Рецензија: За 4 години бугарското малцинство може да го достигне прагот од 25 отсто
Текстот опфаќа една тема која во континуитет била цел на разни манипулации. Оттука, од самиот почеток нејзиниот потенцијал за дезориентација е значителен. Меѓутоа, загрижува фактот што кон проблематиката не е пристапено согласно стандардните норми во новинарството. Една од главните мани на оваа информација, која никако не смее да избегне од леќите на медиумот, е непроверувањето, или пак парцијалното сервирање на изворите. Затоа, може да се констатира дека овој напис, а посебно еден негов интегрален дел, не ги исполнува потребните стандарди и не успева да се класифицира како сериозен новинарски прилог. Дури, фокусирајќи се на овие пропусти, информацијата има основа да се смета како да ја занемарува разликата меѓу фактите и мислењата, што јасно е дефинирано во точка 13 од Новинарскиот кодекс на Македонија, каде што се вели:
„Новинарите треба да прават разлика помеѓу фактите и мислењата, помеѓу веста и коментарите.„
Линк до оригиналниот наслов: За 4 години бугарското малцинство може да го достигне прагот од 25 отсто Преводот на веста на македонски јазик можете да го најдете овде.
Датум и време на објавувањето: 20.10..2013
Датум на рецензирање: 13.11.2013
Рецензент: Гент Мехмети
Вистинитост: Вистинитоста на информацијата е премет на низа политички спорови, како партиски, така и меѓуетнички внатре во границите на Македонија, но и дипломатски и меѓудржавни. Имајќи го предвид недостатокот на контрааргументи, во овој случај најсоодветниот став би бил неутралниот, со умерена пристрасност кон невистината – заради сомнителната природа на фактите и изворите. Иако можностите оваа информација да биде вистинита постојат, непочитувањето на принципите на професијата не дозволуваат да се смета како таква.
Извори на информации: Изворите во овој случај се мошне нејасни и создаваат дополнителна збунетост кај јавноста. Згора на тоа, тие не се цитирани во самиот текст и нивното присуство не е документирано на ниеден начин. Новинарот навел како извор една вест емитувана на јавниот државен сервис, меѓутоа не навел ни датум, ни автор и редица други важни елементи од „петте основни прашања на новинарството“. Затоа, лесно може да се заклучи дека изворите на оваа информација се со сомнителна валидност и тие не треба да се земаат како индикатори за вистинитоста на информацијата.
Содржајност: Содржајноста на текстот, општо земено е од сензационалистичка природа. Обработената информација бара долготрајно истражување од релевантните државни институции, а не „герилски авторитети“, кои се служат со лични и непрофесионални опсервации. Сето тоа што е напишано, покрај недостатокот на проверени извори, се соочува и со проблемот на недостаток на нивниот кредибилитет.
„Туристичките агенции во повеќе градови на Македонија“, како што се изразил авторот на текстот, не претставуваат надлежни органи што можат да дадат информации од таков тип. Во самиот текст недостасуваат изјави од реномирани органи како Државниот завод за статистика, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, кои традиционално ги потврдуваат ваквите информации.
Пристрасност: Пристрасноста не е присутна во видлива форма, во прв ред заради недостатокот на соочување на претставниците на двете „спротиставени“ страни во текстот.
Оригиналност/Плагијат: Имајќи го предвид фактот дека новинарот уште на самиот почеток истакнал дека написот се базира врз информација објавена на јавниот сервис, не можеме да го теретиме за плагијат. Меѓутоа, истото на важи кога станува збор за оригиналноста, бидејќи не може да се забележи обид за креативен и автентичен пристап.
Квалитет на насловот: Насловот секако претставува столб на овој проблем. Откривајќи ја суштината на текстот кој што следи, насловот гласно и уверливо пласира сомнителни информации. Дезориентирачките наслови можат да бидат основа за манипулација во електронските медиуми заради начинот на нивното прикажување на интернет и на социјалните мрежи.
Фотографија: Фотографијата не кажува многу. Прикажани се два бугарски пасоши и таа површински го илустрира текстот.
Заклучок: Овој текст не е во сообразност со правилата на новинарството и содржи елементи на латентно манипулирање. Тој го заобиколува принципот на оригинални извори и како таков е склон кон сензационализам и дезинформирање.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар