Рецензија: Загаден воздух: Ноќеска Карпош уриваше рекорди (ФОТО)

FireShot-Screen-Capture-zagaden-karpos2-crop-resize

Темата загадување на воздухот последниве денови беше една од најактуелните во државава. Ќе можеше да се каже дека овој напи релативно прифатливо ја обработува темата, доколку не е направена крупна грешка – погрешно е протолкуван графиконот објавен на веб-страницата на Министерството за животна средина, каде измерените вредности се илустрирани со различни бои на кривите. За волја на вистината, графиконот навистина може да биде погрешно протолкуван, бидејќи се одбрани слични бои со кои се одбележани вредностите на двете општини со најголемо загадување – Центар и Карпош.

Освен овој крупен превид, кој резултираше со погрешна поента извадена и во насловот и во главата на текстот, самиот напис е сиромашен со други податоци кои се однесуваат на загадувањето на воздухот, а кои му биле достапни на авторот. Освен тоа, евидентно е дека текстот е нелекториран, при што јазичните и печатни грешки се воочливи и пречат при читањето.

Загаден воздух: ноќеска Карпош уриваше рекорди (ФОТО)Линк до оригиналниот напис:  Загаден воздух: Ноќеска Карпош уриваше рекорди (ФОТО)

Датум и време на објавување: 22.12.2013, 9:45

Датум на рецензирање: 24.12.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Носечкиот факт, наведен во текстот, кој инаку се однесува на загадениот воздух во неколку градови низ Македонија – дека скопската Општина Карпош била најзагадена и дека во неделата кон понеделникот (22-23 декември) максималната концентрација на суспендираните честички ПМ10 во Карпош била највисока – е неточен.

Извори на информации: Авторот на написот се повикува на податоците објавени на веб-страницата на Министерството за животна средина на РМ, кој е релевантен и  јавно достапен извор, а резултатите од мерењата се објавени во вид на табели и графикони, дневно обновени.

Содржајност: Освен што е погрешно пренесен податокот која е најзагадената општина, на написот му недостасуваат и податоци, кои инаку се на располагање, во кои во други општини и градови се регистрирани високи вредности на загадувачките честички и колкави биле тие и кои денови кулминирале, што секако ќе ја интересираше читателската публика. Забелешката дека веста можеби прикрива информации се однесува токму на тој факт.

Пристрасност: Кон забелешката дека написот има неточни информации треба да се додаде дека во овој случај најверојатно се работи за превид,  а не за некакво намерно пласирање лажни информации.

Квалитет на насловот: Насловот дезинформира зашто авторот тргнува од погрешно протолкувни податоци за загадувањето во Скопје и за најзагадена општина е прогласен Карпош, иако табелата јасно покажува дека тоа е Општина Центар. Да беше податокот точен, насловот ќе беше сосема прифатлив.

Фотографија: Фотографиите се добро дополнување на темата. Интересно, но и тие ја илустрираат состојбата со воздухот во Центар, иако појдовното тврдење на авторот беше дека Карпош е најзагадениот дел на Скопје.

Заклучок: Впечаток е дека имало брзање и недоволна подготвеност за реализација на темата. Со поголемо внимание и темелност текстот веројатно немаше да се потпира на погрешен податок кој ја дезинформира јавноста и ќе беше покомплетен и поинформативен. Брзина за сметка на прецизноста и вистинитоста, едноставно е погрешен избор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција