Рецензија: Собранието ги усвои пакетот закони за образование
Материјалот што го рецензираме ја дезинформира јавноста дека неколкуте нови закони и законски измени од областа на образованието добија зелено светло од парламентот. А тие, фактички, во саботата (10 јануари 2015 година), во раните утрински часови, поминаа на собраниската Комисија за образование, наука и спорт и допрва ќе одат на пленарна седница, најавена за 14 јануари 2015 година.
Линк до оригиналниот напис: Собранието ги усвои пакетот закони за образование
Датум и време на објавување: 10.01.2015, 17:25
Датум на рецензирање: 12.01.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ПОГРЕШНА ИНФОРМАЦИЈА
Погрешната информација се испраќа преку целосно промашениот наслов: „Собранието ги усвои пакетот закони за образование“, а сосема истата формулација е употребена и во поднасловот и во првата реченица од прилогот. Тоа укажува на фактот дека не се работи за техничка грешка, ниту за пропуст поради брзање да се објави веста (прилогот е пласиран во 17.25 часот, а законите добиле „виза“ од Комисијата во три часот по полноќ), туку за непознавање на процедурата во која се носат законите. Или, можеби, сепак, некој сакал да ги исфорсира нештата.
Прилогот е конфузен. Најпрво соопштува дека новите законски решенија во образованието се донесени од парламентот. Веднаш потоа вели дека „големиот број на амандмани, вкупно 140, без спиење ги остави членовите на матичната комисија која со работа заврши дури во раните утрински часови“ и во средината на текстот кажува дека „пакетот закони, ќе бидат разгледани на пленарна седница“ .
Ваквата кобинација од различни информации за гледачите е збунувачка. Настрана тоа што втората реченица е така формулирана што прозвучува како да се жалат пратениците од Комисијата за образование за непроспиената ноќ!
САМО ТЕЛЕФОНСКА ИЗЈАВА
Самиот извештај воопшто не ја прикажува атмосферата од комисиската расправа, која, како што пренесоа дел од медиумите, траела вкупно 17 часа (заедно со паузите).
Имено, во него не се прикажува ниту една дискусија на членовите на ова собраниско тело за да може да се разбере каков тон имала и како течела самата дебата. Наместо да ги презентира ставовите на членовите на различни пратенички групи, вклучително и настапите на независните пратеници, во материјалот е дадена единствено телефонската изјава од претседателката на Комисијата (има видеозапис од 0,26 до 1,14 минута). Написот, практично, се потпира само на гледиштето на шефицата на Комисијата, која кажува дека поминале околу 140 амандмани и дека не биле сите одбиени:
„…одбиени беа само оние кои не беа конструктивни и кои по отворената дебата и дискусија не беа прифатливи“. (Олга Најденовска – 1,01 до 1,14 мин.)
Но, јавноста не знае какви биле амнадманите, дали тие навистина не биле конструктивни и зошто конкретно не биле прифатливи.
ПРЕМОЛЧУВАЊЕ
Исто така, никаде во прилогот не се споменува кои пратеници и пратенички групи ги поднеле амандманите, за кој закон, главно, се однесуваат, како и тоа колку амандмани биле одбиени.
Некои медиуми, на пример, пренесоа дека биле одбиени сите предлози на опозицијата и дека за законот за високото бразование имало поднесено 90 амандмани. Дека освен ДПА и независните пратеници, амандмани поднеле и пратениците од владејачкото мнозинство (лидерите на ДОМ и на Демократскиот сојуз). Во материјалот што е предмет на оваа рецензија не се кажува дека претседателот на ДС, Трајанов, побарал дополнителен период за поширока јавна расправа за Законот за високо образование, а пратениците од ДПА ја напуштиле расправата во знак на револт што министерот Адеми не прифати ниту еден нивни амандман.
Премолчена е и информацијата дека од „Професорски пленум“ и од „Студентски пленум“ не доставија ниту еден предлог бидејќи сметаат дека предложните законски измени треба да се повлечат и да сe утврдат по целосна дебата.
СПИН
Наместо овие информации, кои даваат поинакво светло на седницата на Комисијата, во прилогот се повторува стара вест од 6 јануари 2015 година (соопштение од Министерството за образование и наука ) дека Владата и МОН прифатија неколку предлози од дебатата во Собранието, одржана на 5 јануари 2015 година.
Прилогот завршува спинерски, со информацијата од претходниот ден (9 јануари 2015 година) дека:
„… уште 8 професори од неколку универзитети јавно ги поддржаа пакетот мерки “
која има цел да создаде привид дека споменатите реформи наидуваат на широка поддршка во јавноста.
И, веројатно, за да не се наруши таквата перцепција, не се кажува дека истиот ден (9 јануари 2015 година) четворица поранешни ректори на УКИМ, Ѓорѓи Филиповски, Драги Данев, Александар Анчевски и Ѓорѓи Мартиновски, преку писмо до медиумите ја соопштија својата поддршка за „Студентски пленум“ и за „Професорски пленум“.
Па, гледано од професионален аспект, извештајот е непрецизен, површен и селективен. Сликата ја дава од еден агол, при што се нагласени само оние моменти што се во прилог на власта. Поради сето ова, заслужува и негативна оценка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар