Рецензија: Централниот одбор „донесе“ уште едно неостварено ветување на Заев и на СДСМ

 

25-09876-09800-crop-resize

Текстот го одликуваат неколку „моменти“, кои се повеќе од политички, отколку новинарски карактер. На пример, анонимните аналитичари, кои наводно се консултирани, изнесуваат партиски квалификации, а не експертски ставови. Исто така, забележлив е и висок степен на извитоперување на фактичката ситуација во пласираната содржина на што е „залепен“ тенденциозен наслов со што се заокружува сликата за недоследен, некоректен и неаргументиран напис кој секако може да доведе до дезинформација на публиката.

2

Линк до оригиналниот напис: Централниот одбор „донесе“ уште едно неостварено ветување на Заев и на СДСМ

Датум и време на објавување: 21.08.2014, 13:40

Датум на рецензирање: 25.08.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

АНАЛИЗА ДА, АМА НОВИНАРСКА

Дискутабилна, па дури и на ивица да падне – таква е вистинитоста на овој текст. Еве неколку примери зошто е тоа така. Прво, се тврди дека „…Заев ветуваше дека СДСМ има стратегија за вонинституционално дејствување, за да вчера по последниот Централен одбор се дознае дека допрва почнало да се разговара за стратегија за дејствување“, но ако се провери партиското соопштение ќе се види дека тоа не е така, бидејќи на последниот ЦО опозициската партија ја усвоила стратегијата за делување која од претходно се усогласувала, а не „почнала за неа да разговара“ како што ни се пласира во написот. Има разлика, и тоа голема, нели?!

Второ, се вели оти „Заев само ден по изборите ветувал дека СДСМ има стратегија“, но ако малку повеќе се „просурфа“ ќе се забележи дека ден по изборите, односно на 28.04.2014 лидерот на опозицијата нема каков било настап пред јавноста. Тој ден генералниот секретар на партијата одржал прес – конференција, а не претседателот, колку да бидеме прецизни, на која тој дообјаснува кои се причините за одлуката да не се учествува во работата на парламентот и дека идните чекори ќе се договараат во партиските тела. Едноставно кажано, преку овој медиумски производ некому в уста му се ставаат зборови кои тој, во периодот наведен во содржината, едноставно не ги кажал. Легитимно е, од новинарски аспект, да се анализира зошто, ако имало намери за формирање влада во сенка, тоа не е направено, но секако не на овој начин.

 

ИЗВОРИ „СЛАБО“, АМА ЗАТОА „ЈАКО“ МЕШАЊЕ БАБИ И ЖАБИ

За да бидеме доследни треба да се напомене дека на едно место е наведен извор на информација – странска агенција која има своја дописничка мрежа во земјава. Но, клучните тези врз кои се потпира текстот во основа се непоткрепени со релевантни извори. Значи, немаме соодветно наведени експерти, кои, врз основа на реален инпут на информации, би ја расчлениле ситуацијата и би укажале што чини, а што не во чекорите на опозицијата и што било ветено, а што остварено. Наместо тоа, пак, имаме „анонимки“ кои воопшто не даваат каква било тежина на написот, а на нив дополнително се „напластени“ пристрасни формулации кои ама баш ич не ја збогатуваат содржајноста. Целото четиво оддава впечаток на наменски производ чија цел како да не е информирање на јавноста, туку нешто сосема друго. Во прилог на тоа одат и коментаторските елементи кои како од никаде да извираат и се појавуваат на неочекувани и неприкладни места во текстот.

„Дел од аналитичарите сметаат дека ова е уште една ветена, а неостварена работа на СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев. Иако опозицијата пред почетокот на летото вети жешко лето со протести и собири по градовите, место тоа отидоа на одмор. Голем дел од раководството ги наполни грчките плажи“.

 

„СДСМ и коалиционите партнери викаа дека имаат стабилна коалиција. Зборуваа за ускратување на демократските права, а самите ја кршат демократијата. Тоа го докажаа со верашната одлулка за исклучување на пратеничките Љубица Буралиева и Солза Грчева“.

Мешање баби и жаби… Демократски права како општа придобивка вградена во основите на државата, кои меѓу другото, подразбираат избори без сомнеж во нивниот резултат и внатрепартиска поставеност и организираност со јасна хиерархија и правила кои важат ако сте член. Па и актуелната власт преземала мерки против сопствените непослушници.

Во теоријата, за еден текст да биде новинарски треба да одговори на неколку прашања: кој, што, каде, кога, како, евентуално и зошто. Овој напис не само што тоа не го обезбедува, туку истовремено пласира и тврдења кои во еден дел се невистинити, во дел се вон контекст и главно се неаргументирани.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција