Рецензија: Во ХЕЦ „Шпилје“ за пет месеци произведени 69 милиони киловат-часови струја

mia-0987600998-spilje-098-crop-resize

Објавувањето на малку познати бројки и тоа во единици мерки кои граѓаните не ги користат секојдневно, како и податоци без контекст, не фрлаат светлина врз работите. Единицата мерка „милиони киловат часови“ за најголем дел од читателите значи многу малку. Мал е бројот на оние читатели кои имаат претстава дали станува збор за „мало“ или „големо“ произведено количество електрична енергија за една хидроцентрала. Киловат часовите (и тоа особено во милиони) не се исто што и килограмите, на пример. Може да се смета дека читателот има претстава што е тоа килограм, ама кога станува збор за „милиони киловат часови“, кои не се ставени во никаков контекст, ниту во однос на максималниот капацитет, ниту во однос на минатогодишното производство на електрична енергија, на пример, тие остануваат количинска непознаница. Освен ако не се оди на приземен пропагандистички контекст со кој на читателот се сака да му се подметне бројката „милиони“ со што тој би требало да биде заведен дека се работи за „многу“.

mia-0987600998-spilje-098Линк до оригиналниот напис: Во ХЕЦ „Шпилје“ за пет месеци произведени 69 милиони киловат-часови струја

Датум и време на објавување: 17.06.2014, 17.09

Датум на рецензирање: 18.06.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Бројките се официјални, од надлежни лица од хидроелектраната, така што веста нема проблем со вистинитоста како таква. Проблем е што на бројките и на квалификациите не им е даден контекст, односно одземено му е правото на читателот самиот да донесува заклучоци, зашто нема никакви споредбени податоци. Тоа дека хидролошката состојба во земјава е добра, познато е секому кој живее во неа со оглед на фактот што сите можеме да видиме дека во последните неколку месеци на територијата на Македонија има изобилство врнежи. Но, она што не може да се најде во веста е било каква споредба читателот да може самиот да оцени каква е состојбата во ХЕЦ „Шпиље“ во однос на лани, во однос на максималниот вграден капацитет за производство на електрична енергија, на пример, или во однос на просекот на произведена енергија во првите 5 месеци од изминатите 5 години, евентуално. Наместо тоа имаме ваков почеток на веста:

Во ХЕЦ „Шпилје“ кај Дебар, во првите пет месеци од годинава произведени се 69 милиони киловат часови електрична енергија, благодарение на поволната хидрологија присутна, посебно во април и мај, како и подготвеноста на електромашинската опрема да ги прими и преработи сите количини на вода.

Ова кажува многу малку. Секоја индустриска гранка има своја компаративна методологија како го мери годишното или месечното производство. Овде немаме никаква споредба. Имаме само една чудна и изопштена реченична конструкција која говори за „подготвеноста на електромашинската опрема да ги прими и преработи сите количини на вода“. Со ова не се кажува ништо. Се разбира дека електромашинската опрема мора да има „подготвеност“ да ја прими и преработи водата – заради тоа и се градат хидроцентрали. Ако опремата не можеше да ја врши ова своја основна функција, тогаш веста ќе беше дека ХЕЦ „Шпиље“ не е во работна состојба и дека таму е потребен ремонт.

 

ШТО ЗНАЧАТ БРОЈКИТЕ?

 

Слично изразување на ова, кое користи многу зборови, а не кажува ништо, имаме и кон крајот на веста:

Електраната е во солидна состојба и произведува во согласност со потребите на електро-енергетскиот систем на Република Македонија.

И оваа реченица не значи ништо. Дали електраната е во солидна состојба или не најдобро би осознале ако дознаеме кога бил последниот ремонт, на пример, а тоа дека произведувала струја „во согласност со потребите на електро-енергетскиот систем“ не кажува многу. Се разбира дека таа ќе произведува струја „во согласност со потребите“. Сигурно нема да го прави тоа спротивно на потребите. Тоа би било во спротивност и со здравиот разум и можеби и би претставувало ненаменско производство, кое за некого дури и би значело злоупотреба на службената положба и слично.

Дури на крајот на веста дознаваме дека годишниот производствен план на ХЕЦ „Шпиље“ изнесува 282 милиони киловат часови. Оваа информација требало да биде на почетокот покрај оние спомнати „69 милиони киловат часови“ произведени за 5 месеци за читателот да може да направи споредба. И, исто така, да може да си го постави и ова прашање:  ако за 5 месеци се произведени 69 милиони киловат часови, тоа значи дека дотогаш се произведени само 24,5% електрична енергија од предвидените и тоа во период кој изнесува речиси половина година. Ова значи дека во следните 7 месеци треба да се произведат на 75 отсто од планираната струја. Дали е ова можно, или можеби е вообичаено, не знаеме. Човек треба да е енергетски експерт или барем да ги има месечните податоци од изминатите години за да знае дали е вообичаено хидроелектраната три четвртини од своето производство да го произведува во втората половна од годината или, пак, очекувањата се дека овие дождови ќе помогнат да се надмине досегашниот кусок. Ништо од ова не е објаснето во веста, иако тоа било неопходно да се направи. Уште повеќе, никаков кусок не се ни спомнува (можеби навистина и го нема), ако се види првиот пасус каде што се вели дека ова произведено количество од 69 милиони киловат часови е направено „благодарение на поволната хидрологија“, што значи дека можеби е доволно, иако претставува само една четвртина од предвиденото. Сите овие бројки, вака како што се поставени, се комплетно збунувачки. Освен можеби за оние што работат во хидроелектраната и надлежните во ЕЛЕМ. Арно ама, обичен читател не може да ѝ го најде ни почетокот ни крајот на оваа вест. Работите стануваат уште позбунувачки ако се види една друга слична вест, која е само малку пообемна, а во која се вели дека лани биле произведени 395 милиони киловат часови (што тогаш било 57 отсто над просекот), а во 2010 (пред 4 години) било постигнато рекордно производство од 560 милиони киловат часови. Овие две бројки се далеку поголеми од за годинава предвидените 282 милиони киловат часови. Ако во изминативе години биле произведени далеку поголеми количества од планираните, зошто планот за годинава е толку низок и покрај поволната хидрологија? Дали тоа така треба и ако хидрологијата остане поволна се очекува ли повторно да има зголемено производство на струја? Ништо од ова не знаеме, како што и не е јасно зошто произведениве за 5 месеци 69 милиони киловат часови се толку голем успех, ако во изминатите години за цела година се произведувало пет и пол или осум пати повеќе струја.

 

ПРАЗЕН ОД ИЛИ ПРАЗНИ ФРАЗИ

 

Не може да се каже со сигурност дека во веста има пристрасност. Но, недостигот на компаративни податоци наведува дека можеби нешто се сака да се скрие. А, сомневања буди и јазикот кој содржи „празен од“ или најотворено кажано, празни фрази како оние за „подготвеноста на електромашинската опрема“ (зарем треба опремата да биде „неподготвена“) и за „солидната состојба“ во која се наоѓала електраната (зарем таа треба да биде во „несолидна“ состојба).

Во целата вест се забележува службен јазик, кој како да потекнува од едно друго време од пред 25 или повеќе години, кој тогаш се користел во службени соопштенија. Само на едно место ја има назнаката „велат од ХЕЦ Шпилје“, но од тоа не може да се утврди дали станува збор за авторска вест или соопштение. Во секој случај, не станува збор за плагијат.

Насловот пати од истиот проблем како и целата вест – нема контекст и нема компарација. Бројката „69 милиони киловат часови“ сама по себе не значи ништо ако не се знае дали е тоа повеќе од лани или помалку, повеќе од планираното или помалку и слично. По правило, во ваквите вести кои содржат статистички податоци, во насловот се става главната споредба – дали е произведено/заработено/направено повеќе од лани или некој друг период кој претставува стандард во конкретната индустрија.

 

ИМА ЛИ ПОТРЕБА ОД „МИЛИОНИ“?

 

На бројките им е потребен контекст, исто и на зборовите. Од овие бројки во веста читателот останува збунет. Не знаеме дали досегашното производство на струја во ХЕЦ „Шпиље“ е поголемо од лани или не, поголемо од изминатите 5 години, на пример, или не.

Со употребените изрази, пак, како да се сака да ни се каже дека состојбите се добри и тоа со посредни, индиректни фрази кои имаат позитивна нагласка како „подготвеноста на електромашинската опрема“ и „солидна состојба“ на хидроцентралата, кои во суштина не значат ништо. Она што нависитна е позитивно е добрата хидролошка состојба заради дождовите, но тоа го знаевме и без оваа вест.

И уште нешто. Во вестите на медиумите често гледаме употреба на бројки кои се искористени како такви само да за изгледаат како поголеми. И тоа особено преку употребата на бројот „милион“ или „милиони“. Дали е целта преку големи бројки да се наметне впечаток за големо производство? Дали навистина има потреба да се каже „милиони киловат часови“? Не е ли исто „илјади мегават часови“? На друго место (годишно производство на јаболка, грозје, тутун) ја имаме забележано истава појава. Наместо да се каже „илјади тони“ се кажува „милиони килограми“. Килограмите се користат кога се оди на пазар и се купува едно или две килограми домати. Но, кога се говори за цели годишни берби се употребува единицата мерка тони. Има ли потреба од вакви„милионски“ преувеличувања, кога тоа само ги комплицира работите или станува збор за нешто друго?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција