Рецензија: ВИДЕО: Поларниот студ во САД наменет бил за Србија, нешто тргнало наопаку?!

FireShot-Screen-Capture-haarp-crop-resize

Лажна вест од српски хумористичен сајт nasapatka.rs,  која медиум ја пренесува како вистинска, најверојатно како резултат на невнимание и брзоплетост, осамна на неколку домашни сериозни информативни портали и генерираше доста негативни коментари. Веста за тоа дека, наводно, американскиот систем ХААРП, кој влијае на атмосферските прилики на планетава, наместо Србија, по грешка ги замрзнал САД, се појави, се разбира намерно, токму во време кога беа актуелни информациите во светските медиуми за огромните студови кои го зафатија поголемиот дел од САД и неа ја објавија неколку домашни медиуми. Тие паднаа во стапицата на кромид-новинарството и го објавија текстот во рубриката СВЕТ, која донесува сериозни содржини, за разлика од другите, кои или подоцна го повлекоа или, пак, го сместија во рубриките ХУМОР, ЗАНИМЛИВОСТИ  и слично.

Инаку, самата информација, дадена во форма на новински извештај, ги има сите елементи на еден новинарски производ – структура и извори со изјави, но, сепак, содржи и приличен број назнаки кои укажуваат на нејзината невистинитост (дописникот на непостоечкиот Чикаго Трибјун од Алјаска, изјавата на анонимниот претставник на ХААРП дека изборот која земја ќе ја „замрзнат“ логично бил Србија, се споменува Марфиевиот закон, стравот на Американците дека ќе ги снемало како диносаурусите и сл.) што на мнозинството читатели обично им дава насоки како да го третираат овој текст.

ВИДЕО: Поларниот студ во САД бил наменет за Србија, нешто тргнало наопаку?!Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Поларниот студ во САД бил наменет за Србија, нешто тргнало наопаку?!

Датум и време на објавување: 8.01.2014, 19:51

Датум на рецензирање: 13.01.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Текстот се темели на комплетно измислени факти, кои потекнуваат од  хумористичниот сајт nasapatka.rs.

Извори на информации: Иако во самиот текст може да се прочита дека се „консултирани“ „извори на информации“ – дописник на американски весник и анонимен извор од „техничката служба на ХААРП системот“, тие, всушност, се измислени, како што е измислен и целиот случај на којшто почива написот.

Содржајност: Содржината на написот е целосно измислена.Поради тоа не може да се анализира нејзината содржајност од аспект на сеопфатност и прикривање на факти.

Пристрасност: Написот воопшто не ја прикажува вистината, бидејќи се работи за целосно измислен случај и таканаречено кромид-новинарство, каде лажна информација се пласира како точна.

Коментирање: Освен информацијата, текстот содржи и коментаторски елементи, интегрирани во текстот и тие се така интонирани што за внимателниот читател претставуваат уште еден индиктор дека се работи за квази-информација.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за речиси коплетна копија на текст од хумористичен сајт, кој потоа е преведен и е опремен за објавување – сменет е воведот, скратен е и ставен му е поатрактивен наслов.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот е дел од редакциската опрема на материјалот преземен од nasapatka.rs.

Фотографија: Фотографијата со која се илустрира текстот е преземена од сајтот thefreedomagenda.wordpress.com , кој ги истражува таканаречените „теории на заговори“, но тоа не е наведено. Истата фотографија е преземена од сите македонски сајтови што ја пренесоа оваа кромид-информација, иако таа не е дел од опремата на оригиналниот текст на nasapatka.rs. Освен оваа фотографија, во функција на дополнително информирање и илустрација, вметнат е и видео-материјал кој потекнува од history.com и кој се занимава со контроверзната истражувачка програма на владата на САД наречена ХААРП.

Заклучок: Одвреме-навреме некој домашен медиум ќе наседне на феноменот кромид-новинарство  и ќе објави тотално невистинита информација.  Таа само звучи, односно прилега на вистинита вест, а всушност е производ на хумористично-сатирични сајтови, чија главна преокупација е генерирање на квази-вести и информации, со кои ја забавуваат сопствената читателска публика, но истовремено се подбиваат со наивните и лекомислените, кои нивните производи површно и без критичка дистанца ги восприемаат како вистински. Предводник и основоположник на овој тренд е американскиот сајт onion.com, кој сѐ уште важи за глобално најпрепознаван сајт со квази-вести. Во балкански рамки, популарност стекнаа написите на српскиот njuz.net, а од понов датум е и nasapatka.rs, чиешто име речито говори за тоа какви содржини сајтот пласира. Невниманието и брзоплетоста, несклоноста добиените информации и нивните извори добро да се проверат пред да бидат објаени, а можеби и невичноста да се распознаат елементите на една лажна вест, се веројатните причини ваква вест воопшто да биде објавена.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција