Рецензија: Убедливата победа на Иванов значи фијаско на СДСМ и на парламентарните избори
Текстот насловен: „Убедливата победа на Иванов значи фијаско на СДСМ и на парламентарните избори“, најавен на насловната страница на весникот, е крајно тендециозен, пристрасен и навивачки настроен кон владејачката партија. Почнувајќи од насловот, па до последниот ред , овој „аналитичен “ текст ја турка тезата дека опозицијата ќе доживее дебакл на двојните избори на 27 април. Всушност, ова е уште еден од серијата текстови во кои се „вртат“ едни исти аналитичари, чии ставови редовно се на линија на власта.
Линк до оригиналниот напис: Убедливата победа на Иванов значи фијаско на СДСМ и на парламентарните избори
Датум и време на објавување: 15.04.2014
Датум на рецензирање: 15.04.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ПОДМЕТНУВАЊЕ
Неспорно е дека изјавите на двајцата соговорници се точно пренесени. Но, проблематично е тоа што нивните оценки на читателската публика ѝ се подментуваат како генерален став на целата експертска јавност во државата
Експертите очекуваат двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април
што е сосема несоодветно и претенциозно. Со сиот респект кон споменатите личности, сепак, нивните мислења не може да се третираат како независни. А доколку навистина се сакало да се биде објективен, требало да се побара мислење и од други аналитичари. Но, тоа, очигледно, не била намерата. Според начинот на кој е напишан текстот се добива впечаток дека самата идеја била да се пласира информацијата оти владејачката партија е сигурен победник на двојните избори. Поточно, да се создаде атмосфера дека таа е на чекор да освои апсолутно мнозинство во парламентот и поворно да ги добие претседателските избори. Па, веројатно, со таа водилка е направен и изборот на експертите.
ОТВОРЕНО СЕ НАВИВА
Во материјалот што го рецензираме е беспредметно да се бара балансираност. Во него симпатиите кон власта не се прикажуваат суптилно, туку отворено се навива, што делува невкусно за еден новинарски текст.
Коментаторските елементири се провлечени низ мислењата на експертите, само се дадени во раскажителна форма, како на пример:
По објавувањето на резултатите од првиот круг и водството на ВМРО-ДПМНЕ од над 120.000 гласа разлика, познавачите на политичките прилики во земјава велат дека тоа ќе биде силен импулс за ВМРО-ДПМНЕ да дојде до посакуваната бројка од 63 пратеници.
Политиколозите велат дека големата победа на Иванов во првиот круг од претседателските избори навестува дека ист ќе биде исходот и на парламентарните избори.
СПИНЕРСКА КОМБИНАЦИЈА
Во коментаторски манир е формулиран и насловот: „Убедливата победа на Иванов значи фијаско на СДСМ и на парламентарните избори“. Тој е сугестибилен , а заедно со наднасловот и поднасловот прават една спинерска комбинација со која се манипулира јавноста.
Фотографијата со која е илустриран текстот, а која е објавена во поголема форма на насловната страница, е целосно промашување. Се работи, имено, за стара фотографија од собраниската сала од периодот 2002-2006 година, кога на власт беше СДСМ, а претседател на парламентот беше Љупчо Јордановски. Тој се гледа на фотографијата , заедно со тогашниот секретар на Собранието, Александар Новаковски.
Нема сомнение дека основната идеја на овој наменски текст е да ја фаворизира власта. Се добива впечаток како авторот едвај да чека опозицијата да ги изгуби и претседателските и парламанетраните избори, а партијата на власт да оствари домнација во парламентот со најмалку 62 пратника! Таквото однесување е надвор од професионалните и етички стандарди, кои подразбираат новинарот да обезбеди дистанца од политичките субјекти, а известувањето за политичките процеси, особено кога се работи за изборите, да биде непристрасно и балансирано.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар