Рецензија: Заев не се откажува од идентитетот, ама сепак ќе го свитка ’рбетот

Дневниот весник Нова Македонија ден после одржување на последниот Конгрес на главната опозициска партија донесе куса информација од неколку редови за Конгресот, која не може да се смета за извештај, бидејќи содржи наслов во кондиционал, има кус текст со назнаки што ќе се случува на Конгресот, кој очевидно е напишан пред да се знае крајот, а веројатно и текот на настанот.

Оттаму, текстот објавен следниот ден, во вторникот, кој е предмет на рецензијата, за читателот на Нова Македонија би требало да претставува прозорец за она што се случувало на последната средба на највисоко ниво на социјалдемократите. Извештајот се комбинира со други жанрови и претставува обид на замаглување на еден настан со негово вкрстување со настан, како и изјави на личности кои немаат допирна точка со Конгресот од каде се очекува извештајот.

 

Рецензија: Заев не се откажува од идентитетот, ама сепак ќе го свитка ’рбетотЛинк до оригиналниот напис: Заев не се откажува од идентитетот, ама сепак ќе го свитка ’рбетот

Датум и време на објавување: 02.07.2013

Датум на рецензирање: 02.07.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Измените на Статутот на партијата и воведувањето на функцијата – заменик на претседател на партијата, како и некои промени во позицијата на Градскиот комитет – Скопје беа повод делегатите на Социјалдемократскиот сојуз да се соберат еден вид вонреден конгрес, а известувачот зема еден сегмент на говорот на првиот човек на партијата, Заев, за во „спорење“ со изнесеното мислење практично да го фрли во сенка она за што е испратен да известува и што било централна тема на собирот.

Без да се направи извештај од кој читателот сам ќе заклучи што било важно, а што не на Конгресот на најголемата опозициона партија, му се „дајџестира“ материјал кој низ коментар треба да даде квалификација за Конгресот на партијата, што е спротивно на правилата на професионално известување.

Извори на информации: Индикативно е дека Нова Македонија, освен што се потпира на она што се случувало на Конгресот како противтежа се повикува на цитат во блог на пратеник од СДСМ во Собранието. Необично е што истиот цитат во своите извештаи го користат сите медиуми, кои се сметаат за наклонети на владината политика или генерално се поставени како опозит на опозицијата.

Исто така, на говорот на Заев му се спротивставува и извадок од интервјуто на премиерот Груевски од Дневник, дадено неколку дена претходно, што одново внесува недоумица во однос на карактерот (жанрот) на текстот. Впрочем, извадокот од интервјуто на Груевски е по обем далеку поголемо од она што како простор се остава за говорот на претседателот на СДСМ – Заев! Па излегува дека извештајот од Конгресот на СДСМ како да е извештај од типот „што донесува Дневник во петок“.

Содржајност: Од вака поставениот извештај тешко е на читателот да заклучи што навистина се случувало на местото од каде извештајот, условно, е правен.

Пристрасност: Основата на информирањето од овој настан би била да добиеме поширок увид во тоа што кажал лидерот на најголемата опозициска партија. Односно и кога тие факти ќе се дадат (детали за статутарните измени, заради што и се собраа делегатите) тие не треба во извештајниот дел да се поклопуваат со сосема други содржини и да се прави жанровски „мешпајз“, односно во основата на информирањето (тука би биле фактите за Конгресот) да се коментираат изјави на човекот чие излагање е скелетот на настанот со изјави на други лица и институции.

Ова не ја менува можноста весникот по своја волја и во простор што ќе си го определи потоа, под друг наслов или „покрив“ да го коментира тој настан или некои негови учесници.

Коментирање: Текстот и започнува со коментар кој до крајот го дава најсилниот белег на извештајот. Па дури и самиот автор кажува дека неговиот коментар на говорот на Заев е главна „точка“ на извештајот.

Квалитет на насловот: Насловот се однесува на коментарот кој во текстот го прави авторот на извештајот и тој едноставно сугерира што треба да се очекува од понатамошната содржина – повеќе коментар, помалку детали за Конгресот.

Фотографија: Фотографијата, која има наведено автор, е најинформативниот сегмент во извештајот, бидејќи ги дава Шекеринска и Заев како задоволно отпоздравуваат и таа ја покажува суштината на она што се случило во хотелот Александар Палас два дена претходно – изборот на Шекеринска за заменик заслужуваше да има централно место во секој извештај, бидејќи, тој одредува некои подалекусежни релации и вредности во партијата.

Заклучок: Овој напис ја продолжува лошата, жанровски недозволива практика на вметување на коментари насекаде, дури и во весници кои за коментари си имаат посебни страници и изградена традиција.

Рецензија: Заев не се откажува од идентитетот, ама сепак ќе го свитка ’рбетот

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција