Рецензија: Врие во СДСМ: Незадоволство од стравот на раководството од избори
Насловот бомбастичен – во текстот ниту трага од најавеното. Иако се тврди дека „Во СДСМ врие“ од незадоволство што новото раководство се определило да не учествува на евентуални предвремени парламентарни избори, самиот напис поставува прашања (без прашалник) и донесува мислења на консултирани аналитичари, но не дава ниту еден аргумент или изјава, па дури ниту анонимна, во полза на тврдењето дека во опозициската партија постои раширено незадоволство на членството од одлуката на партискиот врв. Тезата од насловот, се чини како да се гради исклучиво врз основ на коментар на приватниот Фејсбук профил на близок соработник на поранешниот претседател:
„Сега кога не здробија на криминални локални избори остро изјавуваме дека веќе на такви избори не учествуваме. Добро бар ги добивме Ранковце, Струмица, Куманово и Центар… ,,која осмислена и принципиелна“ стратегија, напиша на својот профил на фејсбук Савова.“
Без оглед колку и да оди во прилог на кажаното во насловот, ова мислење не може да биде кредибилен израз на „вриеж“ од незадоволство во партија доколку стои осамено, бидејќи „вриежот“ би подразбирал дека таквото расположение е детектирано барем кај уште некој член на таа партија.
Заинтригиран од насловот, кој тврди дека врие во најголемата опозициона партија, внатре во текстот читателот добива поинаков материјал. Па, оттаму и чувството дека насловот е сосема несоодветен со содржината. Според поставените, а неодговорени прашања, на текстот повеќе би му прилегал наслов кој поставува дилема, од типот: „Има ли незадоволство во СДСМ по одлуката на раководството за бојкот на изборите?“
Линк до оригиналниот напис: Во СДСМ врие – незадоволство од стравот на раководството од избори
Датум и време на објавување: 27.08.2103, 10:43
Датум на рецензирање: 30.08.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Текстот не нуди ниту еден аргумент кој би го оправдал насловот освен наводниот коментар на Наташа Савова на нејзинот Фејсбук профил. Наместо изјави од членови на оваа партија, се цитираат мислења на политиколози.
Извори на информации: Соговорниците, чиишто изјави се користат како поткрепа на тврдењето дадено во насловот, го анализираат однесувањето на СДСМ на политичката сцена, но не даваат, ниту пак можат да дадат потврда на тезата од насловот дека внатре во партијата врие, туку само да нагаѓаат, бидејќи не се членови на оваа партија.
Содржајност: Во текстот се наведува што би можело да предизвика незадоволство односно вриеж меѓу членството на Социјалдемократскиот сојуз, но не информира што навистина се случува во таа партија.
Пристрасност: Написот е политички неизбалансиран и не ја кажува целата вистина. Авторот не вложил труд да открие какво е навистина расположението на СДСМ по одлуката на раководството, но затоа пак насловот, како и самата содржина на текстот, се сугестивни и пласираат спин дека раководството, кое „се определило за безвреден извештај“ стои пред неизвесноста „дали партиските реформи ќе ги зафатат оваа есен“. Целиот текст заличува на обид оваа опозициона партија да се претстави во негативно светло, што, ставено во контекст на дневнополитичкиот момент на неговото објавување, може да се толкува како политичка пристрасност.
Фотографија: Фотографијата што го следи текстот е само илустрација – слика од зградата во која се наоѓа седиштето на некоја партија е чест, но неинвентивен начин на илустрирање на темите поврзани со конкретна политичка партија, како што е тоа во овој случај.
Заклучок: Новинарските анализи за внатрепартиски случувања се популарно политичко четиво, посебно кога се „гарнирани“ со шпекулации и кулоарски пикантерии. Но и за нив, како и за другите форми на новинарско изразување важи едно основно правило – тезата дадена во насловот треба да е поткрепена со материјал во самиот текст. Една релевантна и издржана новинарска анализа на внатрешните трендови или случувања во одредена партија подразбира истражување, пронаоѓање на соговорници и информации „од прва рака“. Доколку такво нешто не може да обезбеди, новинарот не би требало да посегнува по силни, бомбастични наслови само за да создаде сензација, бидејќи бргу ќе биде „прочитан“ од своите читатели.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар