Рецензија: Замина ли Заев на тајни средби во Грција за да ја свитка кичмата на државата?
Ова е текст полн со шпекулации, манипулации и клевети. Приказната која ја објави еден македонски дневен весник продолжува и наредните денови, но овојпат надградена и проширена низ порталите. И без разлика кој дел од продолженијата да се рецензира и тоа од било кој портал што ја застапува линијата на владата, нема да се погреши во оценката дека тоа се текстови надвор од сите познати новинарски стандарди кај нас и во светот.
Линк до оригиналниот напис: Замина ли Заев на тајни средби во Грција за да ја свитка кичмата на државата?
Датум и време на објавување: 21.06.2014, 12:43
Датум на рецензирање: 24.06.2014
Рецензент: Владо Ѓорчев
НИШТО НЕ Е ВИСТИНА
Најверојатно ништо од текстот не е вистина. Секоја реченица се должи на шпекулација притоа непоткрепена со ништо. Значи вистинитоста на текстот изгледа отприлика вака:
Зошто Заев во Грција влегувал без своето возило и кој го чекал од другата страна и тоа во моменти кога во Њујорк и Брисел се носеле важни одлуки за Македонија.
Се поставуваат прашања во кои е вметната конструкција, а одговорот никаде го нема. Настрана што сите прашања во текстот немаат прашалник, туку завршуваат со точка.
Како извор на информација се нуди дневното издание од кое произлегоа другите шпекулации деновиве. И се е на база на нагаѓање. Значи, од еден текст во дневен весник се вадат пасуси и потоа наводно се „разработува“ тема. Само што тоа не се прави така, и тоа не се прави со сѐ. Нема содржајност, иако на прв поглед ќе ви се причини дека текстот е полн со податоци.
БАЗА НА ТЕКСТ-КОМЕНТИРАЊЕ
Целиот текст е пристрасен. Од првата до последната реченица. Се разбира мислам на политичка пристрасност.
Коментирањето, всушност, е и базата на тесктот. Тој е еден вид коментар со прашања на кои не се нуди одговор. Тоа значи дека некои прашања не заслужуваат одговор или, пак, дека треба да се стрпиме до нова конструкција.
Не може да се утврди кој текст од сите во провладините портали е оргинал. Сите се појавуваат во исто време и со исти или идентични наслови и приказни.
Насловот е посебна приказна. Тој е носител и на главната шпекулација. Подоцна текстот само долева масло на огнот и го зголемува степенот на интрига(?!), инаку насловот е иницијалната каписла за да се даде негативен коментар за овој напис.
Фотографијата е ставена колку за илустрација.
Овие текстови ги читаме со денови. Сите се иста работа, од шупливо во празно. Но, се вртат низ медиумите. Некогаш и не ги дочитувате затоа што навистина секојдневно исти тези не се за читање. Како и да е, мора да се заклучи дека ова е текст каков што не би сакале да ги видиме во медиумите. Можеби за муабет на пазар или во кафеана и може да помине, но во медиуми, во ударни термини и во ударни рубрики, тешко дека треба да помине.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар