Рецензија: Студентскиот пленум прочитан, студентите не сакаат да протестираат за СОРОС

Студентскиот пленум прочитан  студентите не сакаат да протестираат за СОРОС NetPress-crop-resize

Веќе познатите непроверени ставови овојпат се повторуваат во пресрет на најавите за можен нов собир на студентите против иницијативата за државен испит. Едностраните информации се ставени во функција на обесхрабрување нов собир на академските граѓани, коj беше најавен како можност деновиве. Со овој напис се повторуваат истите грешки како и во претходните денови: коментирање, недостиг на изјави или анонимни изјави, пласирање на непроверени и непотврдени тврдења кои на читателот му се презентираат како факти кои мора да се прифатат.

Студентскиот пленум прочитан  студентите не сакаат да протестираат за СОРОС NetPressНаслов на анализираниот напис: Студентскиот пленум прочитан, студентите не сакаат да протестираат за СОРОС

Датум и време на објавување: 02.12.2014

Датум на рецензирање: 02.12.2014

Рецензент: Александар Пешев

Првите три реченици се базирани на информации кои се презентираат како вистина без никакви приложени факти. Се забележува обид за поткрепување на тврдењата за наводна инволвираност на Фондацијата „Отворено општество-  Македонија“ (ФООМ – популарно позната како СОРОС) со извадоци од финансиски извештаи од невладини организации. Проблемот е што бројките се изведени од извештаи од 2008 до 2011 година. Без понови податоци, текстот се обидува да го поддржи аргументот за инволвираност на именуваната фондација во протести кои се организираат три години по последниот официјален податок за финансиите. Во овој случај не е задоволен професионалниот критериум на недвосмисленост на аргументите. Нема факт кој без сомнеж покажува дека невладина организација добива пари за организирање студентски протести, како што се тврди низ целиот текст.

Изјавите на студенти кои не го подржуваат студентскиот пленум се анонимни. Не се гледа добра причина за заштита на идентитетот на соговорниците. Ако не се знае кој зборува (покажано на фотографија или снимка или потпишан со име и презиме), што му гарантира на читателот дека изјавите се веродостојни? Недостига избалансираност. Сите изјави поддржуваат една од спротивставените страни. Не може да се забележи обид за консултација на другата засегната страна. Меѓу останатите изјави има и цитат од колумна на поранешен премиер објавена пред една година. Ако авторот проценил дека мислењето на овој извор е релевантно за темата, зошто не е побарана понова изјава?

Очигледниот недостиг на атрибуција го прави текстот несеопфатен. Поточно, во дел од речениците со кои се тврди нешто, не се одговара на основните новинарски прашања: Кој го вели тоа? Кој го тврди тоа? Кои податоци го потврдуваат кажаното? Се создава впечаток дека не е направен обиде макар и на најлесниот начин да се обезбеди сеопфатност со наведување на ставови од другата страна, па макар и со копирање на изјавите кои се пренесуваат по новинските агенции.

Анонимните еднострани изјави заедно со бајатиот цитат од колумна стара една година укажуваат на можен обид за новинарски спин. Кон ова и фактот дека аргументацијата се базира на бројки стари три години. Несеопфатноста и неизбалансираноста создаваат сомнеж за политичка наклонетост, посебно ако се земе предвид дека речиси идентични неиздржани аргументи се шират по избрани медиуми.

Доминираат тврдења кои не се поврзани со извор, што во основа е коментирање. Тоа се согледува и во следнава реченица чија вистинитост може да се потврди само ако се имало кристална топка:

Се најавуваа повторни протести кои премногу од очигледно е дека ќе доживеат крах

Само дел од тврдењата се врзани со бајати податоци анонимни изјави и извадоци од стари колумни што создава сомнеж за вистинитоста на презентираното.

Непроверените тези се забележуваат во објави за оваа тема во други медиуми што создава сомнение за копирање на ставови и коментари или координирано публикување.

Точноста на насловот не може да се утврди без натприродни способности за гледање во иднината. Се прави обид да се убеди читателот дека одредена многубројна популација ќе се однесува на одреден начин со тврдења од само четворица наводни претставници на студентското тело во Македонија. Од друга страна, пак, во земјава има над 57.000 студенти. Тешко дека нивното однесување може да се потврди со толкав степен на сигурност врз база на ставови на четири лица.

Насловната фотографија соодветствува на содржината на текстот. Подолу во објавата има фотографија која не е атрибуирана за ниту една изјава и не се знае кои се лицата на фотографијата. Подолу, повторно ги гледаме веќе популарните фотографии со црвени кругови.

Текстот ги става во подредена положба прозваните невладини организации и политички партии. Заокружувањето на лица на фотографиите, нивно издвојување во текстот и прозивање за наводна инволвираност во политичка партија или организација претставува директен напад на овие лица и во таква ситуација неопходно е да им се даде можност да се одбранат.

Посебно загрижува следново тврдење за еден од издвоените лица:

.. кој е еден од предводниците на протестите е уживател на опојни дроги

Приложената фотографија за ваквото тврдење не потврдува дека лицето ужива во опојна дрога – цигара, тутун или џоинт? Од каде е потврдено? Ова има клеветнички поттекст, зашто ваквата констатација не е потврдена со никакви аргументи, документи или изјави на лица кои би можеле да посведочат за вистинитоста на вакво едно тврдење. Со оглед на ова, таквиот навод е насочен кон лично дискредитирање, развој на негативни чувства за одредено лице и омаловажување.

Како во оваа објава така и за сличните на неа, не се почитува еден од основните професионални и етички принципи во новинарството: ако некој е прозван, дајте му шанса да се изјасни. И овој пат тоа не е направено, а крајниот резултат е жигосување и етикетирање.

Имаме текст кој во обид да претскаже исход кој не може објективно да се предвиди, жигосува и омаловажува индивидуи. Силен е сомнежот дека станува збор за нарачана објава од центар на политичка моќ, посебно ако се има предвид дека ова не е прв напис кој содржи речиси идентични елементи на непроверени тврдења и обид за спин, забележани во претходни објави во други медиуми. Неизбалансираност, слаба аргументација, анонимни изјави од претставници на една од спротивставените страни, веќе познатите црвени кругови и ставање на столб на срам на избрани личности – сето ова води кон заклучокот дека основните професионални и етички стандарди биле фрлени во корпа при пишувањето на објавата, која во ниту еден случај не смее да се нарече новинарско дело.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција