Рецензија: Спрема ли опозицијата таен сојуз за дестабилизација на Македонија со радикалните исламисти?!

26-opozcijia-zavera-0987-00998877-crop-resize

Од каде попрво да се почне? Дали од тоа дека целата понудена „конспирација“ ама баш со ништо не е поткрепена, дали од целосното отсуство на релевантни извори, дали од апсолутно неприфатливиот наслов, дали од содржината која има „шмек“ на политичко-полициска конструкција, дали од покажаното непознавање на македонскиот јазик поради серијата граматички и правописни грешки кои се надминуваат уште на почетоците на основното образование?! Навистина е тешко да се најде барем некаква позитивна точка во овој текст, кој на публиката ѝ е понуден како „легитимна вест“, иако во основа не ги задоволува минималните критериуми за да се нарече информација, бидејќи во себе повеќе содржи елементи на коментар.

2Линк до оригиналниот напис: СПРЕМА ЛИ ОПОЗИЦИЈАТА ТАЕН СОЈУЗ ЗА ДЕСТАБЛИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА СО РАДИКАЛНИТЕ ИСЛАМИСТИ?!

Датум и време на објавување: 15.02.2014

Датум на рецензирање: 16.02.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Местото на овој напис е во оној дел кој таблоидите, барем светските, го резервираат за „сведоштва на НЛО-слетувања, грабнувања од непознати сили, обземеност од демони“. Сличноста меѓу таквите и овој конкретен текст е во тоа што треба да му „веруваме на раскажувачот“, иако за тоа што тој го тврди никаде не се нуди аргумент. Секако, јас како и секој друг граѓанин би се загрижил ако постои, како што се вели, „тајно сценарио на опозицијата и исламските радикали за дестабилизација на земјава“. Но, за таква констатација неопходни се аргументи, факти, податоци, а не само нафрлања од типот:

„Дека постои таен сојуз помеѓу едно од крилата на СДСМ и ИВЗ, нас како на редакција ни е добро познато , но тоа е она радикални крило на ИВЗ ,кое патем е спремно да направи секакви немири, исти оние како во мнатото,т.е 2001 година. Таквата жешка , незрела игра , за жал може да доведе до дестабилизација на Македонија, а со самото тоа цената на доваѓање на некого на власт би била погубна за Македонија и за Македонскиот народ“.

Ако тоа ѝ е познато на редакцијата на овој интернет портал тогаш зошто тоа не го аргументира и пред публиката, па да видиме за што навистина станува збор. Вака како што е пласиран, овој материјал остава впечаток на „верувале или не“ и неговата вистинитост е, во најмала рака, исклучително проблематична. Поточно, структуран е така за да ѝ се наруши имиџот на опозицијата, а не за да се „обелодени“ голема завера.

Извори на информации: Ако се вели дека:

„За можна дестабилизација на овој дел на Балкан предупреди и Стејт де партментот , но предупредуваат и останатите разузнавачки служби“

тогаш зошто не се понуделе барем линкови до некои извештаи на Стејт Департментот, кои се јавно достапни и во кои, меѓу другото, се обработуваат и теми поврзани со тероризам. Зошто не се обезбедени барем некакви информации, нека бидат и анонимни, од домашните разузнавачки служби кои се најповикани да ги следат можните ситуации? Сѐ е само нафрлано и „непокриено“ со извори, соговорници и барем некакви факти кои лесно може да се обезбедат и од интернет.

Содржајност: Има, но за приврзаници на теории на заговор, иако верувам дека и тие би сакале повеќе податоци и кредибилни информации. Точно е дека постојат сомневања, како што некои медимуи одамна информираат, за групи кои проповедаат учење кои не се дел од класичниот ислам кој се практикува во Македонија, но, сепак, само тоа не е доволно за овој текст да „добие на содржина“. Требало многу, многу повеќе да се „копа“ за да се изнесат такви тврдења дека има „тајна спрега меѓу исламисти и опозицијата“, а како паралела да се користат настаните од 2001-та.

Пристрасност: Самиот наслов кажува што Ве чека подолу во текстот! Исклучително високо ниво на пристрасност кон една страна, која потоа преминува и во отворен анимозитет кон опозицијата со употреба на силни предупредувања како: „не се играјте со огин, доста крв е пролеана….“. Апсолутно не е обезебедна балансираност во текстот, иако верувам дека тоа не ни била намерата на тој што го пишувал.

Коментирање: Членот 13 од Кодексот на новинарите на Македонија вели дека:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

Таа разлика не е направена во овој напис, бидејќи, всушност, се нуди материјал кој во основа е коментар, а тоа не е наведено и со тоа публиката се доведува во заблуда. Еве примери за тоа:

„Ваков погубен договор со дел од вжештените глави на дел од албанскиот кампус , можно е да доведе до нова дестабилизација , секако безбедносна на Македонија ,а со самото такво нешто , некоја идна влада , наместо мир , спокојство и економски просперитет да ја доведе Сатаната во Македонија“.

 

„Активностите на „Разбудисе“ и други НВО организации ,се само дел од таквиот наместен сплет на околности кој треба да се случуваат во Македонија. Наредниот потег највероватно ќе биде притисок на Муфтисвото на ИВЗ , да по верски основ го покрене Албанскиот Кампус.Ваквите можни заговори ќе бидат погубни не само за Македонија , туку за стабилноста на Целиот Блакан.Доколку некој толку посакува немирите од Босна да се префрлуваат во Македонија , тогаш државата , безбедносните системи , овој пат по ниту една цена не смеат да подфрлат,но воедно порака до лидерите , посебно оние на опозицијата ,немој да играте со огин , народот тоа не го заслужува , доста крв во историјата е пролеана низ Македонија , нова не ни треба“!? 

Оригиналност/Плагијат: Спинувањето и извитопереноста се меѓу главните одлики на текстот, кој, иако е потпишан како редакциски, сепак, повеќе наликува на „дело“ на еден автор.

Квалитет на насловот: Многу лоша и тенденциозна насловна конструкција, која е најава за „чудото“ што следи. Дополнително, искористена е прашална форма која не придонесува за подобар квалитет на, и онака, „насочувачкиот“ главен наслов.

Фотографија: Кусо, единствената употребена фотографија треба да го засили впечатокот на „заговор за поделба на земјата“ – две силуети ја „набљудуваат“ картата на Македонија.

Заклучок: Кога ќе се сумира, понуденото четиво не ги задоволува основните критериуми за вест, а ниту, пак, ја остварува потребата за почитување на професионалните стандарди. Навистина, местото дефинитвно не му е во информативните содржини пласирани во етерот и интернет-просторот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција