Рецензија: Во август 42,3 отсто од потребите за струја обезбедени од домашни извори
Оваа вест има шест важни бројки на пет реда. И покрај тоа, таа не кажува ништо. Станува збор за бројки кои се однесуваат на мерни единици во големи количества, за кои ретко кој има претстава што тие значат: стотици илјади мегават-часови електрична енергија, милијарди нормални метри кубни природен гас (какви се тие „нормални“ метри кубни, има ли ненормални или што ли е веќе ова), стотици илјади тони јаглен и десетици илјади нафтени продукти (кои, патем речено, ги има осум видови).
Едноставно, многу бројки и проценти на мал простор, за кои претстава имаат многу мал број енергетски експерти и никакви компарации или споредби, кои би дале слика за тоа каква е енергетската состојба во земјава и во кој правец се движи таа. Ваквата вест, на ист ваков начин е објавена од редица портали, а избрана за рецензирање по случаен примерок.
Линк до оригиналниот напис: Во август 42,3 отсто од потребите за струја обезбедени од домашни извори
Датум и време на објавување: 24.10.2014, 13:16
Датум на рецензирање: 24.10.2014
Рецензент: Владимир Петрески
КОМПЛЕТНА ВИСТИНА…
Веста нема проблем ниту со изворите на информации, ниту со вистинитоста (станува збор за сосема мал извадок од официјално соопштение на Државниот завод за статистика). Но, таа има проблем со содржајноста. Проблемот е што содржината на веста не кажува ништо. Не нуди никакви информации што би им дале смисла на искажаните бројки. На пример, дали потрошените 602.178 мегават-часови (мвч) електрична енергија се повеќе или помалку од оние потрошени во јули или во август лани? Колку од оваа потрошена електрична енергија е од домашно производство, а колку од увоз?
Ако се отворело целото соопштение на државната статистика, ќе се видело дека во табелата износите за август се ставени покрај оние од јули и ќе можело да се спореди дека во август домашното производство изнесувало 254.678 мвч, за разлика од јули, кога оваа бројка изнесувала 442.260 мвч. Ќе се видело и дека увозот во август изнесувал 347.500 мвч, за разлика од јули кога оваа бројка изнесувала 183.102 мвч. Тука веќе може да се постави и прашањето зошто е зголемен увозот толку многу и зошто толку опаднало домашното производство. Ако, пак, се погледнеле рубриките во табелата, ќе се видело дека главна причина се термоцентралите, кои во август произвеле само 161.163 мвч, наспроти јули кога производството изнесувало 341.946 мвч. Ваквиот пад на производството во август годинава е значителен не само во однос на претходниот месец јули, туку и во однос на август лани, кога термоцентралите произвеле 279.324 мвч.
Потоа, вкупната потрошувачка на електрична енергија во август годинава изнесувала 602.178 мвч, додека лани во истиот месец 636.170 мвч, што претставува пад на потрошувачката од околу 5 отсто. И така натаму. Вакви споредби можат да се направат за сите енергенти, како и да се види дали земјава ги задоволува потребите за електрична енергија во поголем или во помал процент. Но, ништо од ова во веста нема, освен голите бројки во првичниот скржав текстуален извадок, подготвен од вработените на Државниот завод за статистика задолжени за односи со јавноста.
… КОЈА КОМПЛЕТНО НИШТО НЕ КАЖУВА
Истиот проблем е и со насловот. Во него се вели дека во август се задоволени 42,3 отсто од потребите за електрична енергија од домашно производство. Генерално, познато е дека Македонија самата задоволува далеку повисок процент од потребите за струја. Дали вака малото ниво на домашно производство на струја е карактеристично само за август или нешто друго е во прашање? Тоа не е одговорено ни во текстот, а камоли во насловот.
Главниот проблем е што за потребите на веста е преземен еден мал текстуален сегмент од соопштението на државната статистика, во кој надлежните од оваа институција се обидуваат да глумат новинари и да диктираат што е она што е интересно за јавноста. Или, едноставно, во тој извадок вклучиле она што им се видело најлесно. Проблемот е што во текстуалните извадоци од соопштенијата што ги подготвува институцијата има само мал дел од податоците и тоа оние кои претставуваат вкупни суми, додека на трендовите и на подлабоките толкувања не им се обраќа никакво внимание. Уште повеќе, во тие текстуални извадоци знае да ги има само оние бројки што се поволни и кои ја разубавуваат статистичката слика. Но, ако тоа го прават државни службеници, ниеден медиум не би требало да „паѓа“ на таквата „игра на секторот односи со јавноста“, туку треба да се „засукаат ракавите“, да се навлезе длабоко во бројките и да се откријат трендовите и движењата што тие ги покажуваат.
Овие непротолкувани бројки, со овие малку познати мерни единици, во вакви големи количества кои се однесуваат на целата држава, никому ништо не му кажуваат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар