Рецензија: За влакно избегнат голем раскол во СДСМ
Пред нас е исклучително пристрасен напис со претензиозен наслов: „За влакно избегнат голем раскол во СДСМ“. Текстот излегува со тврдење дека во најголемата опозициска партија, наводно, се случува загижувачки внатрепартиски конфликт и дека тензичната атмосфера кулминирала пред номинацијата на Стево Пендаровски за претседателски кандидат. А, за да добие приказната на драматика неизбежно се споменува екслидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски кој во конкретниот случај ја спaсил ситуацијата!
Кандидатурата на Стево Пендаровски како претседателски кандидат на СДСМ висела на конец два дена пред вчерашниот конгрес на партијата. Лидерот на партијата, Зоран Заев бил доведен во класична ситуација на уцена, по што решението на сериозната криза која се навестувала, морал да го најде екс лидерот, Бранко Црвенковски.
Всушност, станува збор за материјал чија главна определба е манипулација и дезинформирање на јавноста, и кој има сериозни проблеми со релевантноста. Имено, тој се повикува на друг сајт, кој се потпира на анонимни партиски извори, а кој, во меѓувреме, по острата реакција на социјалдемократите дека „на најнизок начин се пласираат лаги и невистини“, го повлече текстот од интернет страницата.
Линк до оригиналниот напис: За влакно избегнат голем раскол во СДСМ
Датум и време на објавување: 5.03.2014, 23:10
Датум на рецензирање: 7.03.2014
Рецензент: Оливера Војновска
„ПИКАНТЕРИИ“ И НЕПОТВРДЕНИ ИНФОРМАЦИИ
Целиот текст виси. Тој не се темели на факти, туку врз основа на непотврдени информации на јавноста и открива „пикантерии“ за расположението кај социјалдемократите во очи на изборот на Пендаровски.
Па, така, со леснотија се „плете“ приказната дека една поголема група пратеници од СДСМ (Игор Ивановски, Јани Макрадули, Цветанка Иванова, Данева Павловска, Андреј Петров, Весна Бендевска, Минчев, Емилијан Становкиќ), потписот на кандидатурата за Пендаровски го условиле со гаранција дека ќе се најдат на пратеничките листи. Заплетот настанува кога „збеснатиот“ од лутина Заев, наводно, побарал веднаш да отпочне процедура на собирање 10.000 потписи. Но, Шеќеринска се спротивставила и го разубедила, а спасоносната формула стасала токму од Црвенковски!
„… дел од побунетите пратеници треба да се најдат повторно на лиситите, особено оние кои биле истурени играчи во Парламентот“
Наспроти ваквите наводи, во демантот на социјалдемократите се вели дека споменатиот текст објавен на неколку сајтови е „целосна измислица“:
Вистината е дека на состанокот на пратеничката група на СДСМ ЕДНОГЛАСНО е поддржана одлуката Стево Пендаровски да биде кандидат за претседател на Република Македонија. Зад кандидатурата на Стево Пендаровски стојат потписите на сите пратеници на СДСМ како и пратениците од коалиционите партнери.
Исто така, во извешатите на дел од медиумите кои информираа за Конгресот на СДСМ, токму Ивановски, Макрадули и Иванова се посочени дека во своите настапи му искажале поддршка на Пендаровски. Макрадули (како што пренесоа медиумите) од говорницата на Конгресот го опишал Пендаровски како „Човек кој кредибилитетот го изградил низ професионалната кариера, човек кој не само што зборува, туку и знае што зборува. Човек со јасен и непроменлив став.“ Според него:
„Стево не е избор, туку тој решение за Македонија.“
Во овој напис, повторно, како целосна вистина се протнува „сигурната “ информација дека:
Изборот на Пендаровски за претседателски кандидат е крај на политичката иднина на Заев како партиски лидер.
Притоа не се нуди ниту еден аргумент за изнесените тврдења, со што кажаното добива третман на шпекулација. Ваквиот пристап се коси со првиот амандман од новинарскиот Кодекс, каке е прецизно наведено:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже.
ПРЕДИЗБОРНА КОНСТРУКЦИЈА
Како извор е посочен друг портал, кој, пак, не наведува прецизни извори на информации, ниту, пак, споменува соговорници. Ова четиво воопшто не е замислено да биде објективно и да има втора страна. Туку, користејќи ја вообичаена формулација: „наши извори или партиски извори кои инсистираат на анонимност“ и без конкретен доказ, на јавноста и сервира една предизборна конструкција.
Во него е видлива намерата да се оцрни опозицијата, преку едно „катаклизмично“ сценарио за „пукање“ по сите рабови! Ваквата тенденциозност, ставена во контекст на актуелниот политички миг, јасно покажува на која страна е наклонет написот.
Насловот е спинерски и впечатлив. Но, во текстот нема квалитетен штоф во прилог на тезата „За влакно избегнат голем раскол во СДСМ“. Текстот е илустриран со фотографија од некој состанок на раководството на СДСМ, која не кажува ништо посебно .
На читателите им е понуден политички некоректен шпекулативен текст, кој се обидува да го насочи јавното мислење да верува дека на Конгресот на СДСМ се случила некаква „драма“ и дека била ставена под прашалник кандидатурата на Пендаровски. Со насловот и со непотврдените информации е добиен еден фабрикуван новинарски производ, наменет да создаде перцепција дека СДСМ е раскарана и разединета партија и како таква не може да излезе со квалитетна политичка и персонална понуда. Појавата на написот истовремено на неколку сајтови, како и објавувањето на други материјали со дискредитирачка содржина во истите медиуми дополнително го засилува впечатокот за своевидна политичка „сатанизација“ на опозицијата и нејзиниот претседателски кандидат пред двојните избори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар