Рецензија: Стара вест за починато бебе пред три години го потресе Балканот

Стара-вест-за-починато-бебе-пред-три-години-го-потресе-Балканот-crop-resize

Новинарската сторија што ја рецензираме тука, почнувајки од насловот, а потоа и во еден дел на текстот, го проблематизира објавувањето на стари вести кое во последно време зачести, особено во онлајн медиумите во Македонија. Тоа, би рекле, е добра новинарска тема, но авторката на текстот освен во насловните напомени и првите два пасуси каде што се задржува на оваа тема, потоа веднаш отвора нова тема: дали вакцините се корисни или штетни. Една исклучително важна тема, тема која допира сериозен број родители, деца и нивни роднини, во овој текст станува второстепена.

Стара вест за починато бебе пред три години го потресе Балканот - Нова Македонија 2013-12-18 20-15-49Линк до оригиналниот напис: Стара вест за починато бебе пред три години го потресе Балканот

Датум и време на објавување: 18.12.2013

Датум на рецензирање: 19.12.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Интересно, оваа новинарска сторија, во првиот дел, се занимава со невистинитост – со лажна вест и укажува на последиците што ги предизвикала една ваква непрофесионална постапка. За жал, вистинитоста во делот каде што се развива второстепената тема е доведена во прашање заради несоодветните извори.

Извори на информации: Текстот потфрла и на овој план. Нема ниту линк до старата вест, ниту до рециклираните вести во медиумите каде што таа била објавена, а тоа е еден од врвните принципи на онлајн новинарството: Кога се повикувате на некоја вест, медиуми, документ и слично, да го ставите и линкот до тој извор.

Освен тоа, целата второстепена тема во сторијата се повикува на дебатите на социјалните мрежи за добрите и лошите аспекти на вакцинирањето. Тоа е во ред, да се повикувате на такви дебати на интернет, но не само што не е доволно, туку е и второстепено. На ваква важна тема која бара стручни, а не лаички и емотивни толкувања, мора да се ангажираат експерти.

Содржајност: Во овој дел можеме да ја елаборираме грешката на новинарката. Да претпоставиме дека таа не била намерна. Да претпоставиме дека токму желбата за содржајност ја однела новинарката кон идејата да ја поврзе сторијата за рециклираната вест со последици, со дебатата за добрите и лошите страни на вакцината. Тоа можело подобро да се направи. Ако смееме да си дозволиме сугестија, тогаш секако дека централна тема на оваа сторија требало да биде токму дебатата „Вакцини – да или не“. И тоа, онака, со учество на релеватнни експерти од соодветни институции, а лажната, односно рециклираната вест, требало да биде попатно спомената, или во завршницата, со сите укажувања на тоа дали и како таа предизвикала, или не, дебата на оваа тема. Или, сосема друга опција – двете теми да бидат две одделни новинарски стории. Но, тука требало да дојде до израз и работата на уредникот.

Оригиналност/Плагијат: Како и да е, со сите пропуштени можности, ова е еден добар обид да се направи оригинален новинарски текст.

Квалитет на насловот: Насловот е во ред, но не е соодветен на целиот текст. Проблемот што новинарката самата си го создала со тоа што развива две важни теми ѝ направил уште еден проблем во насловот. Тој се однесува само на лажната, односно на рециклираната вест.

Фотографија: Графичката опрема на текстот воопшто не е инвентивна. Токму на дебатите на кои се повикува авторката се појавија разни графички прикази за „за“ и „против“ вакцините. Се разбира, и тие не треба да се земат туку така. Доколку се „послужиме“ со нив, секако треба да ја провериме нивната релевантност и кредибилитетот на институцијата која ги подготвила, па дури и да побараме толкување од некој стручњак.  

Заклучок: Штета, пропуштена е добра шанса. Вака, заради елементарната грешка и непочитување на правилото „Една тема, една сторија“ е „потрошена“ една исклучително важна, атрактивна и многу актуелна тема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција