Рецензија: Со помош до 10 илјади евра и Норвешка ќе глуми професор по новинарство во Македонија
Веќе во насловот интониран со видлива доза на сарказам: „Со помош до 10 илјади евра и Норвешка ќе глуми професор по новинарство во Македонија“, се навестува каква приказна се плете во написот најавен на насловната страница на весникот. Текстот ја проблематизира потребата амбасадата на Кралството Норвешка во Белград да додели грантови за поддршка на професионалното новинарство во Македонија, Србија и Црна Гора (30 гранта во висина од 3.000 до 10.000 евра во зависност од проектот), по повод 200 годишнината од донесувањето на норвешкиот Устав.
Материјалот што е предмет на оваа рецензија е тенденциозно скроен. Тој ја става под прашалник искреноста на намерите на Норвешка за финансиска поддршка на новинарски стории поврзани со владеење на правото. Што претствува голем срам и се граничи со безобразие. Норвешка, несомнено, важи за една од земјите кои со години и даваат најмногу донации на Македонија – и во пари и во опрема. И тоа речиси во сите сфери – здравство, образование, спорт, индустрија, локална самоуправа…
Линк до оригиналниот напис: Со помош до 10 илјади евра и Норвешка ќе глуми професор по новинарство во Македонија
Датум и време на објавување: 11.03.2014, 11:19
Датум на рецензирање: 12.03.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ТЕНДЕНЦИОЗНА КОНСТРУКЦИЈА
Фактите кои ги содржи написот се проверливи. Абасадата на Кралството Норвешка во Белград, објави Јавен повик за финасирање новинари, индивидуалци и тимови од Македонија, Србија и Црна Гора. Но, овој оглас е искористен за конструкција дека во заднината на целата работа, можеби, има некакви скриени намери. Текстот прозвучува како Норвешка да подготвува некакво „заговорничко сценарио“ против македонското новинарство. Во тој контекст се споменуват и проектите на Холандската амбасада за поддршка и развој на професионалните новинарски стандарди (кои пред два месеца беа „сатанизрани“ во еден друг медиум).
Притоа, во написот што го рецензираме наменски се заклучува:
Овој пат се чини како сценариото да се повторува. Само што за Kралството Норвешка, македонските, заедно со српските и црногорските медиуми, се непрофесионални и немаат доволно капацитет да обезбедат соодветни информации какви што јавноста заслужува.
Интересно е што на крајот од текстот со зачуденост се поставува прашањето: „Зошто норвешката Амбасада има таков впечаток и зошто изборот падна токму на Македонија, Србија и Црна Гора“
Што имплицира дека слободата во информирањето во Македонија е на едно високо ниво, дека новинарите ја негуваат слободната мисла, не се соочуваат со цензура и притисоци, а нема ниту драконски судски казни и затворање на новинари!
СПИНУВАНА ВИСТИНА
Иако текстот се темели на огласот на Амбасадата на Норвешка, тој е едностран. Ваквиот впечаток не се менува ниту со информацијата: дека биле доставени прашања на интернет адресата за контакт и медиумот добил уверување дека ќе добијат одговор, „ама до затворањето на весникот ништо не стигнало“. Но, нејасно е зошто било брзањето да се објави текстот, кога не станува збор ниту за итна, ниту за некаква ексклузивна информација. Имено, конкурсот е веќе објавен во јавноста и не е завршен, туку трае до 24 март. Така што, текстот можел да се одложи некој ден.
Инаку, прашањата издвоени во посебна рамка, фактички го коментираат споменатиот оглас, а дел од нив се така срочени што веќе содржат заземен став:
…. колку реално можат да направат паричните грантови од Kралството Норвешка нештата да се променат? Или идејата е само да се критикува и навидум да се дејствува на терен за да исполни агендата?
Написот ја спинува вистината и нема намера да даде објективен приказ за тоа што ја натерало оваа скандинавска земја да посака да помогне во зајакнување на професионалните стандарди во македонското новинарство. Не е тешко да се заклучи зошто се има таков пристап и на која страна натежнува „вагата“.
НОВИНАРСТВОТО НА НИСКИ ГРАНКИ
Наднасловот и насловот му даваат навредлив тон на целиот текст. Во нив се иронизира дека Холандија и Норвешка се загрижени за македонското новинарство, што е недолично. Дотолку повеќе што станува збор за земји кои се пријателски настроени кон Македонија. Формулацијата „ Норвешка ќе глуми професор по новинарство“ во најмала рака е неумесна и делува невкусно.
Се добива впечаток дека текстот просто стравува од можноста и македонски новинари да се вклучат во истражувачки проекти со колеги од други држави, да користат странски искуства и да се усовршуваат во професијата. Во однос на „големата“ дилема што се поставува во написот: зошто Кралството Норвешка смета дека е нарушен професионализмот во македонското новинарство, доволно било да се погледне последниот Извештај на Репортери без граници, според кој „паѓа индексот на слобода на медиуми во Македонија и таа е рангирана на дното на листата“. А, самиот напис, за жал, е најдобар доказ на какви гранки е спаднато македонското новинарство, колку се независни медиумите и колку е, всушност, добредојдена најавената донација од Норвешка за поткревање на професионалните стандарди.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар