Рецензија: Заев бара да има избори во Македонија се додека СДСМ не победи?!

netpress_com_mk_zaev-bara-da-ima-izbori-vo-makedonija-se-dodeka-sdsm-ne-pobedi-crop-resize

Станува збор за еден целосно необјективен напис кој просто тежи од тенденциозност уште од насловот: „Заев бара да има избори во Македонија се додека СДСМ не победи?!“  Во овој неизбалансиран и  политички некоректен текст, надвор од  востановените стандарди на етички исправното новинарство, во самиот старт е видлива намерата да се дискредитира  најголемата опозициска партија, пред сѐ, нејзиниот лидер. Притоа, не се избираат зборови за да се оцрни личноста на претседателот на СДСМ, а навредливиот тон се граничи со безобразие и примитивизам.

netpress_com_mk_zaev-bara-da-ima-izbori-vo-makedonija-se-dodeka-sdsm-ne-pobediЛинк до оригиналниот напис: Заев бара да има избори во Македонија се додека СДСМ не победи?!

Датум и време на објавување: 27.04.2014, 19:32

Датум на рецензирање: 27.04.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

СПИНЕРСКА КОНСТРУКЦИЈА

Текстот користи официјални и неофицијални извори при што се прави една конструкција со која се спинува вистината. Најпрво, неименуваниот автор на текстот со нагласено субјективен и селективен пристап претставува само фрагмент од изјавата  на лидерот на СДСМ, надополнет со коментаторски елелменти и со невистинити податоци.

„ Заев, по завршување на гласањето денеска, на прес-конференција побара нови избори, иако сегашниве се уште не се завршени. Тој рече дека СДСМ не ги признава изборите, поради наводни нерегуларности, но без да наведе барем еден цврст аргумент за тоа. Тој во името на својата партија побара формирање на техничка влада.“

Но, според тоа што го пренесоа медиумите, Заев кажа дека „СДСМ и здружената опозиција не го признаваат изборниот процес  и бара итно формирање техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер претседателски и парламентарни избори во земјава.  И, за ваквата одлука тој наведе 14 причини.

Во интерес на вистината и тука пренесуваме дел од неговата изјава:

Власта и Груевски покажаа дека немаат минамална волја за спорведување фер избори. Власта уште еднаш го узурпираше правото за слободно изразување и правото на слободна волја. Видовме целосна контрола на граѓаните на денот на изборите. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребија целиот државен систем во своја корист. Секој кој не е сигурен гласач на власта имаше опција да докаже дека ќе гласа за власта или воопшто ќе нема право да гласа…

 

Уфрлени се нови фантомски гласачи, во згради со непостоечки влезови и административни згради, што го регистрираа и невладини организации што го следат изборниот процес.Невидено досега во независна Македонија, злоупотребени се верски објекти и верски служители за агитирање во интерес на власта на Груевски.

 

Најдрско, противзаконски е злоупотребен јавниот радиодифузен сервис, Македонската Радио-телевизија, којшто во текот на целата кампања функционираше како партиски билтен и постојано го кршеше Изборниот законик по повеќе основи. Приватните медиуми под контрола на власта постојано и координирано ја дезинформирааа јавноста, при што опозицијата беше попречена дури и во платеното политичко рекламирање. …

 

„ОСАКАТЕНА“ ИЗЈАВА

Начинот, пак,  на кој овој текст ја пренесува изјавата  на Заев е целосно непрофесионален. Практично,  неговиот речиси десетминутен настап  е „осакатен“ во две реченици и наменски ставен во контекст на „алиби за изборен пораз“.

Дополнително, за да се засили ваквиот впечаток, се налепуваат и изјавите на носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица, Антонио Милошоски и на министерката за внатрешни работи и носител на листа во Втората изборна единица, Гордана Јанкуловска:

„Ова се најмирните и најдемократските избори во историјата на самостојна Македонија“ (Милошоски)

 

„И според МВР, денешното гласање минало мирно. Еединствено во струшкото село Велешта имало мал инцидент, кој полицијата го решила експресно брзо.“  (Јанкуловска)

 

ДВОЈНИ АРШИНИ

Материјалот што го рецензираме само навидум ги опфаќа двете страни.  Тој е целосно едностран и покажува отворена наклонетост кон владејачката партија. Во него се  забележува дури задоволство поради „неофицијалните сознанија  дека СДСМ минал катастрофално лошо на изборите“! 

Пристрасноста е видлива  и во двојните аршини. Така, на пример, како целосна вистина се пласира констатацијата  на Милошоски дека „биле регистрирани дузина нерегуларности во општините во Македонија каде опозицијата има свои градоначалници, а особено во Струмица“.  А, од друга страна се има сосема поинаков пристап за забелешките на опозицијата, па се вели: „медиумите под контрола на опозицијата, постојано лиферуваа информации, од кои најголемиот дел непроверени, дека имало наводни нарушувања на гласачките места“

 

ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА НЕВКУС

Интенцијата да се стави лидерот на  опозицијата во негативен контекст се препознава  уште во изборот на насловот: „Заев бара да има избори во Македонија се додека СДСМ не победи?!“.  А заедно  со поднасловот, каде е употребен  исклучително навредлив речник:

„опозицијата е заложник на непресметлив човек, кој во своето тонење сака да ја вовлече и Македонија,“

прават една спинерска комбинација која во јавноста ја испраќа манипулативната порака од текстот. Самиот поднаслов, пак, во кој опозицискиот лидер се претставува како личност која не може да ги контролира своите постапки и однесување, всушност, е извлечен од заклучокот на текстот и претставува  олицетворение на невкус.

Истата теза, инаку,  беше пласирана во слични текстови  и речиси истовремено проциркулира низ повеќе информативни сајтови. Што, пак, остава простор за сомнеж дека е во прашање  своевидна синхронизирана  политичка „сатанизација“ на опозицсикиот лидер.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција