Рецензија: Заев се премисли за Македонска банка

Заев-се-премисли-за-Македонска-банка-I-Република-Online-republika_mk__p309042-crop-resize

Текстот „Заев се премисли за Македонска банка“, не ја пренесува објективно атмосферата од судницата во Основниот суд Скопје 2 за случајот за навреда и клевета што го поведе премиерот против лидерот на опозицијата. Насловот и првата реченица од написот:

„За време на денешното судење лидерот на СДСМ, Зоран Заев целосно се повлече од тврдењата дека премиерот Никола Груевски бил дел од корупција во купување на акции од Македонска банка“,

прозвучуваат како претседателот на социјалдемократите да го сменил мислењето за тоа дека своевремено е направен наводен криминал со продажбата на „Македонска банка“. Се добива впечаток како Заев да отстапил од обвинувањата дека премиерот во почетокот на 2004 година, наводно,  бил инволвиран во „коруптувна афера од 1,5 милиони евра во кеш“. Но, дали е така?

'Заев се премисли за Македонска банка I Република Online' - republika_mk__p=309042Линк до оригиналниот напис: Заев се премисли за Македонска банка

Датум и време на објавување: 02.09.2014, 12:20

Датум на рецензирање: 03.09.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ТЕКСТ ВО ОДБРАНА НА ПРЕМИЕРОТ

Овој наменски скроен тенденциозен напис е правен исклучиво  врз основа на изјавата на премиерот дадена по судското рочиште (02.09.2014). И, притоа  се става во функција на негова одбрана од  „невистините и клеветите од најнизок вид“.

Иако неговата изјава е точно пренесена, сепак, паѓа во очи огромниот простор што му е отстапен на лидерот  на десницата. А наспроти тоа, воопшто не се пренесува што точно кажал шефот на опозицијата. Фактички, целиот напис се потпира само на оценката на  Груевски за сведочењето на претседателот на СДСМ. При што Заев се претставува како човек кој е ставен во „тесно“ и бара начин да се извлече.

Со ваков  селективен пристап  на читателите не им се дава можност да видат каков настап пред Судот имал претседателот на СДСМ, па тие  самите да проценат дали тој ги повлекол обвинувањата искажани на адрсесата на премиерот.

А што, всушност, изјавил Заев на рочиштето во Основниот суд  Скопје 2 ?

Во интерес на вистината треба да се каже дека наспроти наводите изнесени во заклучокот на текстот дека:

„За време на денешното судење адвокатите на Заев го советувале да не одговара на прашањата во судот“,

лидерот на СДСМ, како што пренесоа  други медиуми, одговарал на прашањата на адвокатот на Груевски и изјавил  дека „останува на основаното сомнение дека е извршено кривично дело за поткуп и примање кеш“.

„Во ниеден момент намерата не беше нанесување штета по угледот и честа, туку исполнување на законските обврски како граѓанин и претседател на најголемата опозициска партија како коректив на власта“

 

„Не чувствувам никаква потреба да се извинам. Тоа го чинам само во случаи кога мислам дека сум погрешил“   

 

И денеска би кажал дека имам основано сомнение за извршен криминал“

 

„..Заев појасни оти после секое тврдење во изјавите, кое завршувало со точка, имало прашање кое покажувало дека тој отворено се сомнева “

Исто така, во материјалот што го рецензираме не се споменува дека Заев во исказот пред Судот открил дека тонскиот запис  за наводно барање поткуп при  продажбата на „Македонска банка“, му го дал лично Ден Дончев во седиштето на СДСМ.  Како и тоа дека тој побарал од судот Дончев  да биде повикан како круцијален сведок, но судот го одбил ваквото барање.

„Аудио снимката и писмените докази ги добив од Ден Дончев кој во моментот на договарање на продажбата на Македонска банка беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Информациите ги добив 10 дена пред нивното објавување во јавноста…“

 

„…доколку има потреба Ден Дончев е подготвен да сведочи пред судот “

Сето ова дава една поинаква слика за сведочењето на лидерот на опозицијата. Меѓутоа, очигледно е дека  написот воопшто немал амбиција да ја прикаже вистината и објективно да информира за настапите на двајцата политички ривали. Така што, наместо коректен, балансиран извештај од судот,  на читателската публика ѝ е понуден спинерски производ на кој му фали политичка дистанца.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција