Рецензија: Заев лаже дека му обезбедувал работни визи на Верушевски!

Firefox_Screenshot_2015-02-16T08-57-11277Z-crop-resize

 

 

Од обвинувања, преку спинови и квалификации „спакувани“ во неумесни коментари, па сè до јавна осуда. Сето ова е натискано во материјал кој многу малку функционира врз база на аргументи и на вистински контекст, а повеќе се потпира на необјективност, пристрасност и на јасно, недвосмислено и тенденциозно минимизирање на аферата со државното прислушување што ја обелодени опозицијата. Поточно, ова е уште еден „новинарски“ текст во обид, со јасна цел – да „сее ветер и магла“ и да фрла прав во очите на јавноста, наспроти актуелната состојба во земјата и сериозноста на ситуацијата.

Firefox_Screenshot_2015-02-16T08-57-11.277ZЛинк до оригиналниот напис: Заев лаже дека му обезбедувал работни визи на Верушевски!

Датум и време на објавување: 14.02.2015, 14:48

Датум на рецензирање: 15.02.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НАЈМАЛКУ ЧЕТИРИ СПИНОВИ, ПЛУС „ВИЗНИ ПРОЦЕДУРИ“ ЗА ПОКРИТИЕ НА ОБВИНУВАЊЕТО „ЛАГА“

Кога зборуваме за вистинитост, треба да кажеме дека ја има, ама е така извртена што од нејзините основи многу малку е останато. Точно е дека лидерот на опозицијата ја потврди автентичноста на писмото пратено до поранешниот прв разузнавач, точно е дека двајцата имале комуникација, точно е дека се посредувало за праќање на овој поранешен висок полициски функционер во странство. Отприлика, со ова почнува и завршува вистинитоста. Сè понатаму се неаргументирани тврдења и обвинувања – нешто што не смее да биде во легитимен и кредибилен новинарски текст.

Пример 1: „Заев лаже дека му обезбедувал работни визи на Верушевски!“ Кој го вели ова? – Нема одговор, нема извори, нема соговорници. Затоа се претпоставува дека тоа е дело на тој што стои зад текстот, секако неименуван! За вакви формулации, непоткрепени со аргументи, во нормални држави некој се повикува на одговорност. Објаснувањето за тоа дека опозиционерот „лаже“ се бара во процедурите за вадење работна виза во странство, кои, наводно, биле многу едноставни. И да е така, а не е, станува збор за човек кој со своето семејство сака да ја напушти земјава поради страв од политичко-полициски прогон, што и се оствари, поради неговата соработка со опозицијата во аферата „Прислушување“. Значи, станува збор за сосема различни категории – не е исто барање економски просперитет и бегање поради политички причини. Затоа и, како што јавно објасни претседателот на СДСМ, тој барал политичка асистенција од премиерот на една држава, кој доаѓа од сестринска партија со лева ориентација. Ова е спинот број 1.

Пример 2: Се наведува дека конкретната личност со години била дел од безбедносно-разузнавачкиот систем на Македонија и оттука се прашува што тој би работел во странство. Одговорот е само еден ред подолу – се вели дека последниот период тој бил вработен во приватна компанија, што значи дека има квалификации за работа и во приватен сектор. Дополнително, човекот има и академски „бекграунд“. Ако си поранешен „џандар“, не можеш ништо друго да работиш?! Ова е спинот број 2.

Пример 3: Пишува дека овој човек и неговото семејство „живееле на висока нога зашто тој со години земал висока државна плата, сопругата работела во банка, имале стан од 110 квадрати“ и затоа се прашува зошто би сакал сето тоа да го напушти и веднаш да ја напушти земјава? Здраворазумски да се проанализира, ќе се види дека одговорот е во самиот напис. Кој нормален би сакал да ја напушти својата држава во која, нели, „добро бил ситуиран“ ако за тоа нема некоја дебела причина? Штом поранешен полициски првенец се плаши од сегашната полициска структура, како што пренесе неговиот адвокат, што останува за нас „обичните“ граѓани? Ова е спинот број 3.

Пример 4: Се прашува „Ако Верушевски е невин за тоа за што се терети, зошто би сакал да избега од државата?“. Одговорот лежи во најверојатно високиот степен на „независноста“ на судството, како што наведува, на пример, Европската комисија. Спин број 4.

 

„ЦЕМЕНТИРАНА“ СЛИКА НА ДИРИГИРАНО ЧЕТИВО

Доволно за спиновите и за претурањето на фактичката ситуација од еден во друг џеб. За изворите на информации и да не зборуваме. Со исклучок на писмото, нив и ги нема. Сериозните дупки поради нивното отсуство во никој случај не се „покриваат“ со политички обоените коментари кои ја „цементираат“ сликата за диригирано четиво.

„…Зоран Заев сигурно го знае ова, но со тврдењата дека “пријатели од странство“ меѓу кои и премиер на странска држава помагале за работна виза, уште еднаш ја потцени интелигенцијата на македонскиот народ;“

„Изјавите на Зоран Заев се контрадикторни за јавноста, но и опасни за луѓето блиски до СДСМ. Колку и да сака да остане доследен на своите изјави, човекот кој претендира да ја води државата, секојдневно се фаќа во сопствената мрежа на лаги;“

„Кога следен пат ќе биде запрашан, лидерот од Бихаќка треба да одговори- зошто Верушевски експресно сакаа да ја напуштат државата, кои им беа „пријателите од странство“ и дали барајќи им виза го штитеше нивниот криминал?“

 

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – член 13 од Кодексот на новинари.

Ама, изгледа дека за некои „колеги“ Кодексот има тежина на тоалетна хартија.

Кулминација во пристрасноста и во непрофесионалниот пристап е насловната конструкција. Од каде смелоста, која треба да биде цврсто аргументирана со докази и со факти, за употреба на таква формулација? Сигурно не од оваа „новинарска“ издржана содржина. Дополнително, надвор од стандардите е и пристапот кон семејството на поранешниот разузнавач, дел осомничено за шионажа, дел за детска порнографија. „Сецирањето“ е темелно, без милост, без ронка новинарски сомнеж за делата за кои се сомничат, пласирани од МВР, и повеќе наликува на линчување отколку на реално информирање.

Заклучок: текст е во стилот „Кадија те тужи, кадија те суди“ и, би дополниле, медиумски те распнува.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција