Рецензија: Со евтини автомобили до намалување на загадувањето!
Докрај не е јасна причината за постоењето на овој текст. Пласиран е како да станува збор за дневна вест, меѓутоа факт е дека не содржи конкретна информација нова за публиката. Од друга страна, пак, не станува збор ниту за анализа, бидејќи не добиваме „разложување“ на темата која се обработува – нема бројки, нема соодветна фактографија, недостасуваат прецизни извори и соговорници, се забележува отсуство на „background“. Она што го има е едно, би се рекло, општо тврдење, добро познато, дека поновите автомобили помалку трошат и помалку загадуваат од старите. Добро, но дали тоа „општо спознание“ е доволно за да се оправда објавувањето на текстот? Одговорот е не, тоа не е доволно.
Линк до оригиналниот напис: Со евтини автомобили до намалување на загадувањето!
Датум и време на објавување: 17.12.2013 12:00
Датум на рецензирање: 20.12.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Се се врти околу народски кажаното „10 години старото БМВ поубаво вози, а помалку ми троши од 20-годишниот 101, а и не чади толку“. Не велиме дека најверојатно не е така. Проблемот е што не е понудена соодветна аргументација за да се поткрепи тоа тврдење. Не може туку-така да се изнесе некаков навод и да се очекува во него да се поверува, а притоа истиот да не биде поткрепен. Токму поради целосното отсуство на некакво, барем позајмено истражување, вистинитоста на овој текст е начната. Како читател би посакал, низ бројки, да видам дали навистина на пример, БМВ 530 дизел од крајот на деведесетите со поминати 200.000 километри, навистина помалку загадува од порано популарното „фиќо“. Не дека спориме дали БМВ прави подобри автомобили од некогашната Застава, туку велиме дајте ни „продлабочено“ четиво со вистинска аргументација за еколошката подобност, на како што се вели, „евтини стари увозни автомобили кои го подобрија возниот парк“.
Извори на информации: Извори на информации нема. Во ниту еден од трите пасуси на овој кус текст не е наведен ниту еден извор кој послужил при неговото пишување. За јасно наведен соговорник, пак, воопшто и не станува збор. Едноставно, овој напис си се потпира на некаква „позната вистина“.
Содржајност: Од аспект на содржајност текстот не нуди ништо ново. Некој не се потрудил барем накусо да објасни што се тоа EURO-стандарди, а за тоа не требало кој знае колку работа. Дополнително, само колку за споредба, EURO – 2 стандардите кои се фалат во овој напис, се директива 94/12/EC која стапила на сила на 1.1.1996. Значи, тоа е стандард од пред 18 години, одамна надминат во ЕУ и заменет со нови построги правила веќе 1.1.2000. Во моментот во Унијата на сила се EURO-5, а во фаза на имплементација се EURO-6 стандарди.
Пристрасност: Ја има и таа јасно се гледа од овој пасус:
„Граѓаните, преку владините мерки, успеjаа за многу поволни цени да набават подобри автомобили од типот на „форд“, „сеат“, „мерцедес“, „бмв“, „опел“ и други кои имаат најмалку еко 2 стандард на моторот….“
Оригиналност/Плагијат: Интересно, авторот се идентификува само преку своето име, но не и презиме. Но и без тоа понуденото, од содржински аспект, не би можело јасно да се оквалификува како „чист“ авторски производ.
Квалитет на насловот: Кога ќе се прочита текстот се увидува дека насловот е несоодветен. Во него се пласира теза како апсолутна вистина, без да биде „покриена“ со факти.
Фотографија: Застапена е една фотографија од модел на „вартбург“ – возило порано многу популарно на овие простори, познато како „зачадувач“ поради специфичната конструкција на моторот.
Заклучок: Малку напор е вложен во овој текст, кој токму и затоа излегол како што излегол. Нема ниту податоци, ниту нови информации. Интересно е дека написот се појави токму во период на неколкукратно зголемување на загаденоста во одредени градови, пред сѐ, во Скопје, за што опозицијата дел од вината побара и во неколку години старата владина одлука да ги „спушти“ критериумите за увоз на стари возила од Европа. Дали е тоа коинциденција? Малку веројатно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар