Рецензија: Тито Петковски најгласен за оставки, повторно одработува за туѓи интереси

25-098765098-09800-crop-resize

Повторно четиво за потребите на „патриотите“. Пак, материјал со поделби на подобни и неподобни. Пак, медиумско бележење на „предавниците“. Пак, напис со силна политичка, а преслаба новинарска мотивација. Пак, најверојатно, нарачка. 

2Линк до оригиналниот напис: Тито Петковски најгласен за оставки, повторно одработува за туѓи интереси

Датум и време на објавување: 28.05.2014, 13:13

Датум на рецензирање: 29.05.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ОТВОРЕНА СЕЗОНА ЗА МЕДИУМСКИ ЛОВ НА „БЕЛОКОСИ“ ПОЛИТИЧАРИ

Ако мислевме дека партиската пресметка, најчесто наметнувана од власта, за прашањето за името е актуелна само за време на предизборието, тогаш овој текст ни покажува дека се лажеме. Дебатата за оваа тема продолжува и во периодот по завршувањето на изборниот процес и „големата“ победа на ново-старата владејачка партија. Ако преку спорот со Грција се ловеа гласови пред денот на гласањето, практика вообичаена за речиси сите изборни циклуси од 2006-тата наваму, сега по 27-ти април на граѓаните-избирачи им се „објаснува“, или ако сакате, со „инка им се сипува“ сознание дека опозициското неприфаќање на пратеничките мандати е грчка работа. Како лик подобен за оваа улога е пикиран македонски политичар со огромно искуство и долг стаж во професијата. Нему и порано му се давале грчки врски, но не на толку низок начин. Поточно, оваа личност станува подобна за таквите партиско-медиумски игри од 2008-та кога завршува неговата коалициска дружба со власта и обелоденувањето на видео-снимката на која тогашниот министер за одбрана, инаку кадар на партијата која ја води човекот кој се „обработува во написов“, изјавува дека премиерот се согласил географска одредница да фигурира во името на земјата. Така, „белокосиот“ политичар медиумски ни е прикажан како главен играч на Грците. Арно ама, докази никаде освен негова изјава, којзнае од кога, и извадена од контекст која во основа не кажува ништо поинаку од легендарната „разумен компромис е разумен компромис“. Значи, слаба вистинитост, ама затоа квалитетни навреди, омаловажувања и распнувања.

Исто така, „квалитетно“ е и отсуството на извори на информации. Нема соговорници, ниту изјави од други кредибилни лица кои би потврдиле дека човеков навистина, како што се тврди, одработува за Грција со тоа што „бил најгласен во заложбите да се бојкотира Парламентот и опозициските пратеници кои добија доверба од граѓаните на предвремените парламентарни избори да поднесат оставки за освоените пратенички мандати“. А кој го вели тоа? Секако анонимни извори и неименувани познавачи на состојбите! А, тоа во никој случај не ги поткрепува тешките обвинувања дека некој политичар работи за интереси на соседна држава. Оттука содржајност има, ама со јасно партиско-политичко милје за заговор на опозицијата со други земји, која е апсолутно новинарски неизградена и неиздржана. Сепак, тоа не ги спречи „братските“ медиуми веднаш да го преземат како легитимно четиво.

 

ПАРТИСКО СООПШТЕНИЕ – СУДСКА ПРЕСУДА?!

Нема каков било обид за барем малку да се прикрие пристрасноста која блика како водоскок. Не е направен минимален ангажман за дистанцирање од еден центар на политичка моќ, во овој случај на власта:

„На овој начин, првиот човек на НСДП според познавачите одработува директно за интересите на други држави, како што е Грција, кои посакуваат политичка дестабилизација на земјава, силен аргумент кој потоа ќе можат да го употребат во обидот да и наштетат на Македонија на меѓународен план“.

Присутните коментари се страшни, ама во буквална смисла. Наликуваат на партиски соопштенија, а воедно и пресуди како во некои минати времиња:

„Ова не е првпат името на Тито Петковски да се става во корелација за одработување во корист на Грција. Јавноста ја памети неговата изјава од собраниската говорница, кога Петковски во улога на грчки националист се дрзна да предложи промена на името…“

Оттука, јасно е зошто на почетокот кажавме дека имаме четиво за потребите на „патриотите“ од мнозинството, материјал со поделби на подобни и неподобни, нарачано медиумско бележење на „предавниците“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција