Рецензија: Третата светска војна започна! Мета сме ние, луѓето!

03122014-Vecer-DIA-crop-resize

Да бидеме искрени, медиумската содржина што ја рецензираме е толку аматерска, несериозна, контрадикторна на самата себе си, што воопшто не е ниту предизвик за една ваква анализа. Но, ние ќе бидеме докрај професионални и методолошки консеквентни во нашиот пристап само заради читателите за да им укажеме на грешките и на манипулациите што ги прави овој текст. Иако, повторно да бидеме искрени, веќе не веруваме дека и публиката „паѓа“ на вакви фантазмагории.

03122014-Vecer-DIAЛинк до оригиналниот напис: Третата светска војна започна! Мета сме ние, луѓето!

Датум и време на објавување: 11.03.2014

Датум на рецензирање: 12.03.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Да почнеме со вистинитоста. Текстот, кој е лошо преведен од српски медиум и преземен од овој нашиот, се потпира на едно видео на Разузанавачката агенција на американското Министерство за одбрана. Тоа е едно од оние промотивни видеа кои имаат за цел да ја афирмираат оваа агенција. Видеото трае 3 минути и 37 секунди и во него со јазикот на пи-ар комуникацијата и адвертајзингот се елаборираат темите од безбедносен интерес на САД како што се природните ресурси, демографијата на населението, енергетските прашања, технологијата, луѓето и трансферот на знаењата. Многу општи теми чии статистички движења имаат за цел да го засилат ефектот на комуникацијата со јавноста, како и со оние кои финансиски ја подржуваат оваа агенција, за да ја отсликаат како дел од администрацијата на САД, која е подготвена да се соочи со овие предизвици во име на националните интереси на оваа земја.

 

ФАНТАЗМАГОРИИ КАКО НОВИНАРСТВО

И толку. Ниту има најава за војна, ниту дека третата светска војна е во тек, ниту е спомната Украина, а камоли дека таа е епицентарот на оваа војна.

Текстот има контрадикции во секој пасус. На пример: Во првиот пасус имаме тврдење дека „Третата светска војна одамна започна…“, а во третиот оваа реченица „Првиот дел или почетокот на светската војна беше и се уште е хаосот во Украина“.

Врв на оваа сама на себе контрадикторна медиумска конструкција е следниот параграф, исполнет со драматичност која со ништо не е поткрепена:

„Историјата на човештвото ја одбележаа војни кои оставија засекогаш болни крикови, плач, болка и милиони човечки жртви. Но, денес светот е на раб на уште една војна. Тивка и нечујна, но сепак убиствена! И додека ја чекаме ескалацијата во Украина, Сирија, Либија, интервенцијата на Кина, САД, Русија, Турција или било која друга вооружана земја, војната се одвива дури вие го читате ова и истата е длабоко вкоренета во нашата сегашност. Единствената разлика е што ваквиот факт е јавно признаен.“

Кој факт, кога нема ниту еден? Што е јавно признаено во едно промотивно, пи-ар, видео? Ништо.

Се разбира нема извори на информации, освен фантазмагорија инспирирана од погрешното, наменско читање на општите статистички податоци.

Она што има многу, тоа е вознемирувачкиот јазик и тон: „човекот е ОСУДЕН БИДЕЈЌИ ЖИВЕЕ…“, „Мета сме ние, луѓето!“, „Убиството на човештвото започна!“

Премногу е, нели е премногу? Башка што ова не е новинарство, туку пропаганда, бидејќи два од нејзините принципи се клеветењето и ширењето страв и несигурност.

Сметаме дека е доволно внимание за еден ваков „текст“ пред да завршиме со уште една констатација која ја илустрира мотивацијата зад конструирањето на оваа медиумскиа содржина: Видеото е ставено на ЈуТјуб каналот на агенцијата на 23 септември 2013 година, ама трагачите по возбуди го пронашле сега и смозгале дека можат да направат еден ваков вознемирувачки текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција