Рецензија: Собранието ги донесе измените на Уставот

Собранието-ги-донесе-измените-на-Уставот-I-Република-Online-republika_mk__p284900-crop-resize

Текстот што го рецензираме, преку насловот: „Собранието ги усвои измените на Уставот“, фактички, во јавноста  пренесува невистинита  информација: парламентот на седницата одржана на 16.07.2014 донесе Одлука за пристапување кон измена на Уставот. Или, поедноставно кажано даде согласност да започнат уставните измени, со кои, меѓу другото, бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена.

Собранието ги донесе измените на Уставот I Република Online' - republika_mk__p=284900Линк до оригиналниот напис: Собранието ги донесе измените на Уставот

Датум и време на објавување: 16.07.2014, 17:24

Датум на рецензирање: 21.07.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ГРЕШКА

Текстот се повикува на  на собраниската седница од 16 јули, на која  со двотретинско мнозинство беше изгласана Одлуката за пристапување кон измена на Уставот. Во него е наведено и дека тоа го констатирал претседателот на  Собранието, кој посочил дека  Одлуката стапува на сила веднаш. Но, во правата реченица од написот се вели дека :

„Со поединечно гласање, попладнево, пратениците, од кои 82 „за“, шест „против“ и еден воздржан, ги донесоа уставните измени.“

Што е произволна и неточна  интерпретација.

Имено, процесот  на уставните измени е сложен. Постапката е прецизирана во членовите 129, 130 и 131 од Уставот, каде е наведено дека:

Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија.
Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

Што значи дека во следната фаза предлагачот на измените, во конкретниот случај Владата, треба да изготви текст на нацрт-аманманите со кои ќе се менува Уставот и да ги достави до Собранието. Во написот, инаку, се споменува дека Владата треба да го стори  тоа најдоцна за 10 дена.

Меѓутоа, тука не завршува постапката.  Нацрт – амандманите треба да ја поминат собраниската процедура, а за да се усвојат во парламентот потрeбни се минимум 62 гласа. Потоа следува јавна расправа за секој амандман, по што Владата ќе треба да изготви предлог-амандмани и да ги достави до Собранието. Откако тие ќе ја поминат собраниската процедура, за да бидат усвоени е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 82 гласа. На крај се гласа за целиот пакет и за прогласување на уставните измени, исто така со 82 гласа.

Според прогнозите кои беа давани во овој период, очекувањата на власта се измените на Уставот да бидат направени за околу три месеци (октомври 2014). Според насловот пак, илегува дека измените на Уставот се завршена работа. Што не е точно. Вакви уставни измени можеби навистина ќе бидат усвоени, но не може  отсега да се тврди дека тоа ќе биде така. Особено кога се работи за 82 пратенички гласа  и за прашања околу кои е поделена и политичката и експертската јавност. Така што, од невнимание или од незнаење, е направена грешка. Или, сепак, можеби некому многу му се брзало предвреме да ги прогласи уставните измени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција