Рецензија: ВДИЕО: Ексклузивни детали за материјалите со кои се фалел Заев дека ќе ја сруши владата

ВДИЕО-Ексклузивни-детали-за-материјалите-со-кои-се-фалел-Заев-дека-ќе-ја-сруши-владата-Press24-crop-resize

 

Во овој напис ексклузивен е само насловот. Иако со него се најавуваат детали од „материјалите со кои лидерот на опозицијата се фалел дека ќе ја сруши владата“, од тие детали нема ниту трага. Текстот се темели само на претпоставки и на теории на двајца новинари, кои своите излагања ги изнесоа во дебатна емисија на МРТ, како и на изјави од анонимни извори од СДСМ. Поради тоа, вистинитоста на наводите не може да се утврди.

ВДИЕО  Ексклузивни детали за материјалите со кои се фалел Заев дека ќе ја сруши владата   Press24Линкуван наслов на анализираниот напис: ВДИЕО: Ексклузивни детали за материјалите со кои се фалел Заев дека ќе ја сруши владата

Датум и време на објавување: 01.02.2015

Датум на рецензирање: 04.02.2015

Рецензент: Ана Анастасовска

Овој текст спаѓа во низата написи кои деновиве ѝ беа сервирани на македонската јавност, полни со шпекулации за наводните материјали, односно „бомби“ со кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му се заканувал на премиерот Никола Груевски, изнудувајќи од него техничка влада. Иако сѐ уште со сигурност не е потврдено дали такви материјали постојат и што тие содржат, медиумите веднаш беа преплавени со разно-разни теории. Авторот на овој текст, со бомбастичниот наслов, најавува ексклузивни детали од материјалите на Заев, но читајќи го написот, на читателот бргу му станува јасно дека од тие детали нема ништо.

„Метафорично кажано, на Заев некој му дал базука. И место да оди да пука, он сабајлето ја зема базуката и оди по маало, се шета, се фали, на некој самопослугата му ја изгорел. И сега кога доаѓа ред да дојде со базукава пред Премиерот и да рече: оружјево е тука, или те утепувам или ти е готова власта – он веќе незнае што да прави“, изјави уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас за МРТВ.

Од воведот на написот јасно се гледа дека се пренесени ставови и мислења на уредникот на телевизијата „Сител“, кој учествуваше во дебатната емисија „Акцент“ на МРТ, емитувана на 1 февруари 2015 година, на тема акцијата „Пуч“. Во овој дел од дебатата, од која има пренесено и видеоснимка,  јасно е дека нема никакви детали од материјалите што наводно ги поседува Заев, туку само претпоставки и, како што вели самиот Латас, метафоричен приказ на целата ситуација.

Текстот содржи и пренесени изјави од друг весник, од анонимни извори од СДСМ, кои потврдиле дека снимките и материјалите биле систематизирани на англиски јазик и дека со нив Заев им се заканувал ним и на премиерот.

„Ми рече – не се занесувај, седи мирен да не се каеш, и тебе те има во материјаливе, чекај, полека, ќе ги срушиме, готови се со ова што го имаме од странците – наведуваат кандидати за пратеници од листата на СДСМ.“

Самиот факт дека станува збор за анонимни извори, ја доведува во прашање вистинитоста на исказите. Имено, овие изјави лесно можат да се оценат како лажни и невистинити бидејќи зад нив не стои конкретно име и презиме ниту, пак, за нив има потврда од СДСМ.

Во вакви ситуации, како што е сега актуелна акцијата „Пуч“, многу е лесно да се шпекулира и да се објавуваат непроверени информации за да се привлече што поголема читаност. Но, имајќи ја предвид сензитивноста на случајот, новинарите треба да се воздржат од сензации и да чекаат некое официјално лице или орган да објави некои конкретни детали. Сѐ друго објавено на основа на претпоставки и на изјави од анонимни извори, лесно може да „падне во вода“ и да се оцени како невистинито.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција