Рецензија: Св.Никола се појави на филџан со кафе

tera-screenshot-0000000011111-crop-resize

Колку новинари се навистина потковани да известуваат за теми кои се поврзани со религиите и колкаво е нивното познавање од основните учења на светите книги на кои се темелат различните религиозни верувања? Од одговорот на ова прашање ќе зависи колкаво медиумско внимание, всушност, ќе му се посветува на празноверието, односно на суеверието и дали таквите информации воопшто ќе добијат медиумски третман. Станува пракса пред речиси секој поголем христијански празник да се известува за наводна појава на светци на дрвја, во филџани со кафе, на вапцани јајца… Пред нас имам е текст во кој главниот извор е фотографија и не е консултиран извор кој може да ги објасни ваквите „појави“ во контекст на христијанството, како на пример теолог или свештено лице. Освен тоа, текстот се базира единствено на фотографија од филџан кафе како „доказ“, но основното прашање е зошто читателот би требало да верува дека некому фигурата му личи на Свети Никола?

teraЛинк до оригиналниот напис:  Св. Никола се појави на филџан со кафе

Датум и време на објавување:  18.12.2013; 21:36

Датум на рецензирање: 20.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Ако ја разгледуваме вистинитоста од аспект на тоа дали некому оваа фигура во филџанот кафе му личи на Свети Никола, тогаш „потрагата“ по вистинитост нема да не однесе далеку. Во текстот нема ниту извор кој ќе го потврди тоа. Ако извор за ваква работа воопшто и може да се најде. Вториот аспект е дали воопшто според христијанската религија суеверието и појавата на лик на светец (дури и ако некому му личи на светец), во шолја кафе може да се смета за релеватна информација или за вистинските христијани е богохулење и одраз на создавање идоли на земјата, спротивно на христијанското учење.

Извори на информации: Фотографијата од филџанот кафе е основен извор на информацијата. Авторот се повикува на семејството кое е сопственик на филџанот, но овој извор не е со откриен идентитет, односно е анонимен.

Содржајност: Текстот не може да се пофали со голема содржајност во смисла на содржината во синтеза на насловот. Неможно е дури ниту да се очекува текстот да биде содржаен кога третира информација што навлегува во полето на мистиката и на сензационализмот. Меѓутоа, новинарот можел да консултира извори кои ќе посочат дали гледањето на кафе наидува на поддршка на црквата или на ваков начин се пропагира идолопоклонство. Но, од друга страна, текстот содржи информации од православниот календар од кои читателот може да научи.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за изворно создаден текст и телевизијата тоа го наведува, парафразирајќи ја изјавата на анонимниот извор.

Квалитет на насловот: Во насловот нема зборови со кои се наметнува барем мал сомнеж околу вистинитоста на „феноменот“ кој сам по себе е недокажлив што бара новинарот да се огради.

Фотографија: Фотографијата е базичната основа за лидот, аголот и насловот на текстот. Врз основа на перцепција на непознат извор, дека фигурата се појавила во филџан кафе, е „Свети Никола“, се конципира цела приказна. Затоа, фотографијата е важен сегмент во неиздржаноста на приказната.

Заклучок: За информирана публика која не сака да се храни со суеверие, од  значење е за новинарот да може целосно да информира, да се консултира теолог или свештено лице кое ќе даде толкување или став од црквата за суеверието. Во текстот на медиумот никаде не се наведува дека појавата во филџанот е суеверие. По сѐ изгледа дека  на проверената карта на сензационализмот медиумот протуркал информативен текст за празникот и за светецот. Сериозноста со која новинарот треба да им пристапува на темите поврзани со верата, уште повеќе ја засилува фактот што таа е една од најинтимните човекови побуди.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција