Рецензија: Стотици подржувачи на Мара Бунева во Скопје
Овој текст има повеќе грешки, за што и детално ќе дадеме образложение. Во еден текст, кога речиси секоја реченица содржи по некоја материјална грешка, тешко може да се зборува за професонално новинарство. Прва работа на новинарот е да информира точно и вистинито.
Линк до оригиналниот напис: Стотици подржувачи на Мара Бунева во Скопје
Датум и време на објавување: 10.01.2015, 17:07
Датум на рецензирање: 12.01.2015
Рецензент: Владо Ѓорчев
ЗАГИНУВАЊЕ/САМОУБИСТВО – ПЕРИЌ/ПРЕЛИЌ
„Под полициско обезбедување на кејот на Вардар кај Холидеј ин се одбележа годишнина од загинувањето на Мара Бунева, член на ВМРО на Ванчо Михајлов, која по негова наредба на овој ден 1928 година го застрела српскиот полицаец Велимир Периќ.“
Во овој прв пасус се тврди дека Мара Бунева загинала. Вистината, сепак, е поинаква, а тоа е дека таа се самоубила. Следна грешка во пасусот е името и функцијата на човекот кого го убила Бунева. Во текстот стои: „…го застрела српскиот полицаец Велимир Периќ“. Тоа, исто така, не е точно. Убиениот бил државен обвинител и се викал Велимир Прелиќ (не Периќ).
Понатаму, во овој прв пасус текстот вели: „…Мара Бунева, член на ВМРО на Ванчо Михајлов“. ВМРО е партија или тогаш движење кое има континуитет со партиите кои од него излегле подоцна. Но, немало повеќе такви движења/партии за едното да биде на Михајлов. Просто, тој од 1924 до 1934 година, кога ВМРО и во Бугарија била забранета, бил нејзин претседател.
Насловот, исто така, е проблематичен. Од ниту еден аргумент не може да се извлече заклучок дека биле стотици. Ниту постои фотографија, ниту видеозапис. Фотографијата во овој текст е стара, не е од настанот од оваа година. Фотографии единствено има објавено телевизија „Сител“, а телевизиски прилог има направено телевизија „Телма“. Од овие фотографи и од прилогот се гледа дека не станува збор за стотици. Во текстот се вели дека биле пристигнати четири автобуси (и за ова нема фотографии или каква било потврда), но, во секој случај, четири автобуси сигурно не може да соберат „стотици“ луѓе, туку едвај две стотини, иако фотографиите објавени од другите медиуми не покажуваат ни толку.
ВМРО-СМД И ВМРО-БНД
Понатаму, се спомнува ВМРО-СМД кое повеќе не постои, туку се работи за ВМРО-БНД:
„ВМРО-БНД (Бугарско национално движење- з.а.) е наследник на ВМРО-СМД. Во почетокот кон оваа партија регистрирана во Бугарија било додадено името „Сојуз на македонските друштва“ (ВМРО-СМД) со намера таа да се потврди како „легитимен наследник на македонските емигрантски организации“ и на ВМРО на Тодор Александров и Ванчо Михајлов.“
Претпоследната реченица, пак, е нејасна:
„Секоја година исто така по овој настан, плочата на Бунева се вандализира на кејот.“
Синтаксата е погрешна. Што сака да каже оваа реченица? Дека и годинава плочата на Бунева е веќе вандализирана или се претпоставува дека ќе биде? Сосема нејасно.
Ова е текст без компас. Излегува како речиси секоја реченица да има проблеми.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар