Рецензија: ВИДЕО: Заев го нарече Стево државник, како и слоганот од 2004 за Бранко Црвенковски за државник

vsa-zaev-pendarovski-0987-0099-crop-resize

Пред фактите и боговите молчат, но кога би го прочитале овој текст, би станале зборлести. Членот 13 од Кодексот на новинарите, всушност, прецизно ја лоцира потребата новинарите да се држат на професионална дистанца од сопствените мислења тогаш кога создаваат вести.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Се разбира, новинарите имаат право да коментираат и да имаат ставови, но тоа е пожелно да го прават издвоено во посебни журналистички жанрови, како коментари и колумни. Информативните жанрови, односно во конкретниот случај вестите, е потребно да бидат необременети со мислења, туку полни со факти. Во текстот што го рецензираме се забележува нешто сосема спротивно на ова.

vsaЛинк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Заев го нарече Стево државник, како и слоганот од 2004 за Бранко Црвенковски за државник

Датум и време на објавување: 04.03.2014

Датум на рецензирање: 05.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Кодексот на новинарите предвидува и прецизно како да се известува во предизборието, актуелно во моментот за Македонија.

Во членот 14 од Кодексот се вели:

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

 

КАДЕ СЕ ПРЕМИНУВА ГРАНИЦАТА НА ВИСТИНИТОСТА

Границата на вистинитоста е премината во моментот кога субјективизмот и личните ставови станале дел од текстот претставен во форма на информативен жанр. Ако се обидеме да ја откриеме главната цел на оваа објава, односно, која е причината за објавувањето на текстот, ќе продреме во суштината, а тоа е дека се цели Пендаровски да се поистовети или да се приближи до Бранко Црвенковски, да му се наметне партиски багаж и да се претстави како недемократски.

Сето ова се прави без да бидат вклучени извори во приказната. Можеби авторот и присуствувал на Конвенцијата и бил сведок на настаните, но личниот суд што го дава е премногу изразен. Понатаму, особено е впечатливо тоа што се споменува кампања од пред 10 години во контекст на еден збор.

Мешањето на коментарите со мислењата на моменти ескалира кога со огромна жестокост и иронија се напаѓа опозициската партија. Аргументацијата изостанува. На пример, за тврдењето дека 588 делегати по налог на Црвенковски го одбрале Пендаровски е спинерски, односно непоткрепен.

СДСМ повеќе нема право да зборува за демократија, 588 делегати под налог на Бранко Црвенковски  преку Заев го одбраа Стево,  е тоа е демократија.

 

АКО СКОПЈЕ Е ГРАД ВО МАКЕДОНИЈА, ТОГАШ МАРИЈА Е ОД ЈУРУМЛЕРИ

По коментарите, особено е интересно да се анализира и скриената теза која може да ја имлицира овој текст, а тоа е дека поради тоа што Заев го нарекол Пендаровски државник, тоа треба да значи дека Пендаровски е човек на Црвенковски. Оваа аналогија потсетува на следната: Ако Скопје е град во Македонија, тогаш Марија е од Јурумлери.

Дури и кога се пренесуваат факти, несомнено се забележуваат зборови што изразуваат позиционираност во однос на темата, односно пристрасност. На пример, во следната реченица, такви зборови се „едвај“, „понижувачка“, „недемократска“, „протуркан“.

Со едвај 588 гласа во крајно понижувачка и недемократска атмосфера, Пендаровски е протуркан за кандидат на СДСМ за престедател.

Во сличен дух е создаден и насловот, кој во преден план ја става намерата да се поврзат Црвенковски и Пендаровски, а не да се извести за Конвенцијата. Во прилог на тоа оди и фотографијата на која се наоѓа Бранко Црвенковски.

Суштински, текстот потфрла да ја пренесе информацијата непристрасно, изобилува со коментари и сензационализам, до степен кога може да се смести во секцијата за колумни и мислења.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција