Рецензија: Владата ја исфрли опасноста од цензура

Преку сугестивен наслов и легенда под фотографија, преку начинот на конструкција на извештајот (глава, редослед на изјави и крај на извештајот), на читателот му е сугериран цврст став дека Владата е конструктивна и дека во однос на политиката кон медиумите и новинарството таа нема никаква намера да воведува цензура, туку напротив, соработува со новинарите, медиумите и нивните здруженија, со крајна цел да воведе ред во професијата. Но, тоа е само едната страна на приказната. Втората е многу бледо нафрлена во текстот.

Recenzija Vladata ja isfrli opasnosta od cenzuraЛинк до оригиналниот напис: Владата ја исфрли опасноста од цензура

Датум и време на објавување: 06.06.2013

Датум на рецензирање: 07.06.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Извештајот е мешаница на факти, но и на тврдења чија точност не може да се утврди. Истото важи и за веродостојноста. Направен е микс од веродостојни наводи и наводи чија веродостојност не може да се утврди. Ова пред сѐ, се однесува на тврдењето на министерот и на презентацијата на оценките на ОБСЕ и на Советот на Европа за предлог-законот за медиуми, зашто тие не се дадени ни во оригинал, ни преку линкуван документ, ниту макар преку некој поширок цитат.

Извори на информации: Во текстот делумно се наведени изворите на информациите. Но, само оние кои се во прилог на насоката во извештајот која му се сугерира на читателот. Име и презиме имаме кај претставникот од Владата, кај едно од здруженијата на новинари и на крај од текстот кај „слободните новинари, колумнисти и водители на ток-шоу емисии, меѓу кои Мирка Велиновска.“

Содржајност: Извештајот е несеопфатен, зашто иако навидум се опфатени повеќе агли, тоа е само привид, кој не е покриен барем со некоја ограда од типот „беа изнесени и други ставови…“ Оттука, вака срочениот извештај, де факто, ги прикрива многуте прашања, дилеми и опасности што ги носи законот доколку биде усвоен без претходно да бидат расчистени сите спорни прашања.

Пристрасност: Добар дел од образложението, искажано претходно, важи и овде. Има спин, изразен преку насловот, легендата под фотографијата и необјаснетите толкувања од меѓународните тела. Има наклонетост и пристрасност која се гледа, исто така, преку насловот, но и конструкцијата на извештајот и просторот од четири пасуси отстапен за едното здружение на новинари (МАН) и за „слободните новинари, колумнисти и водители на ток-шоу емисии, меѓу кои Мирка Велиновска.“

Заклучок:Станува збор за манипулативен извештај во кој манипулацијата врз јавноста е направена суптилно, преку неколку елементи.

Извештајот од настанот е навидум сеопфатен, има повеќе извори, има повеќе ставови и неупатен читател би стекнал погрешен впечаток. Но, упатен читател прво би го забележал тенденциозниот наслов кој сугерира дека Владата е конструктивна и дека, во однос на политиката кон медиумите и новинарството, нема никаква намера да воведува цензура, зашто, ете, усвоила некои забелешки и направила измени во членот 4. Овој впечаток дополнително е засилен со легендата под фотографијата:

„Владата внесе многу промени во содржината на законот за медиуми“.

Ова се пишува за променет текст на закон, кој во моментот на пишување на извештајот сѐ уште не е виден од авторот и стручната јавност и тоа јасно стои во текстот.
Непрофесионална и нестандардна е и конструкцијата на извештајот. Во главата е ставено тврдењето дека Владата направила измени за спорниот член, а веќе во вториот пасус се наведува тврдење, кое читателот не може да го провери веднаш, дека две меѓународни организации имале спротивставени мислења за тој член. Со овој пасус, кој всушност е прераскажан став на министерот, но тоа не е наведено, треба да се засили впечатокот за конструктивноста на Владата.
Покрај тоа, постои неизбалансираност и наклонетост кон едно од двете здруженија преку отстапениот простор, а со последниот пасус читателот може да стекне впечаток дека во областа што треба да се уреди со овој закон владее хаос и дека токму законот е спасоносното решение.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција