Рецензија: УСТАВЕН КАКО ВЛАДАТА: АБОРТУСОТ ЗАБРАНЕТ, ВАКЦИНАТА ЗАДОЛЖИТЕЛНА

FireShot-Screen-Capture-072-abortus-crop-resize

Предмет на оваа рецензија е текст за кој е нејасно што треба да претставува – извештај од актуелен настан или новинарски коментар-колумна, бидејќи содржи елементи и од двата новинарски жанра, а истовремено не ги исполнува критериумите на ниту еден од нив целосно. Темата со која тој се занимава е одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на некои одредби на Законот за прекинување на бременоста, чиешто преоценување беше побарано од група подносители, како и идентичната одлука на судот во врска со барањето на група граѓани за оспорување на одредби од неколку закони кои се однесуваат на задолжителното вакцинирање на децата. Текстот кој го рецензираме е објавен непосредно по завршетокот на седницата на судот и тој ги информира читателите за основните факти – што се случило, кој е учесник во настанот, каде, зошто и како, што се одлики на новинарски извештај, но фактите се придружени со коментари и со искажување на ставови на кои не им е место во новинарски извештај, кој треба да објавува само факти, да информира.
Проблеми има многу, почнувајќи од насловот – тврдењето дека абортусот е забранет е неточно, а истото се повторува и во самиот текст. Извештајот почнува со повторување на невистинитиот исказ:

„ Абортусот останува забранет како што предвидува Законот за прекин на бременоста“,

што е неточно, бидејќи Законот за прекин на бременоста не го забранува абортусот, иако измените кои стапија на сила минатата година значително ја усложнија процедурата за овој медицински зафат, што предизвика лавина реакции во јавноста. Веднаш понатаму, во главата на извештајот, се нижат оцени за потегот на уставните судии (судот застанува на релација на власта, неисправна одлука), па и квалификации (површно) на кои не треба да им биде место во напис кој известува од настан.

Проблематичен е и вториот дел од написот, каде се пренесува одлуката на Уставниот суд за непокренување постапка за преоценување на членови од неколку закони, кои се однесуваат на обврската за задолжително вакцинирање на децата:

„Поддршка за здравствената политика на Владата, Уставниот суд даде и за задолжителното вакцинирање“

И покрај тоа што ваквата одлука на Уставниот суд навистина се совпаѓа со генералните насоки на здравствената политика на актуелната власт, на вакво тврдење не му е место во еден новинарски извештај. Понатаму, во написот има и многу поконкретни квалификации со кои се искажува став за квалитетот на судот и на судиите:

„Со промената на персоналниот состав на судиите, во кој власта наметна свои проверени кадри, многу лесно се аминуваат владините проекти.“

Но, затоа, пак, за разлика од останатите написи по другите медиуми, тој не содржи искази на неколкумина судии, кои имаа радикални па дури и спротиставени мислења, нешто со што јавноста треба да биде запознаена.

Рецензија:УСТАВЕН КАКО ВЛАДАТА: АБОРТУСОТ ЗАБРАНЕТ, ВАКЦИНАТА ЗАДОЛЖИТЕЛНАЛинк до оригиналниот напис: Уставен како Владата: Абортусот забранет, вакцината задолжителна

Датум и време на објавување: 8.10.2014

Датум на рецензирање: 15.10.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Написот ги донесува главно познатите елементи што ги пренесоа и останатите домашни медиуми по последната седница на Уставниот суд, но, за разлика од сите, овој напис објавува неточно тврдење, а тоа е дека абортусот е забранет!

Не може да се избегне впечатокот дека непотребно се истакнуваат антивладини ставови, кои провејуваат низ целиот напис. Коментирањето е и најголемиот проблем на овој текст. Наместо да ги информира своите читатели за тоа какви одлуки донел Уставниот суд, тема која во моментот на објавувањето на овој текст беше една од ударните во македонскиот медиумски простор, тој објавува став, критикува, полемизира, нешто што жанровски би требало да биде сместено во посебен напис – критика, осврт, колумна. Ако е новински извештај, на никаков став, ни про ни контра, поврзан за темата, не би смеело да му се најде место во него. Ставовите, редакциски, новинарски, се објавуваат во за тоа наменети рубрики и написи, не во текстови кои информираат за настани, случувања, каде непристрасноста и објективниот пристап се иманентни.

Насловот содржи невистина, односно неточно тврдење. Абортусот не е забранет во Република Македонија, иако стојат критиките на домашната јавност дека неговите скорешни измени (2013) значително ги ограничија правата на жените во поглед на оваа медицинска постапка, која истовремено е и цивилизациска придобивка и спаѓа во доменот на човековите права и слободи. Се поставува дилемата дали не е разбрана одлуката на Уставниот суд, не се познавала материјата (контроверзниот и рестриктивен Закон за прекин на бременоста на РМ, чии одредби беа оспорени пред судот) или, можеби, намерно се пласира дезинформација?

Има елементи на дискредитирање на овој персонален состав на Уставниот суд. Може да се дебатира за тоа како се избрани судиите на овој орган и каков е квалитетот на нивните одлуки, но во овој напис, ваквите пасуси, едноставно, штрчат и непотребно го оптоваруваат извештајот.

Впечаток кој се наметнува со читање на овој текст е дека е направен обид да се произведе нешто што би било „две во едно“ – ем извештај, ем став на новинарот (или на редакцијата, или и двете), но тоа резултирало со напис кој е „ни риба ни девојка“ – лош извештај или некомплетен коментар, непотребно оптоварен со „дневна“ содржина. Голем проблем претставува провлекувањето на неточна информација и во насловот и во главата на написот, кој еден сериозен медиум не би смеел да си го дозволи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција