Рецензија: Теренската кампања на СДСМ – параван за привлекување нови членови
Прилогот што го рецензираме нагласено се труди да ја девалвира најавената теренска кампања на социјалдемократите. Таква интенција има целиот материјал од почеток до крај, а се добива впечаток дека намерно е направен и таков избор на експертот – познат во јавноста по критизерските настапи кон опозицијата.
Линк до оригиналниот напис: Теренската кампања на СДСМ – параван за привлекување нови членови
Датум и време на објавување: 28.10.2014, 14:57
Датум на рецензирање: 29.10.2014
Рецензент: Оливера Војновска
„ТЕЖОК ГРЕВ“!
Текстот се повикува на фрагменти од прирачникот за теренска кампања на СДСМ и притоа на јавноста ѝ нуди „спектакуларно откритие“ дека опозицијата направила „тежок грев!“:
„…главната цел на кампањата е граѓаните да се убедат да станат членови или активисти на партијата…“
Истата поента се нагласува и во насловот:
„Теренската кампања на СДСМ – параван за привлекување нови членови“
Само, нејасно е што има толку страшно во тоа некоја партија да сака да го зголеми членството!? И, зарем сите партии немаат амбиција да придобијат нови приврзаници и симпатизери? Или, тоа може да го посакува само партијата на власт и само таа може да води теренска кампања!
А, бидејќи најголемата опозициска партија се „осмелила“ да ги убедува граѓаните да станат нејзини членови, и уште тоа го навела како „водилка“ во прирачникот за кампањата „Работиме заедно“, таа, во најмала рака, треба да се стави на „столбот на срамот“!
НЕУМЕСНА КОНСТАТАЦИЈА
Прилогот, затскривајќи се зад мислењето на „аналитичарите“, неумесно констатира дека:
„Прирачникот на СДСМ како да е излезен од старата Гебелсова школа, дегутантна и надмината“
Притоа, видливо е дека намерно се дава навредлив тон и отворено се манифестира нетрпеливост кон опозицијата. Со одбивност кон опозиционерите зрачи и настапот на аналитичарката, чија мисла се предимензионира и се издигнува на ниво на цела експертска јавност.
И што уште да се каже за овој тенденциозен прилог во кој целосно потфрлиле стандардите на етички исправното новинарство и во кој е илузорно да се бара балансираност. Отвореното покажување несимпатии кон некоја политичка опција е несвојствено за професионалното новинарство, кое подразбира да се изгради дистанца при информирањето за полтичките настани. Во таа смисла, ваквиот начин на обработка и на пласирање на информациите оставаат простор за сомнеж дека мотивите за прилогот не се новинарски, додека истовремено се и политички обоени.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар