Рецензија: Жена ја предизвикала верижната сообраќајка кај Волково

Жена ја предизвикала верижната сообраќајка кај Волково-crop-resize

 

Во нашето општество постојат стереотипи од типот дека жените се лоши возачи и дека ним не треба да им се дава да возат автомобили, а токму тие стереотипи се отсликуваат во насловот на овој текст и подолу во него. Акцентот е ставен на тоа дека жена ја предизвикала минатонеделната верижна сообраќајка кај Волково, што воопшто не е важно како информација. Насловот сам по себе ги дискриминира жените како возачи. Оттука се наметнува прашањето, каков наслов би ставил авторот на овој текст, доколку сообраќајката ја предизвикал маж? Дали во тој случај насловот би гласел: „Маж ја предизвикал верижната сообраќајка кај Волково“?

Жена ја предизвикала верижната сообраќајка кај ВолковоНаслов на анализираниот напис: Жена ја предизвикала верижната сообраќајка кај Волково

Датум и време на објавување:16.12.2014, 01:22

Датум на рецензирање: 22.12.2014

Рецензент: Ана Анастасовска

Целата приказна во текстот, за тоа како се случила сообраќајката и кој ја предизвикал, се темели на изјави од анонимни извори и на неофицијални информации, што го прави текстот неверодостоен.

„Јас сум меѓу последните што налетав, мој е синиот “пасат”. Не знам кој ја предизвикал, чув дека некоја жена застанала на патот, автомобилот излизгал, а таа во паника притиснала на кочницата и застанала. Останатите само налетувале еден на друг, вели еден од возачите.“

Поради отсуството на конкретен извор со име и со презиме, читателот лесно може да дојде до заклучок дека целиот текст е измислен.

Овој текст е преземен од друг портал, но не е наведен линк. Доколку се погледне оригиналниот напис, ќе се види дека акцентот во него е ставен на драмата што се случила и што ја преживеале учесниците во сообраќајката, а не на тоа кој ја предизвикал истата.

Очигледно е дека авторот на овој текст имал цел да ги дискриминира жените како возачи, што е одраз на стереотипите присутни во нашето општество, дека на жените не треба да им се даваат возачки дозволи. Женското движење во светот се бори против негативното претставување на жените, против сексизмот и мизогинијата. Сексизмот упатува на потценувачките гледишта или ставови, кои сметаат дека еден пол или род (најчесто машкиот) е супериорен во однос на другиот (најчесто женскиот). Медиумите кај нас многу често произведуваат зборови и претстави што повредуваат. Негативните стереотипи создаваат негативни предрасуди кон одредени поединци поради нивната поинаквост. Во најголем број случаи дискриминаторското однесување е поттикнато од негативни предрасуди.

Во контекст на ова, а спротивно на ставовите и на целта на авторот на овој текст, да се претстават жените како лоши возачи, би ги спомнала десетте најуспешни жени во трки со автомобили.

Медиумите не се перцепираат само како дел од проблемот на дискриминацијата, туку и како дел од решението на проблемот. Медиумите и медиумските професионалци имаат една од главните улоги во борбата против дискриминацијата и во надминувањето на половите стереотипи. Токму затоа, новинарите не треба да се служат со форми и со написи од овој тип. Многу покоректно и пореално би било доколку насловот на овој текст бил дефиниран поинаку. Она што го интересира читателот е како се случила сообраќајката, дали има повредени и слично, а не дали ја предизвикал маж или жена.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција