Рецензија: Утре мини геј парада во Скопје

Утре мини геј парада во Скопје Press24-crop-resize

Пред нас имаме вест со манипулативен, спинерски наслов. Од текстот е евидентно дека организациите кои авторот на текстот ги посочува како поддржувачи на Маршот за толеранција се организации од најразличен вид. Меѓу нив има организации за заштита на животните, младински организации, чиј примарен фокус е образованието и така натаму. Овие факти авторот не ги наведува во насловот. Наместо тоа, тој издвојува еден вид организации, конкретно организациите кои се борат за правата на ЛГБТ заедницата и Маршот за толеранцијата го поистоветува со „мини геј-парада“. Експликацијата дека станува збор за редакциска и уредувачка слобода не е валидна, поради тоа што читателот со ваквата селективност е доведен во заблуда и му се скратува правото на сеопфатно информирање како новинарска должност. Со други зборови, се јавува потреба да се елаборира зошто се става фокус токму на организациите кои промовираат заштита на човековите права, а не на толеранцијата како основно мото на маршот.

Утре мини геј парада во Скопје Press24Линк до оригиналниот напис: Утре мини геј парада во Скопје

Датум и време на објавување: 15.11.2013; 23:48

Датум на рецензирање: 18.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Текстот содржи вистинити факти, извадоци од соопштение до јавноста и сеопфатно информира за учесниците во Маршот за толеранција, за мотивите на ваквото организирано изразување став, а содржи одговори и на основните новинарски прашања. Сепак, овие квалитетни аспекти на текстот се зацрнети со насловот и со илустративниот приказ. Иако организатор на настанот е невладина организација која ги заштитува правата на ЛГБТ заедницата, сепак од описот е јасно дека мотото на Маршот за толеранција е самата толеранција и животот ослободен од насилство, што авторот на овој текст со насловот го обезвреднува и го занемарува, а за сметка на тоа користи сензационализам. Крајниот резултат е дека насловот и текстот не прават една компатибилна целина, иако се прави обид тоа вешто да се прикрие со фотографија која не е од актуелниот настан за кој се известува, туку од претходен.

Извори на информации: Иако не е експлицитно наведено, текстот е составен врз основа на писмено соопштение од организаторот на настанот со уредничка интервенција во еден дел од текстот, каде дел од соопштението е претставено како изјава на организаторите.

Содржајност: Текстот е содржаен и дава одговор на основните новинарски прашања и го информира читателот за тоа каде и кога се одржува Маршот на толеранцијата. Она што насловот пак го прави, е сосема друго – го манипулира читателот давајќи му лажна информација дека станува збор за геј-парада.

Пристрасност: Насловот е пристрасен поради тоа што не се става акцент на тоа што толеранцијата е лајт-мотив на маршот, туку се навестува лажна информација дека ќе има геј парада. Поради ова читателот лесно може да се дезинформира.

 Коментирање: Текстот не содржи коментари и е пристојно и професионално пренесен од соопштението со исклучок на насловот кој му дава „уреднички печат“ на делото и на некој начин го изразува ставот на редакцијата кон некое прашање. Потоа овој наслов и оваа перцепција, непрофесионално со „копи-пејст“ метод ја пренесоа и други интернет медиуми.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е составен врз основа на соопштение за медиуми од организаторите и користени се реченични конструкции создадени од организаторите, односно од изворите. Не може да се каже дека ова е плагијат.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички, го менува контекстот на она што се изнесува во текстот и дезинформира.

Фотографија: Фотографијата, исто така, е манипулативна и оди во придружба на насловот, поради тоа што на неа се гледаат транспаренти од некој изминат протест со повици за сексуални права. Наспроти ова, повод за протестот е толеранцијата и спречувањето на насилството не само за лицата кои се припадници на ЛГБТ заедницата, туку и за сите граѓани по било кој основ.

Заклучок: Насловот е излог кој го „продава“ текстот, но доколку на излогот има манипулација, „купувачот“, т.е. читателот, ќе одбие да ја купи содржината. Во трката за поголема читаност, фактите треба да останат факти, а толкувањата се исфрлени од жанрот вест. Особено кога станува збор за маргинализирани групи, внимателниот пристап и политички-коректниот речник го дефинираат професионалниот пристап и општествената одговорност на новинарот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција