Рецензија: Ставрески: Децата со инвалидитет и нивните семејства ја имаат нашата поддршка (ФОТО)

lica-so-poprecenost-crop-resize

Денеска имаме текст кој е класична информација за посета на политичар на деца со попреченост. И текстот во политичка смисла (освен ако не сакаме да навлеземе во дебата за мешањето на јавната и политичката функција) е коректен. Сепак боде очи формулацијата со која е опфатена ова група која е носител на приказната. Имено, текстот ги ословува како „децата со инвалидитет“ што е во спротивност со модерната терминологија. Тоа е објаснето и во анализата на м-р Жарко Трајановски: „Зошто медиумите го игнорираат проблемот на лицата со попреченост?“

Почитувањето на човековото достоинство и на човековите права на сите луѓе, вклучително и на припадниците на маргинализираните групи, е обврска на новинар(к)ите. Новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни при употребата на термините за означување на дискриминираните заедници и групи, затоа што eдна од најраширените форми на дискриминација е негативното и омаловажувачкото лингвистичко идентификување. Посебен етички предизвик е употребата на почитувачки термини за луѓето со попреченост, затоа што непочитувачкиот јазик може да предизвика чувство на исклученост.

lica so poprecenostЛинк до оригиналниот напис: Ставрески: Децата со инвалидитет и нивните семејства ја имаат нашата поддршка (ФОТО)

Датум и време на објавување: 15.04.2014, 15:37

Датум на рецензирање: 17.04.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

НОВИ МЕТОДИ НА ГОВОР

Веста е вистинита и навистина се случила. Воопшто не е спорно ниту во која конотација е напишан текстот. Туку, она со што денеска се занимаваме е неукоста за новите методи на говорот за одредени групи на луѓе. Тоа го објаснува и Трајаноски:

Како да се разрешат овие етички дилеми? Несомнено, новинар(к)ите немаат право да ги менуваат називите на постоечките закони, институции и здруженија. Но, тие имаат етичка обврска свесно да не создаваат или преработуваат информации кои поттикнуваат на дискриминација и да ги бранат човековите права, достоинството и слободата. Покрај тоа, новинарите имаат и обврска да избегнуваат генерализирање по основ на попреченост. Ако некои здруженија на граѓани сè уште го користат терминот „инвалиди“ за себеозначување, од тоа не следува дека истиот термин треба да се користи за означување на целата дискриминирана група. Ако некои институции и закони сè уште го користат терминот „инвалиди“, тоа би требало да послужи како новинарски повод за покренување на следново прашање: Зошто законите и институциите кои се грижат за правата на граѓаните сè уште користат застарени термини со кои се повредува нивното право на достоинство и почит?

Најверојатно изворите на информација се релевантни или се податоци од една политичка партија.

 

ЗБУНЕТОСТ КАЈ НОВИНАРОТ

Текстот има информација за настанот. И покрај тоа што е политички памфлет, односно грижа за време на избори, денеска го рецензираме другиот аспект.

Доколку новинарите претпочитаат да користат законски термини, најдобро е да ги користат термините „лица со (ментална и телесна) попреченост“, имајќи предвид дека менталната и телесна попреченост е признаена како дискриминаторска основа во „Законот за спречување и заштита од дискриминација“. Во истиот закон се дефинира што се подразбира под дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост, а притоа се вклучени и случаите кога „нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениотживот“.

Нема пристрасност, но новинарот треба да знае:

Од една страна, употребата на најразлични референци (меѓу кои и „овие лица“), е показател за збунетост кај новинарот. Од друга страна, изборот на изразот „лицата со инвалидитет“ во насловот, го засенува неуспешниот обид да се покрене прашањето за различната употреба на термините во законите.

Текстот е оргинален редакциски, а насловот е целосно погрешен. Всушност насловот е и главниот виновник поради што текстот се нашол на ова место.

Фотографијата е оргинална, од самиот настан и не е погрешна како и насловот, туку е коректна и ексклузивна.

Место заклучок секој новинар треба да знае:

Препораките за интеракција со луѓе со попреченост сугерираат избегнување на застарените термини „хендикепиран“, „осакатен“ или „ретардиран“. Меѓутоа, во македонските медиуми сè уште се среќаваат наслови кои ги акцентираат токму овие термини.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција