Рецензија: Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се откачил лифт од 8-кат со студент во него

45-0980987-09765-crop-resize

Овој текст претставува школски пример за неодговорно и паушално новинарство, кое ги нема усвоено професионалните принципи, кои, пак, од своја страна, предвидуваат претпоставува проверка на информациите и консултирање извори. Информацијата дека се откачил лифт во студентскиот дом и дека имало студент внатре, не е точна.

Медиумот не е сандаче за електронска пошта, па секое анонимно писмо што ќе пристигне вербатим да го пренесе. Што му е работа на новинарот, ако не проверката на информациите?

Членот 1 од Кодексот на новинари ја воспоставува основата на новинарската работа.

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Новинарот кој го објавил овој текст, сосема потфрлил во извршувањето на својата работа, а предизвикал и штета, за што ќе објасниме во рецензијата.

45Линк до оригиналниот напис: Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се откачил лифт од 8-кат со студент во него

Датум и време на објавување: 05.02.2014, 19:23

Датум на рецензирање: 07.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Информацијата дека се откачил лифт со студент во наведениот блок во студентскиот дом „Гоце Делчев“ е невистинита. Таа е објавена на повеќе портали, базирана на анонимно писмо од студент или некој што така се претставува, но новинарот не ја проверил и вербатим ја пренел, како што е напишана во анонимното писмо. Ова е неодговорно, поради две причини. Најнапред, поради тоа што во студентскиот дом живеат илјадници студенти кои имаат родители и второ, поради обврската на новинарот да ги проверува информациите колку што е тоа можно. Понатаму, неточната информација е објавена неколку дена по наводниот термин кога се случил „падот“ во домот, бидејќи и анонимното писмо е пратено неколку дена подоцна, но тоа не е објаснето во насловот и првичниот впечаток е дека падот се случил дента кога е објавена оваа дезинформација.

Извори на информации: Нема извори, иако текстот е базиран на анонимно писмо кое беше испратено на мејл до повеќе редакции.

Содржајност: Иако студентскиот дом „Гоце Делчев“ остава впечаток на совршено место за снимање хорор филмови и иако пред една година таму навистина се откачи лифт во летниот период кога немаше студенти внатре, сепак, тоа не ги прави основани причините на непотпишаниот новинар и на медиумот да поверуваат во вистинитоста на анонимното писмо без притоа да го проверат.

Текстот ги содржи сите потребни одговори на петте основни новинарски прашања, со единствениот проблем – ниеден од нив не е вистинит. За да се зголеми напнатоста и „ексклузивноста“ во овој неодговорен медиумски производ внесени се и детали за тоа како студентот си ја удрил главата во плафонот за да стане текстот поуверлив и поверодостоен. Повторно – неточно, таков настан не се случил. Пристигна и демант од Државниот студентски центар.

 Коментирање: Непотребно се максимизира „катастрофата“ што се опишува преку следниот коментар:

„Лифтот се задржал само неколку метри над приземјето, и студентот удрил со главата во плафонот и завршил со помали повреди. Но, сигурно доживотно со себе ќе носи трауми.“

Оригиналност/Плагијат: Текстот е објавен на повеќе веб-портали. Медиумот не го објаснува тоа и не се повикува на ниеден медиум при најверојатното копи-пејстирање.

Квалитет на насловот: Насловот е ирелевантен бидејќи фактот што го презентира е лажен.

Фотографија: Станува збор за општа фотографија од која може да се заклучи за кој објект се пишува.

Заклучок: Неодговорно, непрофесионално и паушално новинарство. Работа на новинарот му е да ги проверува информациите и да консултира повеќе од еден извор. Принципот на Би-Би-Си е да се консултираат три независни извори за да се потврди веродостојноста на информацијата. Тоа би значело – еден студент сместен во „Гоце Делчев“, управата на домот, Државниот студентски центар, Студентскиот парламент и ако има потреба МВР. Ништо од тоа не е сторено во овој мрзелив производ, со што е нанесена штета на професијата преку дезинформирање на јавноста и особено е нанесена штета на семејствата на оние кои се сместени во домот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција