Рецензија:Трудното дрво во скопско ги лекува неплодните жени!

vecer_com_mk__ItemID438E14DE5BE721428E7A77A6453370B6-crop-resize

„На четириесетина минути оддалеченост од Скопје, на височините на планината Скопска Црна Гора, се наоѓа манастирот “Света Богородица”. Во дворот на манастирот ќе го видите дрвото кое наликува на трудна жена, а за кое приказната вели дека им помогнало да забременат на многу жени кои биле неплодни. Можеби во ерата на модерна технологија за многумина оваа приказна би била неверојатна, но за домарот на црквата, дедо Милош, и за локалните жители оваа дрво им донело само среќа во домот на оние што го посетиле

Ова е само воведот на репортажата Трудното дрво во скопско ги лекува неплодните жени!“ објавена на насловната страна на весникот, која несомнено го привлекува вниманието на читателите, што се потврдува и со посетеноста на интернет. Авторката  успеала да ги пренесе впечатоците од посетата на манастирот „Света Богородица“ и да ја раскаже „неверојатната приказна за трудното дрво“. Но, текстот се потпира исклучиво  на кажувањата на локалните жители и домаќините на манастирот, што го прави некако премногу „тенок“и неуверлив. Написот е читлив и до детали ги пренесува импресиите од терен, меѓутоа темата не го опфаќа и стручниот аспект.

FireShot Screen Capture #062 - 'Трудно дрво во скопско ги лекува неплодните жени!' - www_vecer_com_mk__ItemID=438E14DE5BE721428E7A77A6453370B6Линк до оригиналниот напис:  Трудното дрво во скопско ги лекува неплодните жени!

Датум и време на објавување: 12.11.2013

Датум на рецензирање: 12.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Видливо е дека авторката била во манастирот во скопско Бањани, разговарала со луѓето кои се грижат за манастирот и во тие факти не треба да се сомневаме. Сепак, тоа е само едната страна на приказната. Другите наводи во текстот „висат“.

Извори на информации: Написот има проблеми со релевантноста на изворите. Како соговорници се споменуваат: домарот Дедо Милош, Дарко. К од Бањани и Игор.М, кои раскажуваат за тоа како дрвото, наводно , им помогнало на некои жени да забременат!

„Од нашето село Бањани има девојка која остана бремена откако беше тука, а исто така има жени од Скопје и Велес кои останале бремени“, вели Дарко.

„Игор ни кажа дека лично познава девојка која до својата 37 година не можела да има дете и покрај тоа што се обидувала и со вештачко оплодување. Но, откако дошла кај трудното дрво, по една година добила ќеркичка.“

Меѓутоа, само со нивните искази не може да се добие целата слика за „Чудото во близина на селото Бањани“, како што е наведено во наднасловот на репортажата. За комплетна перцепција се потребни барем  два-три релевантни и стручни извори.

Содржајност: Репортажата содржински не ги опфаќа сите аспекти. На пример, можело да се побара мислење од Шумарскиот факултет за невообичаената форма на дрвото. Да се праша на што се должи ваквото извитоперување и дали е тоа честа појава. Во контекст на констатацијата на авторката:

„Кога ниту вештачкото оплодување не успева, многу жени спасот го бараат во вербата“ ,

би било соодветно да се консултираат социолози за тоа зошто луѓето кои имаат некаков проблем што го сметаат за нерешлив, буквално се фаќаат за сламка и се склони да поверуваат во несекојдневни нешта. Стручно видување на ваквите појави, на кои им се придава значење на натприродни феномени, може да се побара и од психолошка гледна точка.

Исто така, читајќи ја репортажата не се добива впечаток дали овој манастир е жив (со активен црковен живот и редовна богослужба), или е своевидно собиралиште на луѓето од тој регион. Во текстот не се споменува свештено лице, кое веројатно „овој феномен“ не би му го припишал на „трудното дрво“..

Пристрасност: Пласманот и интонацијата на текстот покажуваат одредена доза на наклонетост кај пишувачот на ова четиво.

Оригиналност/Плагијат: Објавениот материјал е оригинално дело со потпис од авторите и на текстот и на фотографиите.

Квалитет на насловот: Насловот веднаш паѓа во очи и ја содржи главната поента на репортажата.

Фотографија: Написот е илустриран со пет фотографии од терен кои добро се вклопуваат со содржината.

Заклучок: Текстот има елементи на репортажа, но недоволни за да кажеме дека е сеопфатна и добро сработена сторија. Недостасува поамбициозен пристап, особено во изборот на изворите. На репортажата и фали релевантност , како и толкување според научната и стручната мисла.  Начинот пак, на кој е срочена, ставањето преголем акцент на „чудотворната моќ на трудното дрво“, остава простор за сомнеж дека вистинскиот мотив на медиумот е насочен да предизвика што поголема читаност. Овој напис  е најчитан во  бројот 15427 од весникот, со над 8.000 посетители (во попладневните часови  во вторникот – 12.11.2013), што е далеку повеќе од читаноста на другите текстови објавени тој ден.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција