верзија на фото-сторија за убавата скопјанка во оригинална и провокативна гардероба, која ја „уловил“ фото-објективот на скопските улици, како лежерно се движи и привлекува внимание. Позајмувањето, за жал, не е направено умешно.

Изворот на информацијата е коректно наведен со линк.

Насловот е една од најголемите слабости на овој напис: „Случајно „уловена“ преубава „Скопјанка““ – зборот случајно би требало да асоцира на спонтаноста на средбата, но тешко дека некој би ставил обратен наслов: „Намерно уловена преубава скопјанка“, така што зборот случајно е непотребно појаснување. Лектор, пак, не би дозволил објавување на две груби граматички грешки во еден збор какви што се пишувањето со голема буква, па уште под наводници, на жител на населено место. Наводните знаци кај „скопјанка“ укажуваат или дека авторот се сомнева дека се работи за вистинска скопјанка или, едноставно, не знае каде тие се употребуваат, а каде не.

Фотографијата е позајмена и претставува подлога за оваа фото-вест. Таа речито зборува дека навистина се работи за убава девојка со интересен избор на гардероба.

И малите и големите вести заслужуваат подеднаков третман во еден медиум. И едните и другите мора да поминат низ уредничкото сито, како и низ лекторска контрола, за да се запази квалитативното ниво на материјали кои ги пласира медиумот, како од аспект на понудените содржини, така и од аспект на нивото на писмено изразување и јазична култура. Квалитативната проверка би требало да е врвен приоритет на секој медиум, без оглед дали е тој информативен, забавен или, пак, со научна содржина. Во овој случај, а такви, за жал има и премногу во домашната медиумска понуда, очигледно е дека со написот не се позанимавал ниту уредник, ниту лектор, што неминовно влијае на перцепцијата која читателот ја формира за конкретниот медиум – неписмени и стилски несмасно срочени вести, скромно познавање на македонскиот литературен јазик и правопис – сето тоа укажува на аматерски пристап кон новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција