Рецензија: ВМРО ДПМНЕ убедливо гази СДСМ плаче кај судиите

lider-0987600998877-crop-resize

Ова е текст кој не би можеле да го смислат ниту ПР стратезите од партијата за која е наменет. „На прва“ се чини дека оваа „анализа“ е платен политички маркетинг на една политичка партија. Но, барајќи ознака дека тоа е така, или барем дека стои логото на партијата, се заклучува дека, сепак, е новинарски производ. Текстот да беше означен како ЕПП ќе беше во ред. Вакви политички памфлети имало секогаш, посебно за време на избори. Но, ваков текст кој дури ниту раководството на партијата не може да го осмисли, досега немало. Ова е чудо од новинарски производ кој е новитет во Македонија, да не зборуваме, пак, за во светот. Вакво нешто досега не се случило во медиум за ниту едни избори. Сепак, може да се заклучи дека македонското новинарство е секогаш подготвено за „иновации“.

liderЛинк до оригиналниот напис: ВМРО ДПМНЕ убедливо гази СДСМ плаче кај судиите

Датум и време на објавување: 11.04.2014, 21:43

Датум на рецензирање: 14.04.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

СО ФУДБАЛ ВО ПОЛИТИКА

Текстот, кој всушност е серија од пет „анализи“, како што сака да се нагласи, е полн со некои споредби, кои најчесто се со спортски (фудбалски) жаргон.

Разликата во квалитет на секое поле е евидентна, погледнете ги само листите на кандидати за пратеници. Ако зборуваме на фудбалски јазик, разликата во квалитет е иста, дури можеби поголема од разликата меѓу Барселона и Осасуна. Ем послаби во квалитет, ем ќе играат не со првиот, не со вториот туку со третиот тим.

Најспорно во целиот текст кој сака да се нарече анализа е тоа што тој толку омаловажува, толку деградира, дури и потценува една цела група на луѓе, што треба да се има многу јак желудник за сето тоа да се прочита до крај. Вакво потценување на народот од медиум, (а побајаги имало досега) не сме виделе.

Текстот нема информации, само „налупани“ желби. Без разлика дали некои желби се оствариле, сите „опаски “ кои ги нуди текстот се далеку од новинарските правила и стандарди.

Во неколку поглавја обработени се сегменти од разликите помеѓи двете најголеми политички партии во Македонија. Но, не треба зборови за да се долови како тоа е изведено. Еве само преку два примера (пасуси) може сѐ да стане јасно.

 

За СДСМ:

ВМРО ДПМНЕ промовираше нов тренд во политиката, СДСМ уште талка по сопствен концепт. Електоратот неможе да ја препознае понудата на опозицијата. Дали алтеративата на стилот на ВМРО ДПМНЕ е негова лоша копија или пак станува збор за сосема спротивна филозофија на поимање на политиката? СДСМ неуспева да го фати кормилото и да зацрта сопствен курс на пловидба по бурното политичко море. Капетаните на заринканиот брод ги менуваат одлуките од ден за ден, а решенијата ги базираат на моменталната инспирација. Од невешто спакуван популизам до елитизам без грам усул тежок за голтање дури и за отпорниот и научен на сѐ, желудник на македонскиот политички предатор.

 

За ВМРО-ДПМНЕ:

ВМРО ДПМНЕ е модерно организирана партија во која секој член без разлика на партискиот стаж, бекграундот или потеклото добива еднаква шанса. Во оваа организирана партиска структура се напредува на база на квалитет. Образование, трудољубивост, посветеност. Со фудбалски речник, ВМРО ДПМНЕ гази како Баерн Минхен. Не е мит дека Груевски и тимот околу него работат 24/7. Можете да ги замислите шминкерите од СДСМ од утро до полноќ во Влада? Тешко. Тие повеќе сакаат да пијат кафе (некои и со виски тераат дневна шема) и да оговараат. Нивната политичка филозофија и натаму е сплеткарење, подметнување место планирање и здраво работење. Во ВМРО секој си го знае своето место и мора да преземе максимална одговорност за позицијата што ја има. СДСМ и по две децении и неколку неуспешни реформи неможе да се ослободи од татините синови, внуци и наследници на старите заслужни кадри. Таму и да си генијалец ќе останеш лепач на плакати ако нема кој да те турка.

 

ПРЕМНОГУ СЕ „ЗАБЕГАЛО“

Пристрасноста во текстот е до коска. Целиот текст е коментирање, нема ништо потврдено со факти. Оргинален редакциски текст, во пет продолженија, кое од кое полошо. Насловот, исто така, е некоја нова мода во новинарството. Сите пет наслови се во фудбалски жаргон. Фотографија има само колку за илустрација, амблемите на двете најголеми политички партии во Македонија.

Нема заклучок за вакви текстови. Откако некој ќе го прочита текстот, треба неколку дена да се соземе за да може нешто и да каже. А за волја на вистината и ништо друго во моментот не може да ви падне на ум освен – ЗАРЕМ И ОВА Е МОЖНО.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција