Рецензија: Сведоштвата за блудот на Фуере

net2 crop resize

„Сведоштвата за блудот на Фуере“ е пример за крајно шпекулативен редакциски текст, целосно осиромашен од аргументи, но збогатен со паушални оценки, навреди и инсинуации. Резултатот од тоа не е аргументирано и вистинито информирање на читателите, туку преку груби шекулации да им се наметне перцепција за, наводно, неморален живот на поранешениот амбасадор на ЕУ во Македонија, но и за други јавни личности.

Линк до оригиналниот напис: Сведоштвата за блудот на Фуере

Датум и време на објавување: Рецензија: Сведоштвата за блудот на Фуере14. 09. 2013

Датум на рецензирање: 22. 09. 2013

Рецензент: Катерина Блажевска

Вистинитост:  Текстот не се потпира на факти, туку на шпекулации од неименувани извори, па според тоа не може да се утврди веродостојноста на наводите, но ги демаскира  намерите. Во случајов, се чини дека тоа е и целта на текстот – да наметне впечаток кај читателите дека понудените наводи одамна се „општо познат факт“.

Извори на информации: Во текстот се користени анонимни извори, кои еднаш се титулирани колективно и анонимно, а потоа индивидуално и анонимно.

„Луѓе, кои со најголема прецизност ќе ви ги кажат вистините за животот на познатите личности се дебармаалските кафанџии“, се вели во текстот, а потоа сите наводи се потпираат на „еден од нив“.

Се разбира изворот е анонимен,  а неименуван е и објектот (кафеаната) која наводно била мизансцен на наводите за неморално однесување. Вториот извор исто така е анонимен, лоциран како „човек од приватната послуга која ги служела“. Изворите се еднострани, нерелевантни, но контекстуални (кафанџија, келнерка или собарка) според намерата текстот да докаже дека „блудните“ активности се одвивале во кафеани и хотели.

Содржајност: „Веста“ во овој жанровски недефиниран текст, е несеопфатна, бидејќи нема ни факти, ни релевантани извори, ниту ги наведува местото и времето на наводите опишани во текстот. Поради сето тоа, останува впечатокот дека таа можеби има цел да ги прикрие или да ги „покрие“ изјавите на евроамбасадорот за актуелната ситуација во Македонија, кои најверојатно биле директен повод за овој текст. На тоа наведуваат тврдењата во текстот:

„Човекот… (Фуере н.з) во суштина е бледа нерелевантна слика од која ‘неукиот’ народ треба да се плаши дека нешто нам лошо ќе ни се случи ако не го слушаме“. „…ниту Фуере денес е некој фактор кој треба да биде апсолутен авторитет чие мислење треба беспоговорно да се прифати“.

Пристрасност: Текстот не ја покажува ни целосно, ни делумно вистината, туку ја извртува, покажувајќи политичка наклонетност кон еден неформален јавен тренд за дискредитација на сите што ќе искажат критика за политиките во земјата. Во текстот стои констатацијата дека „во очите на Фуере Македонија не е втора татковина, туку зафрлено место за правење на кариера и луда забава“, нешто што не произлегува од која било негова изјава, ниту пак на некаков начин индицирал дека тој така ја доживува Македонија.

Коментирање: Текстот, за кој само може да се претпостави дека жанровски бил замислен како анализа, е предозиран од коментаторски елементи кои и не можат да бидат одвоени од фактите, бидејќи фактите – ги нема.

Квалитет на насловот: Насловот е „информативен“ за целта за која е наменет, јасен, сензационален и сосема соодветен за етичката и професионална супстандардност на текстот.

Фотографија: Фотографијата е без авторски потпис, „соодветна“ единствено за шпекулативното ниво на текстот во кое поранешниот евроамбасадор се прикажува како „љубител на виното и ракијата“. Но, таа во основа манипулативна, бидејќи не се наведува дека се однесува на празнувањето на Денот на рибарите во Охрид, каде Фуере е еден од присутните – илјадници граѓани на Охрид, странски и домашни гости на истиот настан.

 

Говор на омраза: Текстот изобилува со навредлив говор, кој има за цел да го претстави поранешниот амбасадор како неморална личност – љубител на алкохол и блуд. „…личноста на Фуере е трула и далеку од морална“…

Освен етичка и политичка дисквалификација, во текстот јасно се идентификува и сексуална дискриминација.

„Еден од нив со голема точност и прецизност опишува за склоностите на амбасадорот Ерван Фуере, кој многу често, секој вторник и петок, присуствувал во една од многуте скопски кафеани и тоа секогаш во присуство на млади машки лица. Сведокот вели дека освен по разговорите за европската дипломатија Фуере ќе го памети и по нежностите со овие млади луѓе. Изворот вели дека ваквото однесување на Фуере го знаат сите, неговите сколоности кон истиот пол веќе долго време биле јавна тајна“.

Во овој контекст во текстот се инволвираат и имиња на тројца новинари, и еден амбасадор.

„На вилата на Водно многу често можеле да се забележат токму Фуере во друштво со сега отповиканиот литвански амбасадор, кој јавно се восхитуваше на младо машко торзо поставено пред неговата резиденција“.

Заклучок: Ваквите шпекулации и инсинуации за нечија сексуална ориентација, која патем спаѓа во сферата на приватност на секоја индивидуа, кои се злоупотребени за да се формира сликата за нечиј „неморал“, се спротивни на етичкиот кодекс и не можат да се сметаат за професионални аргументи врз кои ќе се темели рецензија или евалуација за чиј било и за каков било учинок во јавниот живот – новинарски, политички или дипломатски, сеедно. Со наводите во текстот се суспендирани сите етички и професионални стандарди неопходни за еден новинарски текст, со што тој останува да функционира на нивото, па дури и под нивото на груб политички памфлет.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција