Рецензија: Вмровците во Собрание можат да се пофалат со 13 направени деца, а Социјалдемократите со три

Vmrovski-bebinja-crop-resize

’Ова пратенициве, посебно од владејачкото мнозинство се навистина добри фраери. Што би рекле секое летенце-детенце. Овие од опозицијава некако се фригидни, а можеби и стерилни, па не ги бива за ништо. Не можат ниту едно дете да направат, а не пак држава. Затоа и не се на власт толку време и никогаш нема да дојдат.‘

Се извинувам за воведов, но сакав само да пробам како, всушност, се пишуваат вакви текстови. И навистина било лесно. Не ти е грижа што ќе напишеш. Згора на сѐ, не треба да се подготвуваш и да користиш Гугл, туку најверојатно на мејл ти стигнува темата, сосе имиња и презимиња и ти само треба да ја сплескаш.

Овој текст навистина не знам за што е наменет. Но, фактичката состојба на здраворазумски луѓе вели дека е тука. А, штом е тука и штом е ваков, подлежи и на рецензија. Инаку, за оној кој не сака, или не дај Боже не може да сфати, тешко е да се образложи, зошто текстов не е како што треба (и според норма и според морал, етика, правила…). Ама, навистина, текстов е надвор од правилата во новинарството и лош за видот, слухот и сите сетила.

 

Vmrovski bebinjaЛинк до оригиналниот напис: Вмровците во Собрание можат да се пофалат со 13 „направени“ деца, а Социјалдемократите со три

Датум и време на објавување: 12. 05. 2014, 13:19

Датум на рецензирање: 13.05.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КОЈ ИМА ДЕТЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ

Текстот можеби е и вистинит. Никој не спори дека 13 пратеници добиле деца. Ниту некој спори дека во мојата зграда последните две години еден сосед доби девојчиња-близначки (многу се слатки), сосетката роди син на 43 години, другите соседи сѐ уште го прават второто дете, а во другиот влез има бебиња, ги слушам дека плачат, ама не знам колку се на број.

Нема извори на информација или барем не се наведени. Најверојатно има некоја статистика, не верувам дека се мачеле да одат од пратеник до пратеник и да прашуваат кој колку и какви деца има, дали планираат да имаат уште и дали спијат со жените и обратно жените со мажите навечер (а не мора да биде навечер).

Полн е текстот… имиња, имиња, половина не ги знаете (исто и јас). Важно имаат деца, како што, претпоставуваам и еден и пол милион граѓани на Македонија. Е, сега, друго дваесет е (а текстот тоа не го обработува), кога и како се зачнати, колку време се носени, каде домаќинката одела на преглед и ја одржувала бременоста (приватно или јавно здравство)?

 

НА КОГО ДРУГ БИ МУ ТЕКНАЛО

Нема пристрасност, освен (ама не ми се верува) дека со текстот сака да се навива за фраерите. За оние кои прават деца. Не знам? Можеби, пак и е навивачки во таа смисла. Или како беше она-ако не кажеш дека си имал секс со некоја исто како да си немал.

За чудо нема ачик коментирање, но од друга страна, пак, текстот вришти од скриени коментари. Од почеток до крај. Се гледа од авион на Аљаска.

Оргинал текст, зашто не верувам дека на некој друг би му текнало да направи сличен ваков.

Насловот си кажува сѐ. Всушност и не морате да го читате текстот. Сѐ ви е јасно. Кој е горе, а кој доле.

Нормално дека не можеле да најдат фотографија од ноќта кога биле зачнати бебињата, а не смеат (барем испочитувано правило) да постават фотографија од мали деца, па оваа што е на текстот е ставена колку да се ислустрира – групировка. Од целиот парламент. Па кому иде.

Има говор на омраза секако. Едните ги знае сега цело село, а другите, хм, тие се неспособни. Се шегувам, секако. Во класична смисла на зборот нема говор на омраза.

Навистина, само со нивните куршуми може да се рецензира еден ваков текст. Иако ако сакаме да му дадеме значење (што не би требало) ќе кажеме дека ова е текст кој омаловажува некои луѓе за сметка на останатите. Не само едните пратеници на сметка на другите, туку омаловажува и граѓани. Што со ставот дека има фамилии и луѓе кои не сакат деца. Треба да се запалат? Или? И само едно реторичко прашање за крај: Дали прашале колку од нив (за жал) не можат да имаат деца, а сакат повеќе од оние што имаат по три?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција