Рецензија: Во Охрид штрајкува СДСМ

SONK-09876-098-111-crop-resize

 

Ова е едностран текст, во кој ја нема главната засегната страна. Пренесена е една информација која е делумно точна и која служи за манипулација. Сознанијата во текстот се еднострани и не може да се потврди нивната релевантност.

SONKРецензија на објавата: Во Охрид штрајкува СДСМ

Датум и време на објавување: 02.02.2015, 11:23

Датум на рецензирање: 03.02.2015

Рецензент: Владо Ѓорчев

Уште од насловот, текстот не ја дава вистинската слика на случувањето. Насловот „Во Охрид штрајкува СДСМ“ дезинформира, иако неговата улога е да информира точно и вистинито. Со него се сака да се сугерира дека штрајкува СДСМ или членови на оваа партија, а написот се однесува за штрајкот на членовите на СОНК, што, пак, нема никаква врска со опозициската партија. Зошто тогаш би штрајкувал СДСМ?

Од друга страна, воопшто не е важно дали тие што штрајкуваат се членови или симпатизери на некоја партија затоа што ова е штрајк на наставници, каде не се исклучува можноста да има и партиски определени штрајкувачи. Правото на штрајк е загарантирано и според Устав, без разлика на политичката припадност, па затоа е нерелевантно дали се тие членови на некоја политичка структура.

Подолу во текстот се именувани само оние лица кои се блиски или кои имаат роднински врски со луѓе блиски до опозицијата. Според извештаите, во повеќе медиуми бројот на лица кои штрајкуваат е далеку, далеку поголем за разлика од малкумината посочени. Но, со самото спомнување на овие малкумина, се прави манипулација за публиката да стекне впечаток дека сите штрајкувачи се членови на СДСМ, како и дека оваа група (кога е веќе издвоена) ги предводи штрајкувачите. Ништо од ваквите дискретно наметнати впечатоци врз читателската публика не се точни, ниту, пак, има какви било аргументи за нив.

Во текстот се вели:

„Штрајкот е отпочнат без гласање и без била каква демократска процедура без волјата на мнозинството професори.“

Ова не е вистина, затоа што медиумите објавија сосема други сознанија.

„Група професори од охридското средно училиште „Св. Климент Охридски“ до директорот на училиштето денеска доставиле известување со кое го информираат дека се приклучуваат на штрајкот организиран од СОНК, извести директорот на училиштето Звонко Трпески.“

За текстот да биде објективен и содржаен, мора да ја има и другата страна од приказната. Во најмала рака, можело телефонски да се побара, за дополнителни информации и консултации, претседателот на штрајкувачкиот одбор или директорот на училиштето за да се провери оваа информација. Во овој напис тоа не е сторено.

Овој текст има низа пропусти. Наводите во него можеле да се проверат и тој да биде релевантен ако се почитувале правилата на професионалното новинарство. Еден од најважните пропусти е отсуството на организаторот на штрајкот. Тоа е логичен чекор, но тој воопшто не е направен. Вака написот е половичен, недоработен и манипулативен.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција